Комесарот за човекови права на Советот на Европа, Мајкл О’Флаерти, по посетата на Македонија (од 22 до 25 април 2025 година), сега во Стразбур го објави документот наречен Меморандум за човековите права на Ромите и импликациите врз човековите права од сериозните еколошки предизвици, кој се однесува на нашата земја. Во меморандумот, комесарот за човекови права на Советот на Европа, Мајкл О’Флаерти, искажа зборови на пофалба во многу сегменти, но исто така имаше забелешки во однос на потребата за напредок. Во продолжение пренесуваме извадоци од меморандумот на Мајкл О’Флаерти, преку кои ќе се добие целосна слика за неговите впечатоци при непосредната посета на Македонија во април годинава
Меморандум на комесарот за човекови права на Советот на Европа, Мајкл О’Флаерти, за човековите права на Ромите
во Македонија
Во врска со човековите права на Ромите во Македонија, комесарот за човекови права на Советот на Европа, Мајкл О’Флаерти, ја пофалува долгогодишната посветеност на нашата земја, особено преку Националната стратегија за вклучување на Ромите (2022–2030).
1. Комесарот за човекови права на Советот на Европа ги признава и ги забележува придобивките и напорите на владините тела, народниот правобранител и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и ја забележува клучната улога на граѓанското општество во јакнењето на ромските заедници. Тој го поздравува вклучувањето на жените Роми во сите овие структури.
2. Комесарот го издвојува како позитивен напредокот во искоренувањето на бездржавјанството и подобрувањето на граѓанската регистрација кај Ромите, што е клучно за обезбедување пристап до човековите права. Тој охрабрува динамична имплементација на новите законски рамки и проактивно ангажирање со ранливите заедници за да се спречат идни случаи.
3. Натаму, комесарот за човекови права на Советот на Европа, Мајкл О’Флаерти, забележува напредок во пристапот на децата Роми до образование и ги истакнува добрите практики. Тој повикува на подобрен пристап до предучилишна возраст; насочени напори за намалување на стапките на напуштање на училиштето преку решавање на клучните причини, вклучувајќи ги сиромаштијата, миграцијата и раните бракови, и акција за справување со тешката положба на околу 400 деца на улица. Тој ја нагласува потребата од елиминирање на училишната сегрегација на ромските деца преку спроведување на правилата за опфатна област, локални планови за десегрегација изработени со придонес од Ромите, информирање на родителите што не се Роми и следење на напредокот преку национално мапирање на засегнатите училишта.
4. Тој охрабрува континуирана посветеност на спроведување на пресудата на Европскиот суд за човекови права во случајот „Елмазова против С. Македонија“.
5. Во врска со полициското работење и правдата, тој го поздравува напредокот во односот на тие служби, но изразува загриженост за елементи каде што лоцирал „прекумерна употреба на сила за време на апсењата“, како и „неказнивост за случаи на незаконска употреба на сила“. Тој препорачува властите апсолутно да го спроведуваат начелото на „нулта толеранција за полициско насилство“, вклучително и врз Ромите. Тој, исто така, препорачува зајакнување на механизмот за надворешен надзор.
Некои забелешки во меморандумот на О’Флаерти од областа на конкретната
имплементација на генерално добрата регулатива за заштита на природната средина
Комесарот за човекови права на Советот на Европа, Мајкл О’Флаерти, посебно се осврна на еколошките ризици (што непропорционално влијаат врз Ромите), вклучувајќи ги загадувањето на воздухот и отпадот, недостигот од санитарни јазли и јавните услуги. Во меморандумот, тој го забележува позитивниот придонес на Ромите што рециклираат неформален отпад и е импресиониран од социјалните иницијативи за нивно формално признавање и вработување.
