Искрените аплаузи за македонските уметници во Софија и за бугарските во Скопје се израз на заемно почитување меѓу двата народа
Стоечките повеќеминутни овации во Софија се потврда дека обичните бугарски граѓани сакаат добри односи со македонскиот народ, исто како што топло и срдечно беа дочекани уметниците на Бугарската опера и балет за време на нивното гостување во Скопје. Македонија отсекогаш се залагала за градење добри и пријателски односи со соседите и тоа постојано го демонстрира, но она што длабоко ги обремени македонско-бугарските односи всушност е продолжувањето на анахроната бугарска политика кон македонското прашање, која не признава македонски народ, јазик и историја поинаква од онаа во бугарските учебници
Френетичниот аплауз од страна на објективната бугарска публика во салата на Софиската опера и балет, каде што изминатиот викенд Македонската опера и балет ја изведе операта „Набуко“ од Џузепе Верди, уште еднаш покажа дека кога не станува збор за политика, тогаш македонско-бугарските односи функционираат одлично.
Стоечките повеќеминутни овации се само потврда дека обичните бугарски граѓани сакаат добри односи со македонскиот народ, исто како што топло и срдечно беа дочекани уметниците на Бугарската опера и балет за време на нивното гостување во Скопје. Македонија отсекогаш се залагала за градење добри и пријателски односи со соседите и тоа постојано го демонстрира, но она што длабоко ги обремени македонско-бугарските односи, тоа е продолжувањето на анахроната бугарска политика кон македонското прашање, која не признава македонски народ, јазик и историја поинаква од онаа во бугарските учебници.
Сенките на минатото се надвиснаа со доаѓањето на Тодор Живков
Токму таа политика започната уште од 19 век, а продолжена во времето на Тодор Живков, доведе до тоа двата народа целосно да се оддалечат еден од друг. Единствен обид за воспоставување вистински пријателски односи меѓу Македонија и Бугарија имаше во времето на Георги Димитров, кој поседуваше демократска и космополитска мисла, секој народ во Бугарија да може да ги ужива сите малцински права на највисоко ниво. Тоа беше периодот кога вистински заживеа македонско-бугарската соработка, но само затоа што политичарите од двете земји гледаа кон иднината, а не кон минатото.
Сепак, тоа беше само краток демократски проблесок на бугарската политичка сцена, за повторно да се надвиснат сенките на минатото со стапувањето на Тодор Живков на бугарската политичка сцена. Неговата политичка матрица не се промени ниту во периодот на бугарскиот плурализам, туку се задржа истата негаторска линија – нема македонски народ, ниту јазик, ниту историја, ниту култура, сѐ е бугарско. Со таквиот пристап, просторот за меѓусебна соработка дополнително се стесни, а низ годините се сведе само на ретки официјални контакти меѓу политичарите и големо оддалечување меѓу двете општества, македонското и бугарското.
Несомнено, бугарската политика е таа што ги оддалечува двата народа, а конзистентноста во таквата негаторска политика води кон тоа тие засекогаш да се оддалечат едни од други.
Нема назнаки за промена на бугарската политика, ниту за затоплување на односите
Поранешни дипломати, некои од нив своевремено и во мисии во Бугарија, немаат никаква дилема дека бугарската политика кон Македонија уште долго нема да се промени и дека негаторскиот однос ќе продолжи, а со тоа шансите за затоплување на односите се сведуваат на минимум.
– Во рок од девет години, колку што е мандатот на Румен Радев, тројца наши претседатели беа во посета на Бугарија, што јасно говори за нашиот искрен пристап во обидите да ги надминеме недоразбирањата. Но што се случи, сите овие години односите меѓу двете земји и двата народа наместо да одат по нагорна линија, тие тонат во бездна, никој не може да знае до кое ниво ќе се урнисаат. Сведоци сме дека сите овие години се преведуваат бугарски книги, има културна размена во Македонскиот културен центар во Софија, пред извесно време и Бугарија отвори сличен центар во Скопје, до пред некоја година бројот на македонски туристи во бугарските зимски центри постојано растеше, луѓето се дружеа, но очигледно политиката од бугарска страна не сака таква соработка. Пристапот на бугарската политика е ултимативен – или ќе прифатите дека сте Бугари или сте Македонци по 1944 година. Исто е и со јазикот, со историјата, со културата. И со таквите тези во Бугарија им се перат мозоците на обичните луѓе и се гради некаков мит за голема бугарска држава од Охрид до Црно Море, во која живееле само Бугари. Таа политика и денес е официјална во Бугарија, па дури успеаја да ја наметнат и како политика на ЕУ кон Македонија – велат соговорниците.
Според нив, Македонија секогаш ќе биде отворена и пријателски поставена кон бугарските граѓани што сакаат да споделуваат пријателски и блиски односи со македонските граѓани.
– Ние треба да ја насочиме соработката кон она што ќе ги приближи двата народа, како културата, спортот, туризмот, инфраструктурата, тоа е важно за обичните луѓе. Не е прашање дали тоа ќе го дозволат бугарските политичари, бидејќи јасно е дека ќе опструираат на секој чекор, но наше е да инсистираме на таквите чекори бидејќи преку тоа работиме на градење доверба меѓу обичните луѓе, необременети со политика, доверба што бугарската политика не сака да постои. За нив е важно ова прашање да остане отворено и затоа на нашата подадена рака одговараат со провокации. Упорно продолжуваат со асимилаторските политики врз македонското малцинство во Албанија и на Косово, безобѕирно уривајќи ги пријателските врски што се воспоставени во одредени сфери и демотивирајќи секаква друга идна соработка. Тоа не е одличје на држава членка на ЕУ – додаваат соговорниците.