
- Намерата е Германија да врати поголем дел од сопствениот суверенитет и на тој начин дома да го олабави притисокот дека го изгубила својот идентитет.
- Од друга страна, со тоа што ќе им даде шанса на земјите кандидати и тие да станат дел од ЕУ, но преку „прием во пакет и со ограничени права“, ќе ги замолчи противниците на проширувањето и конечно ќе ги заокружи европските граници во вистински момент кога се направи новата геостратегиска прераспределба на влијанија низ светот
Без внатрешни реформи на Европската Унија, процесот на проширување е целосно невозможен со ниту една земја кандидат, а она што станува многу пореално и поизвесно, тоа е дека евентуалното проширување на Унијата ќе се случи единствено во пакет во кој ќе влезат сите земји кандидати.
Резервите кај постарите земји членки и противниците на проширувањето дека со новиот прием ЕУ ќе внесе „болно ткиво“ во сопственото тело и дека уште дополнително ќе се усложни процесот на одлучување, всушност ќе бидат неутрализирани така што плановите се правата на новите членки да бидат ограничени. Тоа пред сѐ ќе се однесува на правото на глас, правото на делегирање комесари, како и правото за учество во некои тела на Унијата сѐ додека целосно не ги исполнат потребните европски критериуми, по што етапно ќе се стекнуваат со привилегиите што ги носи полноправното членство.
Ваквиот пристап на официјален Брисел ќе значи истовремено почеток на долгонајавуваната внатрешна реформа од една страна, како и конечно заокружување на процесот на проширување од друга страна. Клучната цел е да се затвори прашањето за проширувањето, да се спречат инволвирање трети страни и влијанија во регионот, но и да се постават контурите на идната Европска Унија, која ќе биде многу поефикасна и покредибилна.
Внатрешните реформи паралелно со проширувањето
Потврда дека работите се движат во таа насока е новиот коалициски договор меѓу идните владини партнери во Германија, во кој внатрешните реформи во ЕУ, како и процесот на проширување преку пакет-пристап за земјите кандидати, добива на тежина во рамките на идните германски планови во однос на европските политики.
Имено, во коалицискиот договор „Одговорност за Германија“ меѓу ЦДУ, ЦСУ и СПД, во една од точките е наведено дека „ЕУ мора да стане способна за проширување преку своите внатрешни институционални реформи“.
– Ние се залагаме за чекор по чекор пристап кон интеграцијата за земјите кандидати. Ние сме за постепено вклучување во програмите и политиките на ЕУ, доделување статус на набљудувач во Европскиот парламент и Советот на ЕУ и придружно членство во одредени области како што се заедничка надворешна и безбедносна политика (ЗНБП) и пристапните реформи во Западен Балкан (ПРЗБ), без право на глас. Пристап во ЕУ на шесте земји од Западен Балкан, Украина и Република Молдавија е во нивен заеднички интерес. Овој проект ќе биде помаган преку Берлинскиот процес, затоа што мораме да им помогнеме на земјите од Западен Балкан – се наведува во коалицискиот договор на новата германска влада.
Тоа што целиот процес ќе биде потпомаган преку Берлинскиот процес говори за јасната намера на официјален Берлин повторно да се наметне како нов европски лидер што паралелно ќе ги предводи внатрешните реформи и процесот на проширување, со оглед дека Франција, чиј претседател сѐ повеќе ја губи довербата кај француските граѓани, повеќе се залага за милитаризација на Европа без да ги споменува внатрешните реформи, а уште помалку да говори за проширувањето. Дотолку повеќе што уште претходно германските политичари, во рамките на плановите за внатрешно реструктурирање на ЕУ, заговараа промена на консензуалното одлучување внатре во Унијата и поголема вклученост на земјите од Западен Балкан во европските процеси.
Француско-германски сојуз за заокружување на европската приказна
Познавачите на европските состојби всушност во новиот коалициски договор во Германија, во кој се става фокус на внатрешните реформи на Унијата и на поинаквиот процес на проширување, препознаваат добро смислен потег на официјален Берлин повторно да се факторизира на европската сцена.
– Новата германска влада има посуверенистички пристап и целосно го напушта концептот на претходната влада, свесна дека ако продолжи со таквите политики, тогаш на следните избори подемот на партијата АфД ќе биде уште поголем, со интенција антилибералната коалиција многу брзо да застане на чело на новата германска влада. Од тие причини Берлин сака пред Германците да претстави нова визија, дека Германија е повторно моќна и дека Германците одлучуваат за судбина на сопствената држава, а реформите внатре во ЕУ треба да им го овозможат тоа. Напливот на емигранти ќе се намали со ригорозните услови што се враќаат во сила, а со тоа што им се дава шанса на земјите кандидати да влезат во Унијата во пакет без билатерални условувања се испраќа и порака до граѓаните во тие земји, наместо да ги преплавуваат другите европски земји, да почнат да работат на реформите дома бидејќи нивната европска перспектива е гарантирана. Тука може да се бараат причините зошто Германија одеднаш ја заострува емиграциската политика, ја намалува можноста за стекнување брзо државјанство, зошто ги укинува бенефициите за работниците што доаѓаат од Балканот и слично. Намерата е Германија да врати поголем дел од сопствениот суверенитет и на тој начин дома да го олабави притисокот и да ги демантира обвинувањата дека го изгубила својот идентитет. Од друга страна, со тоа што ќе им даде шанса на земјите кандидати и тие да станат дел од ЕУ преку прием во пакет и со ограничени права ќе ги замолчи противниците на проширувањето и конечно ќе ги заокружи европските граници во вистински момент кога се прави новата геостратегиска прераспределба на влијанија низ светот – велат познавачите.
Според нив, ова сега е буквално борба меѓу Франција и Германија кој ќе го преземе европското кормило, но не треба да се исклучи и можноста дека станува збор за интерен француско-германски договор заеднички да се раководи со Унијата преку поделба на влијанијата.
– Од потезите што се влечат може да се заклучи дека внатрешните реформи на ЕУ мора да се случат што поскоро или, во спротивно, ваквата Унија едноставно не може да функционира повеќе. Очигледно и Германија и Франција се вртат кон суверенистичкиот пристап, така што официјален Берлин сака да ја врати лидерската улога (што ја имаше од времето на поранешната канцеларка Ангела Маркел), додека Франција повеќе е ориентирана да го преземе безбедносниот аспект на Унијата, што вклучува европски вооружени сили и снабдување со оружје на европскиот континент исклучиво од француско производство, што би донело огромна бенефиција за француската економија. Пакет-приемот на земјите кандидати, но со ограничени права, всушност е од исклучителна важност за ЕУ бидејќи ќе се истиснат секакви други влијанија, а земјите ќе се обврзат на условите што ќе ги диктираат Берлин и Париз. Она за што никој не треба да има никаква дилема, тоа е дека приемот на земјите кандидати ќе оди исклучиво во пакет и никако поинаку. Ниту Црна Гора, ниту Албанија, ниту некој друг ќе оди побрзо, туку сите заедно ќе влезат без право на глас, без комесари, како набљудувачи во Европскиот парламент и Европскиот совет. После, секој со својата среќа, односно кој ќе напредува во реформите, можеби порано ќе добие некој од европските бенефиции. Важно е дека ќе се осигури европската перспектива на регионот и еднаш засекогаш ова прашање ќе биде затворено – заклучуваат познавачите на европските состојби.