Сега сме на масата и ние, Македонците… Сега треба ние Македонците да најдеме модус вивенди според кој треба да дејствуваме! Не дефанзивно, не да се браниме, не да се докажуваме дека ние сме Македонци. Ние сме Македонци, тоа никој не може да ни го одземе. Поентата ми е во делот на меѓународната политика. Нам сега ни е потребен еден друг аспект на работењето, да не влегуваме во нивните замки. Ни треба офанзивна, антиципативна, априори дипломатија што знае точно што прави, како го прави тоа што треба и да го прави со апсолутна посветеност и безрезервно, за својата држава и татковина, вели нашиот соговорник, адвокатот Тони Менкиноски, правниот застапник на Македонците од соседството пред Советот на Европа и пред Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП)
Како силни индивидуи, полни со знаење, вештини и посветеност, ќе придонесат за силен национален тим што ќе
победува на меѓународен план
Деновиве група новинари од нашата редакција во неколку наврати имаа исклучително квалитетни разговори со адвокатот Тони Менкиноски, правниот застапник на Македонците од соседството пред Советот на Европа и пред Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП).
Впечаток на редакцијата е дека адвокатот Менкиноски мошне умешно го приближи прашањето за нашиот меѓународен предизвик и предизвикот на нашите сонародници од соседството и нивните секојдневни проблеми со кои се соочуваат, а сето тоа поврзано со индивидуалните и колективните човекови права, како и нашиот интегрален заеднички етнички македонски идентитет, јазик и историја.
Од повеќето поенти во брифингот со експертот за човекови права Менкиноски издвојуваме некои становишта и препораки што досега не биле предмет на дискусија во јавноста, а се шанса за еден наш квалитетен исчекор за операционализација на нашите заложби и цели. Менкиноски го препознава моментумот во кој треба сега „ние Македонците да најдеме модус вивенди според кој треба да дејствуваме, не дефанзивно, не да се браниме, ниту да се докажуваме дека ние сме Македонци. Ние сме Македонци, тоа никој не може да ни го одземе, но поентата е во делот на меѓународната политика, да дејствуваме од еден друг аспект, а да не влегуваме во нивните замки“.
Кусо навраќање од Менкиноски на последниот пример во Европскиот
парламент, каде што се отслика нивото на тоа до каде е нашата дипломатија, а до каде е дипломатијата на „нашите“ нихилисти
– Мало потсетување, Европарламентот (ЕП) во основа донесе нешто што е надвор од неговата ингеренција. ЕП со изземање, фактички бришење на идентитетот на Македонецот и македонскиот јазик од извештајот за напредокот на Македонија во евроинтеграциите, покажа една друга димензија. Бугарската дипломатија во случајов, заштитена и предводена од грчката дипломатија, успеа да ја врати Европа во 1941 година, што е навистина страшно. Но исто така морам да кажам дека овој случај како преседан, како значење во меѓународното право, во меѓународната политика, нема некое големо значење. Тој е меѓународен извештај, но она што морам да го подвлечам, е фактот, потврден и со овој пример во Европскиот парламент, што Бугарија и Грција се поуспешни во дипломатијата. Тука нема дилеми.
Тоа е меѓу другото една битна нишка што се однесува на нас самите, а е во истиот контекст на целиот овој случај. Ние 30 години не успеавме да изградиме квалитет, стратегија и континуитет во дипломатијата. Еве, за читателите на „Нова Македонија“ уште еден пример, но поврзан со дипломатските човечки ресурси. На тлото на Европа, Грците имаат акредитирано околу 1.200 дипломати, зборуваме за дипломати што се акредитирани, не зборуваме за дополнителен персонал, бидејќи тоа е дополнително, а Бугарите, според моите информации, имаат околу 800 и тие работи имаат својата агенда. А ние како држава мислам дека имаме 200 луѓе што се низ европските земји, низ европските институции, и немаме целосен преглед во тоа што работат тие – вели Менкиноски.
Постои своевиден геноцид врз Македонија: културоцид, лингвацид, етноцид… и тоа треба да ни биде „ударна игла“ пред меѓународната јавност и институции
– Сето горенаведено не значи дека ние не можеме да возвратиме. Но сметам дека досега имавме дефанзивна политика во нашата дипломатија и во меѓународната политика, а треба да имаме офанзивна политика, бидејќи како народ, очигледно е (дали од културолошки аспект, дали е етно или се однесува на нашиот јазик), ние имаме своевиден геноцид врз Македонија: културоцид, лингвацид, етноцид… и тоа треба постојано да го кажуваме, бидејќи имаме и аргументи и докази. Па, постојат две држави што, очигледно, не го признаваат нашето постоење и цело време формираат спорови врз основа на нашиот идентитет! Не се завлегува во делот на економијата, на сегашната состојба, туку се завлегува во нешто од 19 век, што работеле во Македонија, значи таа нивна империјалистичка политика продолжува – вели Менкиноски.
Тој јасно го поставува прашањето: Како може да возвратиме ние како Македонци?
– Па, дипломатијата ни е шпиц-играчот. Ние сега имаме дефанзивна дипломатска политика, дефетистички став кон сето тоа. Ние апсолутно можеме да учиме на примерот на многу мали земји, како на пример на Израел, а и многу други, кои им возвратиле на многу поголеми непријатели, непријателски политики. Многу е битно како ќе ја дефинираме таа наша стратегија.
