„Го отворив судството како пупка. Нема монтирани процеси и нарачани пресуди“, рече своевремено Зоран Заев, пред целата македонска јавност, во рамките на изборната кампања на изминатите парламентарни избори. Тоа беше уште една антологиска изјава на бившиот премиер Зоран Заев, што ќе остане запаметена како ноторна невистина, лага и измама, темпирана бомба наменски активирана, што целосно ја егзекутира судската власт, чин што нѐ прогонува и натаму, нѐ истоштува како држава, нација и како поединци. Денес сите ние ги береме отровните плодови од тие некогаш отворени затруени пупки на судството. Такви „отровни јаболка“, за жал, имаме во изобилство, но редно е веќе да бидат повлечени од „пазарот“ во правосудството, бидејќи довербата од 2 проценти и натаму ќе паѓа
Уште еден судски случај што го става правосудството на сериозен тест
Деновиве е актуелен многу важен судски процес, кој е изваден од фиоките на „пупка-судството“. Зачудува што во моментов за негово мониторирање нема пројавено интерес од некоја странска амбасада, на Кралството Шведска на пример, на ОБСЕ, на Хелсиншкиот комитет, Амнести интернешнел…
Македонија има судски случај можеби не во рангот на глобално популарните Џулијан Асанж или Едвард Сноуден, но сигурно е топ случај во нашиот поширок регион. Македонски суд ќе му суди на Дејан Давидовски-Дешо за дело тероризам, кое не беше препознаено во судската анализа на судството во Шведска. Давидовски е обвинет за случувањата од 27 април, тој се откажа од политичкиот азил што му го даде Шведска, а нему ќе му суди судијата Илија Трпков, кој еднаш јавно кажа „дека одлуката на Шведска нема никаква врска со случувањата во Македонија“. Со други зборови, судијата Трпков вели дека не смее никој да се меша во одлуките на нашето судство затоа што „ние и тие не сме исто“.
ИСКОРИСТЕНО ПРАВОТО НА АЗИЛ
На Давидовски му се става на товар едно од најтешките обвиненија за случајот „27 април“, случај за кој обвинителката Вилма Русковска изјави дека „и покрај тоа што премиерот Заев телефонски ми се јави да бара поблаго дело“, таа со сиот свој габарит, знаење и разум застанала на позицијата дека „за 27 април треба да му се суди за тероризам“. И токму така се случи. А, Давидовски е обвинет како еден од организаторите.
За потсетување, за упадот во Собранието во 2017 година се осудени 16 лица на вкупно 211 години затвор за „терористичко загрозување на државниот поредок“. Дванаесет обвинети, меѓу кои и тогашните пратеници Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Љупчо Димовски и Љубен Арнаудов, добија амнестија. Тие потоа, според многу јавни искази, се „откупиле“ со гласање за промена на името. И ова е уште еден важен елемент за тој случај – сите осудени што одбија амнестија барајќи правдата да победи, сега се во македонските затворски ќелии. Треба да се спомене и фактот што еден осуден нема никогаш да ја дочека правдата, тој почина во својата ќелија.
Шведските судски органи направиле своја анализа и процена на случајот
дека „не би требало да се суди за тероризам“
Дејан Давидовски ги искористи правните механизми што ги нуди Универзалната декларација за човекови права на ОН. Членот 14 на декларацијата вели: „Секој има право да бара и да ужива азил во други земји од прогонство. Ова право не може да се повика во случај на гонење што навистина произлегува од неполитички злосторства или од дела спротивни на целите и принципите на Обединетите нации“.
Шведските судски органи направиле своја анализа и процена на случајот за кој се товари Давидовски, и тоа врз документација доставена од македонските правосудни органи. Затоа и процесот за негова екстрадиција шведските власти го ставија ад акта, затоа што тие се уверени дека на Давидовски не би требало да му се суди за тероризам, тоа дело нема таква тежина, и затоа тие сметаат дека станува збор за политички прогон. Но македонското судство со децении спие на едно уво за вакви случаи, па затоа сега во затворите имаме политички затвореници.
Меѓународната пракса има доста нееднаков третман за прашањето за политичкиот азил, па и азилот воопшто, но за случајот со Давидовски е типично што за него Шведска искажала мислење дека тој не соучествувал во терористички акт, како што тврди Русковска.
ОДБРАНАТА ПРВА ФРЛИ РАКАВИЦА КОН СУДИЈАТА
Давидовски и неговиот адвокатски тим решија да го прекинат овој синџир на носење крајно неиздржани одлуки со тешки обвиненија и тој доброволно им се предаде на македонските органи. Откако помина повеќемесечен притвор, почна судскиот процес против него, а уште на почетокот неговите адвокати фрлија сериозна ракавица – тие побараа судијата Илија Трпков да биде изземен од процесот поради – пристрасност. Одбраната побара изземање на судијата, бидејќи во минатото веќе го искажал својот став токму за Давидовски. Неговиот адвокат Тони Менкиноски вели дека Трпков веќе јавно демонстрирал елементи на автоиндоктринација (усвоил одредена пристрасна доктрина, свое априори уверување и настап во врска со тоа) кога станува збор за овој случај.
– Денеска судијата беше зачуден, но ние му доставивме докази, му доставивме ЦД-снимка и на УСБ, во која очигледно се гледа дека тој е инфициран и има заземено став во врска со овој предмет што денеска треба да го суди, а е пристрасен – изјави Менкиноски.
