Фото: ЕПА

Улогата на Пекинг и Москва во воениот конфликт на Блискиот Исток за деескалација и политичко решение

  • Во време кога директната конфронтација меѓу големите сили би можела да ја турне планетата во нова глобална катастрофа, Москва и Пекинг се обидуваат да го наметнат наративот на деескалација и политичко решение

Додека ракетите и беспилотните летала ја кројат драматичната слика на Блискиот Исток, во сенка се одвива една многу потивка, но можеби и пресудна битка – дипломатската. Во време кога директната конфронтација меѓу големите сили би можела да ја турне планетата во нова глобална катастрофа, Москва и Пекинг се обидуваат да го наметнат наративот на деескалација и политичко решение. Особено Кина, која во последните години настапува со сѐ поамбициозна мировна агенда, од својот мировен документ за Украина до најновите иницијативи за дипломатско решавање на глобалните жаришта, се обидува да се позиционира како клучен архитект на новата безбедносна архитектура во светот.
Во такви околности, конфликтот меѓу САД и Иран не е само регионална војна. Тој станува дел од многу поширока геополитичка партија, во која се судираат концептите на старото униполарно и новото повеќеполарно уредување на светот.

Војна што не може лесно да се добие

Во првите недели од конфликтот беше очигледно дека постои силна координација меѓу израелското раководство и американската администрација. Политичката линија на Вашингтон, барем во почетната фаза, во голема мера се движеше во рамките на поддршката на израелската стратегија кон Иран.
Сепак, набрзо стана јасно дека оваа воена операција е многу посложена од претходните интервенции на САД на Блискиот Исток. За разлика од некои минати конфликти, кога неколку серии бомбардирања беа доволни за Вашингтон да прогласи политичка победа, овој пат такво сценарио изгледа сѐ помалку веројатно.
Иран претставува геополитички тврд орев, воен и демографски фактор што не може лесно да се изолира или да се принуди на капитулација. Наедно, регионот е испреплетен со голем број актери – од регионални сили до глобални играчи – што ја прави секоја ескалација потенцијално неконтролирана.
Токму затоа во дипломатските кругови се зголемува свеста дека конфликтот мора да се стави под контрола пред да премине во поширока регионална или дури глобална војна.

Тивката, но динамична дипломатска активност на Москва и Пекинг

Во овој контекст, Русија и Кина почнуваат да играат улога што не е секогаш видлива во јавниот простор, но е исклучително значајна.
Нивните дипломатски и разузнавачки структури се активно ангажирани во контакти со различни страни во конфликтот. Целта е да се создадат услови за постепена деескалација, односно сценарио во кое сите актери би можеле да направат чекор назад без драматично губење престиж пред домашната јавност.
Оваа стратегија се темели на класичната логика на големите сили: да се спречи конфликт што може да предизвика системска нестабилност во глобалната економија и безбедност.
Зашто штетата веќе е значителна. Пазарите на енергенти реагираат нервозно, транспортните маршрути се загрозени, а финансиските пазари се чувствителни на секој нов сигнал за ескалација.
За Москва и Пекинг, стабилизацијата на иранскиот простор има многу пошироко значење. Тоа е прашање на глобална економска и безбедносна рамнотежа!

Прокси-конфликт со глобални цели

Многу аналитичари сметаат дека војната околу Иран има повеќе слоеви. Покрај директниот воен судир, таа може да се чита и како дел од поширок геостратегиски конфликт меѓу големите сили.
Според ова толкување, една од индиректните цели е да се изврши притисок врз Русија преку дополнително заокружување на нејзиниот геополитички простор со сојузници на САД. Но уште поважна е кинеската димензија, за која неодамна пишувавме поопширно.
Во најновите американски стратегиски документи, Кина е дефинирана како главен системски ривал на Вашингтон. Оттука, секоја криза што може да го наруши кинескиот економски раст добива и поширока геополитичка функција.
Иран тука игра важна улога. Голем дел од кинеските енергетски потреби се врзани за Персискиот Залив, а значителни количества нафта доаѓаат токму од Иран.
Затоа дестабилизацијата на таа земја би можела директно да влијае врз кинеската економија.
Но значајно е да се издвои фактот дека Пекинг веќе со години работи на стратегија што треба да ја намали оваа зависност.
Кина развива нови транспортни и енергетски коридори, вклучително и потенцијално поголемо користење на северните морски маршрути и проширување на енергетската соработка со Русија.
Истовремено се градат нови нафтоводи и гасоводи што треба да обезбедат поголема флексибилност во снабдувањето.
Таквата долгорочна стратегија покажува дека Кина се обидува да избегне ситуација во која геополитичките кризи би можеле да ја парализираат нејзината економија.