Во тој контекст, прво и основно, ние сме влезени како народ во делот на жртви од непочитувањето на основните човекови права. Тоа треба да биде поединечна основа. И како жртва, колективно да зборуваме, не поединечно, тоа не треба да го истакнеме на мултилатерални институции, како што е Советот на Европа, не ЕУ. Европската Унија е економска заедница и тие, надвор на нивните овластувања, донесоа таков извештај што наметнува идентитетски прашања, тоа не е во описот на Европската Унија. Но, морам повторно и повторно да нагласам: Европската Унија донесе нешто надвор на нејзиниот домен, фактички со недонесување на извештајот во својата интегрална форма од поднесувачот Вајц, ЕУ покажа дека таа е подготвена да нѐ брише нас Македонците, онаму каде што постојат. Ова бришење е синоним на минатиот век, кога од турскиот султан на таков начин се укинува Охридската архиепископија, тоа е предмет на работа на соседните држави во минатиот век.
Но, веќе не е треба така! Сега сме на масата и ние, Македонците. Сега треба ние Македонците да најдеме модус вивенди според кој ние треба да дејствуваме! Не дефанзивно, не да се браниме, да се докажуваме дека ние сме Македонци. Ние сме Македонци, тоа никој не може да ни го одземе. Поентата е во делот на меѓународната политика, нам сега ни е потребен еден друг аспект на работењето, да не влегуваме во нивните замки. Ни треба офанзивна, антиципативна, априори дипломатија.
Дипломатија априори и дипломатија апостериори
Што треба да направи македонската дипломатија?
– Македонската дипломатија треба да го смени составот со луѓе што нѐ претставуваат добро надвор. Зборуваме за составот на луѓе, имате поединци Македонци што многу добро може да нѐ претставуваат пред билатерални, мултилатерални сесии. Еве, слушав пред некое време дека на македонски дипломат, нема да го именувам, му биле малку 14.000 долари за да ја претставува Македонија во една мултилатерална светска организација!? Тоа е глупост. Како дипломат, прво и основно, вие сте поканет само на Денот на независноста кај сите држави членки. Ако не успеете да фатите еден пријател од сите тие членки од 180 луѓе, тие 14.000 долари не ви значат ништо.
Проблемот е што ние 30 години не успеавме да изградиме стратегија во дипломатијата како држава, каде што имаме вин-ситуација за нас. Да потенцирам, Грците на тлото на Европа имаат акредитирано околу 1.200 дипломати, зборуваме за дипломати што се акредитирани, не зборуваме за дополнителен персонал, бидејќи тоа е дополнително, а Бугарите имаат околу 800, според моите информации, и тие имаат својата агенда. А ние како држава мислам дека имаме 200 луѓе што се низ европските земји, низ европските институции. И одговорно тврдам дека немаме целосен преглед во она што го работат. Зборувам за сериозна намера, за патриотска и професионална. Ние сега треба да имаме офанзивна политика што добро ќе ја подготвиме и добро да ги образоваме тие дипломати што ќе одат одовде, за да си ги оправдаат парите што ги земаат таму. А парите што ги земаат тие дипломати се од граѓаните на Република Македонија, не се од некој друг. Ако сакаме да имаме прогрес, мора да бидеме само критични.
Ако дипломатијата во процедуралниот дел биде проактивна, во вториот, содржинскиот дел, таа треба да блика со знаење за предметот
Ова е моментот кога сакам да се осврнам на вториот, содржинскиот дел, знаењето за македонскиот предмет и вештините со кои дипломатите треба тоа да го пренесат пред релевантните меѓународни институции, вели адвокатот Тони Менкиноски, правниот застапник на Македонците од соседството пред Советот на Европа и пред Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП).
– Имено, потоа, во рамките на нашата дипломатска офанзивност, во вториот дел е – содржинскиот дел. И внатре во Републиката (однадвор кон Македонците во државава), а и околу нас, во соседните држави, имаме флагрантно кршење на основните човекови права. Еве, ако тргнеме на пример од промената на знамето, ние имаме промена на знамето под присила на одредена држава, имаме пресуда во Хаг, во Меѓународниот суд. Во повеќето пресуди се потврди дека нашите права се загрозени како Македонци. Контрааргументот на Бугарија беше дека Македонците од Пиринска Македонија имаат сепаратистички интенции. Со самото тоа што Бугарија одговараше дека Македонците таму имаат сепаратистички интенции, таа самата себе се негираше. Прво и основно, ние треба да аргументите како, на пример, Бугарија во последните 50 години има 10.000 луѓе што се изјаснуваат како Македонци. Македонците постојат.
Тогаш, зошто да се докажуваме? Со самото тоа што во нејзиниот допис до Европскиот суд за човекови права тврдела дека Македонците имаат сепаратистички интенции, повторно, самата официјална политика и држава на Бугарија потврдува дека Македонците постојат!
Аргументи има многу. Многу е битно оние што ќе одат надвор да ги претстават тие аргументи во вистинската светлина, а не во светлина да не ги загрозуваме односите со соседите и така натаму. Македонија пропушта многу аргументи што можат да бидат замена, супститут за лошата надворешна политика што е водена со години.
(продолжува утре со „Барање за исклучување на Бугарија од Советот на Европа“)