Третиот извештај на Институтот за европска политика од мониторингот на реформата на јавната администрација во Македонија е фокусиран на пет области: стратегиска рамка за реформа на јавната администрација, развој на политики и координација, јавна служба и управување со човечки ресурси, отчетност и давање услуги
Извештај на Институтот за европска политика (ЕПИ) од мониторинг во Македонија
Во Извештајот за мониторинг на реформата на јавната администрација 2021/2022“, изработен од Институтот за европска политика (ЕПИ), се забележува стагнација или дури и назадување во овие процеси, во однос на состојбите од првиот извештај за 2017 година. Инаку, ова е трет извештај на ЕПИ од мониторинг на реформата на јавната администрација во Македонија, а е фокусиран на пет области: стратегиска рамка за реформа на јавната администрација, развој на политики и координација, јавна служба и управување со човечки ресурси, отчетност и давање услуги.
Во областа развој на политики и координација има значително назадување од последниот циклус на мониторинг во однос на редовното објавување информации за активностите на Владата. Имено, Владата ги нема објавено годишните извештаи за работа за 2020 и 2021 година. Исто така, има најмалку четири национални стратегии и три тековни планови објавени од Владата, за кои нема објавено извештај за реализација во последната извештајна година. Ситуацијата останува иста како и во минатиот циклус во врска со владиното објавување документи поврзани со нејзините седници. Владата сè уште објавува дневни редовни соопштенија и записници од седниците, а не ги објавува документите што се усвојуваат на седниците. Владата продолжи да ги соопштува своите одлуки на разбирлив начин за граѓаните.
Во извештајот е повторно забележано дека користењето на агенциите за привремени вработувања е отстапување од Законот за вработување во јавниот сектор (ЗВЈС), со оглед на тоа што вработените не се обврзани да исполнуваат критериуми и можат да влезат во јавната служба без јавен оглас, што е прекршување на принципот на заслуги.
Законот за трансформација во редовен работен однос му дозволува на функционерот да ангажира повеќе луѓе привремено, вклучувајќи и на подолг период, доколку има согласност од Министерството за финансии.
Високите раководни позиции во државната служба сè уште зависат од дискрециското право на функционерот, односно станува збор за политички назначувања и разрешувања, бидејќи Законот за висока раководна служба (ЗВРС), кој треба да го воведе принципот заснован на заслуги и отворен конкурс при назначување на високи раководни позиции, сè уште не е донесен.
Законот за спречување судир на интереси и Државната комисија за спречување на корупцијата претставуваат солидна законодавна и институционална рамка, но не постојат одредби/политики за интегритет во рамките на јавната служба. Управувањето со интегритетот на административните службеници би требало да биде одговорност на МИОА, но нема назначени лица задолжени за тоа прашање.
Најдобри резултати и напредок се забележани во однос на комуникацијата и соработката на Државниот завод за ревизија со јавноста во врска со неговата работа. Во овој мониторинг-извештај се забележува евидентно назадување во однос на достапноста на информации за спроведените јавни набавки и јавната достапност на информации за јавните внатрешни финансиски контроли (ЈВФК) и парламентарната контрола.
Годишните планови за јавни набавки се достапни на Националниот е-портал за јавни набавки за сите министерства и државни институции, а најголемиот дел од плановите за јавни набавки е објавен на веб-страниците на министерствата. Сепак, загрижувачки е што не беа пронајдени извештаи за спроведените јавни набавки за ниту еден од договорните органи на централно ниво што беа предмет на анализа во последните две календарски години.
Состојбата останува иста во однос на објавувањето на повратните информации од граѓаните за квалитетот и задоволството од испораката на услуги од административните служби, имено повратни информации има само за две услуги од МВР. Има одредено подобрување во однос на форматите на отворени податоци, бидејќи во текот на овој циклус на мониторинг, за две од пет анализирани услуги беа објавени информации во формат на отворени податоци. Ј.П.