Википедија поради својата популарност и голема присутност на интернет стана цел на поединци и групи од идеолошка природа. И покрај механизмите што постојат за проверка на објавените енциклопедиски содржини на Википедија, еден од главните проблеми со кои се соочува оваа семрежна енциклопедија се т.н. троловски активности, односно објавување содржини и коментари што имаат цел да предизвикаат расправија или емоционална реакција. Соговорниците со кои се консултиравме за оваа проблематика, а се долгогодишни уредувачи на повеќе јазични верзии на Википедија, ни посочија дека одредени содржини се политизирани, поради што може да се доведат под знак прашалник валидноста и веродостојноста на достапните информации на Википедија

Повод: Дваесет и третиот роденден на семрежната енциклопедија Википедија

Семрежната енциклопедија Википедија, која има слободна содржина и е отворена за читање и менување, го прослави својот 23-ти роденден. Енциклопедијата беше основана на 15 јануари 2001 година, од страна на Џими Велс и Лери Сангер, и беше замислена како семрежно место за достапни и слободни информации. Википедија многу брзо стекна популарност, а првата нејзина верзија беше достапна само на англиски јазик, но набрзо прераснува во повеќејазична енциклопедија и денес нејзините слободни содржини се достапни на 326 јазици. Според достапните информации што се однесуваат на 2023 година, англиската јазична верзија на Википедија имаше 84 милијарди прегледи на нејзините содржини.
Според нашите соговорници, иако првичната намера беше неограничена достапност на податоците и информациите од секоја област за сите луѓе низ светот, без на разлика на нивното национално потекло или религиската припадност, Википедија поради својата популарност и голема присутност на интернет стана цел на поединци и групи од идеолошка природа. И покрај механизмите што постојат за проверка на објавените енциклопедиски содржини на Википедија, еден од главните проблеми со кои се соочува оваа семрежна енциклопедија се т.н. троловски активности, односно објавување содржини и коментарите што имаат цел да предизвикаат расправија или емоционална реакција. Соговорниците со кои се консултиравме за оваа проблематика, а се долгогодишни уредувачи на повеќе јазични верзии на Википедија, ни посочија дека одредени содржини се политизирани, поради што може да се доведе под знак прашалник валидноста на достапните информации на Википедија.

Неколку македонски уредувачи со кои разговараме ни посочија дека некои јазични верзии на Википедија, поради одредени влијанија од политичка или идеолошка припадност, шират пропагандни активности. Како таква ни беше посочена бугарската јазична верзија на Википедија, каде што сите македонски национални дејци или преродбеници, како браќата Миладиновци, Григор Прличев и Кирил Пејчиновиќ, но и многу други Македонци значајни за развојот на македонската литература, култура и историја, се претставени како Бугари. Нашите соговорници велат дека тоа не е резултат на достапните историски извори и документи, туку за пропагандно дејствување. Како потврда за тоа ни беше посочено именувањето на македонскиот јазик како македонска литературна норма што е во согласност со денешната бугарска политика кон македонските национални особености – јазик, култура, историја и сл. Исто така ни беше воочено дека по потпишувањето на Преспанскиот договор сите содржини што ја имаа придавката македонски се променети со придавката северномакедонски, вклучувајќи ја и содржината за македонската нација, каде што Македонците се именувани како северномакедонци.

За оваа проблематика Снежана Штрковска, претседателка на разгранокот „Викимедија МКД“, вели дека за многу теми не сме можеле да им дадеме онлајн извори зошто е тоа така, зошто го тврдиме тоа, зошто ние сме го учеле тоа така.
– Нам ни требаат онлајн извори, Бугарите имаат, ние немаме – посочи Штрковска.
Според нашите соговорници, проблемот не е во достапноста на онлајн извори, а како потврда за тоа ни ја посочуваат содржината за Гоце Делчев на руската јазична верзија на Википедија. Имено, во руската јазична верзија можеме да прочитаме дека Гоце Делчев е бугарски револуционер од Македонија, а како извор се посочува „Советската историска енциклопедија“, том петти, објавена во Москва, во 1964 година. Но во споменатата оригинална советска енциклопедија, на стр. 84 може да се прочита дека Гоце Делчев бил водач на ВМРО и борец што се стремел за слободата на „македонскиот народ“. На овој начин не само што се нарушуваат објективноста и неутралноста туку се злоупотребуваат и изворите со намера Делчев да се претстави како бугарски револуционер пред корисниците на руската верзија на Википедија. Посочениот извор „Советска историска енциклопедија“ е лесно проверлив онлајн извор и очигледно е дека станува збор злоупотреба на изворите со намера Гоце Делчев да се претстави како бугарски револуционер пред корисниците на руската верзија на Википедија, а ова е само еден од многуте примери што ни ги посочија нашите соговорници.

Некои од уредувачите на македонската јазична верзија на Википедија ни посочија дека повеќе од десет години се соочуваат со т.н. троловски активности што пристигнуваат од Република Бугарија, нешто што е видливо од ИП-адресите. Според нашите соговорници, овие активности имаат чист бугарски пропаганден карактер, бидејќи тие активности се насочени кон убедување на уредувачите на македонската јазична верзија дека Македонците како народ имаат бугарски корени. Дополнително, во изминативе години имало и постојано менување на содржините од македонски карактер и давање бугарски колорит. Нашите соговорници велат дека од страна на македонските уредувачи одредени вакви активности биле прекратени, преку одредени мерки како блокирање на уредувачките права.

Соговорниците со кои говоревме велат дека ако се земе предвид дека станува збор за сензибилни теми што задираат во македонскиот национален идентитет, македонската јазична верзија на Википедија има потреба од поткрепа од македонските научни институции, како што се МАНУ или Институтот за национална историја, за одредени јазични и историски теми, слично како што беше соработката на македонската Википедија со македонскиот државен архив.

Д.Ст.