Македонија повторно се соочува со пожари што можат да предизвикаат елементарна непогода за шумскиот фонд и да нанесат повеќекратни штети. На пример, во изминатите 48 часа беа регистрирани повеќе пожари на целата македонска територија, а според последните информациите на Центарот за управување со кризи (ЦУК), има еден активен пожар и 12 изгаснати. ЦУК е во постојана комуникација и координација со силите на терен
Македонија повторно во опасност од бесните шумски пожари
И ова лето пожарите се предизвикани од високите температури и невниманието на човековиот фактор, но и намерните агресори што подметнуваат пожари. Надлежните институции ги повикуваат граЃаните да бидат внимателни, да ја почитуваат забраната за движење во шумите, да не фрлаат догорчиња на отворен простор и да не палат оган. Неколку примери посочуваат дека некои од пожарите се подметнати.
Во Струмица, кај селата Ангелци и Вељуса, гореше стрниште, кое е изгаснато со две противпожарни возила и шест пожарникари. Во Валандово, кај селото Пирава гореше деградирана шума. Пожарот е изгаснат од ТППЕ – Валандово со шест пожарникари и две возила и од ЈПНШ подружница Саланџак – Валандово, со шест вработени и две возила. Во радовишките села Ињево и Воиславци гореше стрниште, а пожарот е изгаснат со две противпожарни возила и пет пожарникари. Кај селата Житоше и Борино имаше шумски пожар на нискостеблеста деградирана дабова шума, кој е изгаснат со едно противпожарно возило со четири пожарникари, тројца вработени во ЈП „Национални шуми“, подружница Липа – Крушево, и четири лица од месното население.
Изгаснат е пожарот на депонијата во Крушево со едно противпожарно возило и двајца пожарникари. РЦУК – Штип информира дека пожарот на стрниште кај месноста Лезовски Кантон е изгаснат со едно противпожарно возило и тројца пожарникари. Изгаснат е и пожарот во општината Јегуновце, во кој беа зафатени покривната конструкција и еден кат од куќа во селото Орашје. Пожарот е изгаснат со три противпожарни возила и 12 пожарникари.
Во Тетово гореа сува трева и ѓубриште до стариот објект на Воспитно-поправниот дом во Тетово. Пожарот е изгаснат со две противпожарни возила и четири пожарникари. Со едно противпожарно возило и тројца пожарникари е изгаснат пожарот на стрништето во селото Романовце, Кумановско. Во општината Кичево, село Ложани, гореше стрниште. Пожарот е изгаснат со едно противпожарно возило и тројца пожарникари. Пожарот што почна во селото Гајре, општина Тетово, е целосно локализиран од страна на ТППЕ – Тетово, со две противпожарни возила и шест пожарникари.
Изгаснат е и пожарот кај стариот пат од Тетово кон Желино, каде што гореа сува трева и ѓубре. Во гаснењето се вклучи ТППЕ – Тетово со едно противпожарно возило и четворица пожарникари. Во селото Челопек, општина Брвеница, од мали деца, од невнимание, било запалено балирано сено. Се интервенирало со две противпожарни возила и пет пожарникари.
Неколку пожари го зафатија и Куманово. Пожарникарите гаселе пожар на различни локации во населбата Бабин Дол, а горело и запалено ѓубре во населбата Перо Чичо, каде што пожарникарите гаселе со две возила. Во месноста Менкова Колиба имало пожар на стрниште, а во близината на филтер-станица горела сува трева. Во селото Романовце било запалено стрниште.
Според последните информации на Центарот за управување со кризи (ЦУК), пожарот кај селото Фурка, меѓу општина Дојран и Богданци, е сѐ уште активен, но со намален интензитет. Гори деградирана шума-прнар, а наместа има и борова шума. Пожарот е активен на кракот на западната страна кон Богданци и мал крак кон рибникот „Елита“.
Како што информира Центарот за управување со кризи (ЦУК), на терен се излезени 40-50 луѓе од ТППЕ – Гевгелија, Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) – Валандово, ЈПНШ подружница Кожув и локалното население.
Од ЦУК информираат дека се ангажирани Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) од Гевгелија, со 10 до 14 пожарникари и три противпожарни моторни возила, доброволното противпожарно друштво „Дојран“ со четири лица и едно возило, „Комуналец“ – Гевгелија со една цистерна и двајца вработени за дотур на вода, комуналното „Дојран“ со две возила и 10 вработени, јавното претпријатие „Национални шуми“ – подружница Кожув од Гевгелија со две возила и 10 вработени, ТППЕ – Кавадарци со 2 противпожарни возила и осум пожарникари, ТППЕ – Валандово со едно противпожарно возило и тројца пожарникари, Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) – Валандово со едно возило и пет члена на тимот за брз одговор, МВР ПС Гевгелија со две патролни возила и ТППЕ – Струмица со едно возило и четири-пет лица.
Пожарот кај селото Фурка беше регистриран на 7.8.2022 година, во 10 часот, а беше проследен со силен ветер од северен правец и се прошири до браната Паљурци. По пријава на пожарот, надлежните излегоа на терен, а во гасењето на пожарот учествуваше и хеликоптер од АРМ.
Делумна забрана за движење во шума
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, по барање на ЈП „Национални шуми“ – Скопје, во согласност со членот 57 став 2 од Законот за шумите, даде согласност за воведување делумна забрана за движење во шумите и шумското земјиште. Делумната забрана за движење во шума стапи во сила од 24.6.2022 година и ќе трае до процената дека е намален ризикот од појава на шумски пожари, односно до нејзиното отповикување. Движењето е дозволено единствено со писмено одобрение издадено од подружниците на ЈП „Национални шуми“ – Скопје за подрачјето со кое стопанисуваат или управуваат, а за забраната се одговорни вработените од ЈП „Национални шуми“ што вршат дејност заштита, Шумската полиција и МВР.
За непочитување на оваа забрана на физичките лица што ќе бидат затекнати дека се движат во шума и шумско земјиште, во согласност со членот 106 од Законот за шумите, ќе им биде изречена парична казна од 1.500 до 2.000 евра во денарска противвредност.