Осврнувајќи се на пошироките еколошки прашања, комесарот за човекови права на Советот на Европа, Мајкл О’Флаерти, ги забележал „силната законска и политичка рамка и меѓународните обврски на нашата држава Македонија, вклучувајќи го и уставното признавање на правото на здрава животна средина, криминализирање на екоцидот и ветување за постепено укинување на јагленот“. Но, во таков контекст, сепак тој изрази доза жалење поради несоодветната и недоволна имплементација на добрите законски решенија и регулатива. Токму нецелосната имплементација, според него, може да доведе до негативно влијание врз здравјето и човековите права, при што градови како што се Скопјe, Битола и Тетово се меѓу најзагадените во Европа. Тој подвлекува дека „предизвици остануваат во управувањето со отпадот, контролата на загадувањето и јавниот пристап до информации за животната средина“…
Предлог на комесарот во меморандумот: Судовите да бидат овластени да се справуваат со „повредите на човековите права во животната средина!“
Пристапот до ефикасни правни лекови е клучен за обезбедување пристап базиран на човекови права за борба против деградацијата на животната средина. Во светлината на општата позиција усвоена од Врховниот суд во октомври 2024 година, која го потврдува правото на чист воздух, комесарот препорачува да се обезбеди судовите да бидат овластени да се справуваат со повредите на човековите права во животната средина. Тој, исто така, препорачува обука за судии и обвинители за поврзаноста меѓу животната средина и човековите права. Комесарот дополнително ја забележува потребата од поддршка на бранителите на човековите права во животната средина.
Конечно, комесарот забележува дека земјите членки на Советот на Европа имаат позитивна обврска според Европската конвенција за човекови права да се справат со ефектите од климатските промени. Повикувајќи се на пресудата на Европскиот суд за човекови права во случајот „Вереин Клима Сениоринен Швајц и други против Швајцарија“, тој препорачува што е можно поскоро усвојување на „законот за климата“, потоа „воспоставување оперативен инвентар на стакленички гасови“, како и „ажурирање на Националниот утврден придонес според Рамковната конвенција на ООН за климатски промени“. Тој, исто така, ја забележува потребата за зајакнување на процедуралните заштитни мерки преку пристап до јавни информации, учество и одговорност во еколошките процеси.
Одговор од македонската влада на меморандумот на комесарот за човекови права на Советот на Европа, Мајкл О’Флаерти
Препораките дадени од комесарот ќе бидат внимателно разгледани од страна на надлежните органи
Нашата земја високо го цени своето членство во Советот на Европа, во кој оваа година ќе ја прославиме нашата 30-годишнина. Остануваме посветени на вредностите и стандардите на организацијата, нејзината мисија за промовирање на демократијата, човековите права и владеењето на правото, како и на обврските што произлегуваат од членството, се вели во официјалниот одговор од македонската влада на меморандумот на комесарот за човекови права на Советот на Европа, Мајкл О’Флаерти, при што се додава дека нашите институции „придаваат големо значење на институцијата Комесар за човекови права, а посетата на комесарот О’Флаерти од 22 до 25 април 2025 година беше високоценета“.
– Благодарни сме за неговата љубезна потврда за соработката добиена за време на неговата посета. Исто така, ја поздравуваме иницијативата на комесарот да објави Меморандум за човековите права на Ромите и за прашања поврзани со правото на чиста и здрава животна средина, како и можноста за поднесување коментари во врска со меморандумот – се вели во одговорот на нашата влада и се издвојува дека „препораките дадени од комесарот ќе бидат внимателно разгледани од страна на надлежните органи“
– Остануваме отворени за конструктивен дијалог и континуирана соработка со комесарот за човекови права и Советот на Европа воопшто – се вели во одговорот.
Министерството за образование и наука на Северна Македонија, во врска со ставот 16 од меморандумот, покрај веќе нагласената заложба на Министерството за образование и наука за зголемување на пристапот до образование за Ромите, Министерството за образование и наука сака да го информира комесарот дека е првото министерство што успеа да ги воведе сите мерки од Националната стратегија за Ромите и акционите планови за образование како одржливи образовни политики за Ромите, со нивно вградување во Законот за образование.
Тони Гламчевски, постојан дописник на „Нова Македонија“ од Франција