Одбраната изрази надеж дека Кривичниот суд ќе го прифати нивното барање. Според нив, Трпков веќе постапувал во предметот „Организатори на 27 април“ и веќе се обидел да осуди лица за кривичното дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“. Тие тврдат дека ова создава сомнеж за негова пристрасност и не дава никаква гаранција за фер постапка за обвинетиот.
– Еден предмет каде што шведскиот Врховен суд има одлучено дека се работи за политички азил, значи се работи за постапка што ѝ претходела на постапката во Македонија, значи дал негативно мислење и смета дека одлуката за која се товари не е тероризам – изјави Менкиноски.
Судијата Трпков во своето образложение при одлуката за амнестија на обвинетите за случајот „Организатори на 27 април“ даде свој личен став околу статусот на Давидовски за овој предмет, со што јасно се доведува во прашање неговата непристрасност.
– Каков ќе беше одговорот на системот ако вакви настани со тепање парламентарци, кршење и демолирање се случеа во Парламентот на Шведска и на Грција. Можеме само да замислиме, но сигурно без разлика дали ќе беше третиран како терористичко загрозување на нивниот систем, одговорот ќе беше брз, експедитивен и ќе имаше судска завршница -кажа судијата Трпков на 23 јануари годинава.
Да заклучиме, Трпков смета дека нашето судство има сосема поинаква диоптрија за тој настан од неговите колеги во Шведска (и во Грција). Ако тука ја искажеме констатацијата дека токму поради таквото разбирање на правото, законите, нашето судство е на мизерна стапка на одобрување, сигурно нема да погрешиме. Кај нас не постои и како обвинителско-судскиот систем да сака и да не постои примена на судските практики во Европа, пред сѐ на пилот-пресудите на Судот за човекови права во Стразбур.
Впрочем, пред тој суд двајца апликанти обвинети за 27 април добија позитивни пресуди, плус уште двајца добија политички азил во Грција.
КОНЕЧНО ЈА УВАЖИЈА АМНЕСТИЈАТА
И конечно скопска Апелација не толку одамна ги укина затворските пресуди за поранешниот спикер Трајко Вељаноски, бившите министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски и некогашниот директор на УБК Владимир Атанасовски, кои се обвинети за организација на собраниските инциденти од 27 април, и предметот го врати на повторно судење пред Основниот кривичен суд во Скопје.
„Првостепениот суд врз основа на расположливиот доказен материјал во недоволна мера ги расправил сите спорни околности и не ги утврдил со сигурност сите решителни факти што го чинат обележјето на кривичното дело… Правната теорија и судската пракса се едногласни дека покрај умислата во субјективното битие како субјективен елемент на противправноста, влегува и намерата за загрозување на уставниот поредок или безбедноста на РМ“, се наведува во соопштението од Апелација.
Оттаму забележуваат и дека првостепениот суд не посветил доволно внимание на Законот за амнестија за 27 април.
„Првостепениот суд го повредил правото на обвинетите на правично судење, бидејќи не го расправил во доволна мера прашањето за одредбите што се однесуваат за амнестија на кривичното гонење“, се наведува во соопштението од Апелација.
Две становишта на двајца претседатели на Македонија бараат неселективна правда
За потсетување, бившиот претседател Стево Пендаровски во едно ТВ-интервју рече дека не мисли оти тие луѓе во затвор треба да се бранат оти ја нападнале демократијата, но дека со нови докази и нови сведоци може да се бара повторно отворање на целиот случај.
– Јас луѓето првично ги прашував околу мене за какво кривично дело се гонат, јас знам дека такво кривично дело, мислам формулација таква, немаше на времето ниту во бивша Југославија ниту во 1990-тите години. Тоа е подоцна прифатено. Бидејќи јас нешто знам околу тероризмот и околу безбедносните проблеми и дилеми, јас тврдам дека тие луѓе што влегоа не беа терористи – изјави тогаш Пендаровски.
Како кандидатка за претседател Гордана Силјановска-Давкова изјавуваше дека во името на правдата, етиката и моралот, претседателот на државата е потребно понекогаш да се осмели и да посегне по кочницата наречена помилување.
– Вам, граѓаните, кога некогаш неоправдано ќе се најдете во судот, пред лицето на правдата, односно на неправдата, многу ви е важно дали има шанса од една кочница наречена помилување. Тоа ќе го направам и честопати го спомнувам, особено кога ги имам на ум обвинетите за 27 април. Страшно ме погоди судбината на Јане Ченто. Зар е можно судбината на неговиот дедо да се повторува во 21 век, во современа Македонија. Замислете да бидете обвинети за организирање терористичка закана или за уривање на уставниот поредок на Македонија. Последиците ќе ги чувствувавме до ден-денес ако имаше таква закана – велеше сегашната претседателка на Македонија.
Според неа, делото што им било ставено на товар за време на судењето („терористичко загрозување“) не одговарало на степенот на насилството.
– Тоа се случи за оние што не сакаа амнестија, а сакаат да ја докажат правдата – рече во изборната кампања Силјановска-Давкова.
На обвинетите им се судеше по членот 313 од КЗ
Тој член гласи: „Тој што со намера да го загрози уставниот поредок или безбедноста на Република Македонија ќе предизвика или сериозно ќе се закани со предизвикување експлозија, пожар, поплава или друго општоопасно дејствие или акт на насилство, создавајќи чувство на несигурност или страв кај граѓаните, ќе се казни со затвор најмалку десет години“.
Автор: Христо Ивановски