Париз, Градот на Светлината, од денеска до 11 август ќе биде неформалниот главен град на спортот во светот. Близу 11 илјади спортисти ќе се борат за престиж, за рекорди, за медали и за пари. Одново чука срцето на баронот Пјер де Кубертен, закопано во Олимпија на Пелопонез, одвоено од телото што лежи во Лозана. Името на овој Француз, педагог и историчар, се слави како обновувач на античките олимписки игри што се овенчувале со лаврови венци 7-8 века пред новата ера. Способен и упорен, богат меѓу другото, го остварил својот сон во 1896 година и оттогаш до денес еве ги игрите, летните олимписки игри. Во Париз, повторно по сто минати години.
Истиот Кубертен, иницијативен, авторитетен и влијателен, во 1913 година ја дал идејата за креирање на олимпиското знаме со пет круга, за првпат развеано на Игрите во Антверпен во 1920 година. Речиси нема човек што не ги видел и не знае дека петте разнобојни олимписки кругови ги претставуваат петте континенти на Земјата. Синиот ја претставува Европа, црниот Африка, жолтиот Азија, црвениот – двете Америки, а зелениот Австралија. Всушност, оваа симболика покажува дека игрите се едно сеопшто натпреварување, достапно за секого, без обѕир на бојата на расата, бојата на кожата и потеклото. Под службеното мото кое гласи „побрзо, повисоко, посилно“ и под неслужбеното „не е важно да се победува, важно е да се учествува“.
Игрите, летни или зимски, на секои четири години, колку-толку, го обединуваат спортскиот свет, што не може да се рече и за политичкиот. Од политички вируси не е имун ниту Олимпискиот комитет, кој во последните децении подлегнува на политички влијанија и носи одлуки што отскокнуваат од основните принципи на Игрите. Каде што е силата таму и олимпијците се немоќни.
Господата што ги усвоиле круговите како светски симбол не го направиле изборот случајно. Тие ја имале превид широкостраната симболика на кругот, кој од најрани времиња има разни значења и толкувања, од обични до најчудни. Кругот е универзален симбол што означува севкупност, целовитост, едновременост, совршенство на природната хармонија. Тој ги симболизира безвременоста, беспросторноста, бесконечноста, зашто нема ни почеток ни крај.
Симбол на небеското единство, приказ на небеските циклуси. Сонцето е круг, сите планети, што значи и сите живи суштества, кружат околу него.
Уште од најдревните времиња кругот, преку разни геометриско- математички варијанти, служел како инструмент за мерење на времето. Така го користеле Вавилонците. Во грчката епоха необичните симболи на кругот се претставени низ змијата што си ја гризе опашката. Во христијанската иконографија мотивот на кругот ја симболизира вечноста. Во сатанизмот и во магиите се користи за повикување на демоните, а се среќава низ многу знаци на масоните.
Удвоени кругови претставуваат машко и женско, љубов и знаење. Три круга се симбол на нераскинливата врска на тројца, во христијанството тоа се Отецот, Синот и Светиот дух. Четири – се симбол на мудроста, знаењето, надежта и стравот.
Според христијански толкувања, Светиот гроб во Ерусалим е проектиран во заоблен облик, полукруг, како што потоа се градат сите христијански цркви, за да се претстави, преку сводот, поврзаноста на човекот со универзумот, кој е сличен на човековиот череп. Спротивното тврдење е дека христијанските храмови се градат по сликата на распнатиот Исус, за да се покаже дека човекот, всушност, е постојано распнат помеѓу природата, луѓето и себеси.
Можеби се претерани некои објаснувања, но од магионичарите до атомските физичари нудат едно зачудувачко сознание дека сферичноста на универзумот и тркалезноста на човековата глава (меѓу нив и на мојата и на вашата) се знаци на совршенството на природата. Се разбира, без разлика што и колку има во главата, зашто станува збор за формата, а не и за содржината.
Кругот е симбол на заштита на животот на човекот и сигурност во неговите затворени граници. Заштита од демони, од зли сили, од лоши луѓе, од туѓи клетви. Оттука и легендите за заорување круг околу градовите, како одбранбен појас од сите војни и лошотии, да се спречи продор на непријателите, на душите што талкаат и на ѓаволите. Симболични ритуали на заштита, меѓу другото, се гледаат кај православните верници со трипати изведеното кружење околу црквите за Велигден, а кај муслиманите кај аџиите во Мека, кои, молејќи се, вртат три круга околу Каба, Светиот камен.
Таа заштита ја бараат и луѓето, во обичниот, практичниот живот, со употреба на разни предмети во кружна форма. Заштитен круг кај поединецот може да е прстен, белезица, ѓердан, појас и слични предмети во форма на круг. Најдобар пример е облината на царската круна или круната на кој било владетел. Во круг се подигани одбранбените тврдини, заштитни фортификации за одбрана од непријателот, а кружни се и воените опсади.
И примерот со прстенот: прстенот – талисман, бурмата – амајлија, биле користени уште од античко време. Овие кругови имале улога не само на украс туку и на предмети што ја одржувале сплотеноста меѓу телото и душата. Денес сѐ повеќе гледаме и мажи и жени што не носат само едно парче туку повеќе на број прстени, белезици, синџирчиња или други кружни предмети, од злато, бело сребро или чиста бижутерија, сеедно. Најочигледен и најпочитуван, да не речеме свет кружен симбол од овој вид, е венчалната бурма, која означува врска, сојуз, завет, заедница, доброволно и слободно прифатена верна поврзаност и делење заедничка судбина. Такво е значењето на бурмата во брачната симболика, а како е во практиката, тоа секој (секоја) за себе си знае.
Кој и да пишува на темата кругови, никако не ќе може да ги одбегне – деветте круга на пеколот. Иако никој не ги видел, никој што низ нив поминал не се вратил од задгробниот живот назад на Земјата за да раскаже како е таму, верувањата (или суеверијата) дека постојат се повеќе од убедливи. Иако и на Земјата има луѓе што во текот на животот, при одредени ситуации, „врват“ низ пеколот.
Има и меѓу нас луѓето такви што цел живот вртат околу некои кругови, како што има и обратно – некои никако не можат да излезат од своите маѓепсани кругови. А и животниот циклус на човекот што не се дели на секои четири години е еден несовршен круг, како тркалото. А ретко кое тркало на животот се вртело по волјата на самиот човек за да може тој круг да го направи идеален и совршен.
Трката со животот не е спортска дисциплина, во многу нешта се разликува од олимписките спортски игри. Животниот маратон се трча под други околности, правила и норми. И во него не е важно да се победува, доволно е да се учествува. Да се слават игрите, да се слави животот.