Заврши расправата за Извештајот на ЕК за 2021 година, пратениците од опозицијата критикуваат дека годинава има најниска оценка
Во попладневниот дел од собраниската расправа во врска со Извештајот на Европската Комисија за Македонија за 2021 година, пратениците од опозицијата ја критикуваа Владата дека има континуиран пад во однос на Извештајот, а дека таа оценка годинава е најниска.
Според опозицијата, во правосудството има преполовен напредок на тоа што е донесено. Љупчо Пренџов пратеник од политичката партија ГРОМ, истакна дека не е само Бугарија виновна за пречките за влезот во Европската Унија, голем дел од причините поради коишто не одиме напред се искажани токму во Извештајот. Тој посочи дека трите најлоши извештаи на Европската Комисија се во времето на владеењето на СДСМ и ДУИ.
Потенцираше дека многу закони се носат по скратена постапка и дека тоа е нотирано во Извештајот.
Пратеничката од СДСМ, Снежана Калевска-Ванчева истакна дека Извештајот е многу важен, но не се согласи со тоа дека Собранието не му обрнува внимание, ниту пак се согласи дека ова е најлош Извештај и дека нема напредок во патот кон Европската Унија.
Претходно во Собранието се расправаше за различни теми, како квалитетот на живот, стареењето на државата, желбата на младите да ја напуштат земјава, а пратениците меѓу себе се обвинуваа за изнесување лаги и манипулации.