А Македонецот никогаш нема да се согласи да ги напише тие зборови така, затоа што тој ѫ го изговара како глув глас, и ќе напише: собери, создаде, син, конец, народ, коренот и сл., бидејќи ги изговара со о, пишува Дринов во својата статија од 1873 година
Хораст Г. Лант, професор на Универзитетот „Харвард“: Бугарските научници, кои тврдат дека концептот за македонски јазик бил непознат пред Втората светска војна или продолжуваат да тврдат дека македонскиот јазик не постои, не само што се нечесни туку се и смешни
Официјална Софија поради одредени политички и историски околности, тврдоглаво одбива да го признае постоењето на македонскиот јазик и покрај јасниот став на светската лингвистичка наука за ова прашање. Доколку се земе предвид дека литературниот јазик е последната етапа во развојот на писмениот и говорниот јазик на една нација, кога за една определена територија се воведуваат единствени правописни и ортоепски норми, тогаш е неизбежен заклучокот дека со негирањето на македонскиот јазик, одредени бугарски политичари и добар дел од бугарската научна фела, всушност го негираат постоењето на македонската нација, односно националните белези на припадниците на македонскиот народ.
Негирањето на македонскиот јазик како нешто одделно не е новина во бугарското општество, но во изминативе години, особено по потпишувањето на т.н. Договор за пријателство со Бугарија, прашањето за македонскиот јазик стана една од централните теми на бугарските политички кругови. Ова беше особено видливо во искажувањето на Екатерина Захариева, поранешна бугарската министерка за надворешни работи, дека македонскиот литературен јазик е напишан врз основа на западнобугарскиот дијалект.
Овие негативни ставови за македонскиот јазик беа пренесени и во институциите на Европската Унија преку посебна декларација, која беше дистрибуирана од Министерството за надворешни работи на Република Бугарија пред првата меѓувладина конференција меѓу Македонија и ЕУ. Во декларацијата беше укажано дека упатувањето во документите на ЕУ на официјалниот јазик на Македонија во никој случај не треба да се толкува како признавање од Република Бугарија на македонскиот јазик.
– Бугарскиот литературен јазик има шест регионални писмени норми (кодификации). Три од нив се засновани на дијалекти, а три на литературен бугарски јазик. Создавањето на „македонскиот јазик“ во 1944-1945 година во поранешна Југославија беше чин на секундарна кодификација (рекодификација) заснована на бугарскиот литературен јазик, дополнително „збогатен“ со локални форми, со што се симулираше „природен“ процес заснован на дијалектна форма – беше нагласено во споменатата декларација на бугарското Министерство за надворешни работи.
Но овие тврдења одамна се отфрлени од светската лингвистика. Во овој правец е и искажувањето на Хорас Г. Лант, истакнат американски славист, македонист и професор на Универзитетот „Харвард“.
– Бугарските научници, кои тврдат дека концептот за македонски јазик бил непознат пред Втората светска војна или продолжуваат да тврдат дека македонскиот јазик не постои, не само што се нечесни туку се и смешни, додека, пак, грчките научници, кои имаат слични тврдења, покажуваат арогантно непознавање на нивните словенски соседи – нагласува Хорас Г. Лант.
Тука треба да се посочи и согледувањето на Лоринг Данфорт, американски професор по антропологија. Тој се осврнува на ставот на лингвистите, кои потеклото на македонскиот јазик го припишуваат на нивната волја, нагласувајќи дека сите јазици во процесот на стандардизација имаат одреден политички и историски контекст за нив и фактот дека македонскиот јазик имаше политички контекст во кој беше стандардизиран не значи дека не е јазик.
Дека бугарските негирања на македонскиот јазик се апсурдни и немаат основа се потврдува и од самите бугарски архиви, кои изобилуваат со документи и извори што ги потврдуваат особеностите на македонскиот јазик. Тука може да се спомене и една статијата од 1873 година, објавена во „Периодичното списание на бугарското книжевно друштво во Средец“. Конкретно статијата е напишана од Марин Дринов, руски историчар и филолог од Бугарија во периодот на преродбата, кој поголемиот дел од својот живот го поминал во Русија и работел таму. Бил еден од зачетниците на бугарската историографија и основач на Бугарската академија на науките (тогашно Бугарско книжевно друштво), како и нејзин прв претседател.
Марин Дринов во споменатиот текст ги брани своите ставови за новобугарската азбука, како и употребата на некои букви, од критиките на Крстанович, кои биле објавени во „Училиште“ и „Знание“. Бранејќи ги своите погледи, особено за буквите ъ и ѫ, Дринов нагласува дека ги користи на тој начин поради нивната потреба од населението во Македонија. Во својата одбрана, Дринов на индиректен начин ги признава особеностите на македонскиот јазик.
– А Македонецот никогаш нема да се согласи да ги напише тие зборови така, затоа што тој ѫ го изговорува како глув глас, и ќе напише: собери, создаде, син, конец, народ, коренот и сл., бидејќи ги изговара со о – пишува Дринов во својата статија.
Според нашите соговорници, кои се добро упатени во оваа проблематика, светската лингвистика има јасен став за посебностите на македонскиот јазик, а тоа се потврдува и од многубројните историски сведоштва и документи. Според нив, негирањето на македонскиот јазик е политички мотивирано и во голема мера се должи на македонското малцинство во Република Бугарија.
– Крајно време е Бугарија да се откаже од ирационалните и апсурдни тврдења дека македонскиот јазик не постои. Овие негативни тенденции само ги усложнуваат односите помеѓу Македонија и Бугарија, а предизвикуваат и раздор помеѓу македонското и бугарското општество, како и помеѓу македонскиот и бугарскиот народ. На негирањата од овој тип не им е местото во Европската Унија – велат нашите соговорници. Д.Ст.