Мировната дипломатија е нов инструмент на кинеската доктрина

Во последните години Кина сè поотворено настапува како дипломатски посредник во глобалните конфликти.
Нејзиниот мировен документ за Украина претставуваше прв обид Пекинг да понуди сопствена рамка за политичко решение на една од најголемите европски кризи во последните децении.
Иако западните престолнини го примија со скепса, документот покажа дека Кина сака да игра поактивна улога во глобалната безбедност.
Во меѓувреме, кинеската дипломатија излезе и со нови предлози за мирно решавање на светските жаришта – од Блискиот Исток до други региони во кои постои ризик локалните конфликти да прераснат во пошироки војни.
Оваа иницијатива, промовирана од кинескиот министер за надворешни работи, се темели на принципите на политички дијалог, почитување на суверенитетот и избегнување блоковска конфронтација.
За Пекинг, стабилноста е предуслов за економски развој, а токму економијата останува централната оска на неговата глобална стратегија.

Кон нов светски поредок

Сето ова укажува дека конфликтот околу Иран е дел од пошироката трансформација на меѓународниот систем.
Американската стратегија и натаму се обидува да ја задржи геополитичката доминација на клучните региони, особено на Блискиот Исток.
Но растечката улога на Русија и Кина постепено го менува балансот на силите.
Двете земји располагаат со значително дипломатско искуство, долга институционална меморија и развиени механизми за стратешко планирање. Тоа им овозможува да реагираат трпеливо и да градат алтернативни механизми на глобално влијание.
Ако Москва и Пекинг успеат да придонесат за стабилизација на конфликтот меѓу САД и Иран, тоа нема да биде само регионален дипломатски успех.
Тоа би можело да стане и еден од првите знаци дека светот постепено се движи кон нова ера – во која решавањето на кризите сè повеќе ќе зависи од рамнотежата меѓу повеќе центри на моќ, а не од волјата на една единствена суперсила.
Во таа нова геополитичка реалност, дипломатската офанзива на Пекинг и Москва може да се покаже како еден од најважните фактори за спречување конфликти што би можеле да ја турнат планетата кон нова светска војна. Р.С.


Пекинг со нов мировен повик за војната во Иран

Ванг Ји: Светот не смее да се врати на законот на џунглата

Пекинг испрати силна порака за мир во врска со ескалацијата на конфликтот околу Иран, повикувајќи на итен прекин на воените операции и политичко решавање на кризата на Блискиот Исток.
Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји изјави дека тековниот конфликт „никогаш не требало да се случи“, нагласувајќи дека употребата на сила не може да биде решение за регионалните спорови.
– Ова е војна што никогаш не требаше да се случи. Силната тупаница не значи силен аргумент. Светот не смее да се врати на законот на џунглата – порача Ванг на годишната прес-конференција во Пекинг за време на заседанието на Националниот народен конгрес.
Пекинг ги осуди нападите врз Иран и предупреди дека обидите за промена на режимот нема да имаат поддршка од народот. Кина истовремено повика на почитување на суверенитетот на државите на Блискиот Исток, избегнување на употреба на сила и немешање во внатрешните работи на земјите во регионот.
Како најголем увозник на иранска нафта, Кина истакна дека стабилноста во Ормускиот Теснец е клучна за глобалната економија и меѓународната трговија.
Во рамките на новите дипломатски напори, Ванг Ји телефонски разговарал со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи, како и со други високи дипломати, со цел координација на напорите за деескалација на кризата.
Пекинг нагласува дека единствен излез од кризата е дипломатско решение и се залага за итен прекин на огнот, дијалог и за стабилизација на регионот. Р.С.