Кога ќе почне да кокетира со политиката, културата секогаш губи
Тоа што многумина го предвидуваа е на добар пат да се случи. Управниот одбор на детското ликовно студио „Кирил Методиј“, кое годинава слави 55 години од формирањето, деновиве соопшти дека по 42 години континуирано одржување, за првпат постои опасност годинава „Малиот битолски Монмартр“ да не се одржи. Во соопштението на детското ликовно студио се нагласува дека ова може да се случи поради скратувањето на парите за исплата на плата на еден вработен и исплата на другите материјални трошоци од Министерството за образование и особено по објавувањето на износот на финансиите од годишната програма на Министерството за култура за финансирање на проектите на студиото.
– Несериозно е да говориме за реализација на овие огромни манифестации од интернационален квалитет на кои им се доделени мизерни средства. По прекинот на поддршката од Министерството за образование, оваа година и Министерството за култура ни ги скрати средствата. Со оглед на финансиската состојба и над 150 ученици што бесплатно се едуцираат при детското ликовно студио и очекуваните над 600 пратки од исто толку приватни и државни школи од 60 земји од целиот свет, кои ќе генерираат фонд од над 40.000 детски ликовни цртежи, Управниот одбор е пред тешка одлука да го откаже одржувањето на „Малиот битолски Монмартр“ – соопштуваат од студиото, кое, како што истакнуваат членовите на УО, е без поддршка од Министерството за образование веќе девет месеци.
Инаку, според објавената програма за финансирање проекти од национален интерес на Министерството за култура, на „Малиот битолски Монмартр“ годинава му се доделени вкупно 289.100 денари. Средствата ги добива за реализација на три проекти, за 41. светска детска ликовна изложба „Битола 2023“ доби 87.300 денари, за 42. Светска ликовна колонија 151.800 денари, а за изложбата „Бисерите на Малиот битолски Монмартр“ 50.000 денари.
Министерството за култура: Годинава е исплатен највисок износ досега за детското ликовно студио
Од Министерството за култура тврдат дека не е вистина дека „Малиот битолски Монмартр“ не е финансиски поддржан со годинашната програма. Напротив на детското ликовно студио „Кирил Методиј“ годинава му е доделена највисока сума од 240 илјади денари, велат од Министерството за култура, кое ги демантира изјавите дека оваа интернационална ликовна колонија годинава не е поддржана во рамките на годишната програма. Оттаму додаваат дека во изминатите години поддршката на ова министерство била многу помала.
– Со ваквите изјави се шират невистини и самите им го намалуваат реномето на светски признаените манифестации што се одвиваат со децении под брендот „Мал битолски Монмартр“, кој секогаш бил субвенциониран со доволна финансиска поддршка со која овие манифестации постигнуваат светски успех. Не гледаме причина зошто да не биде така и оваа година – велат од Министерството за култура.
На ваквите изјави од Министерството за култура, од детското ликовно студио возвраќаат дека со тие средства не можат да ја организираат манифестацијата и затоа одлука за одржувањето или за неодржувањето на „Малиот битолски Монмартр“ ќе биде донесена на состанокот на членовите на Меѓународниот управен одбор, кој има вкупно 15 члена од исто толку земји во светот.
Претседатели на Меѓународниот управен одбор на детското ликовно студио се Хенри Лау од Кина и Ширли Сиегал од Израел. Во Меѓународниот управен одбор членуваат уште Теодолина Паскоал – Португалија, Вејсел Аџар – Турција, Мариа Дима – Романија, Вселовод Романков – Русија, Милен Врабевски – Бугарија, Алдона Кацмарчук Количка – Полска, Славко Зупан – Словенија, Жанет Кубалова – Словачка, Киран Кансара – Индија, Ченг Јео Чуе – Малезија, Китипонг Тхаммаван – Тајланд, Марта Ѓориќ – Србија, Рузмира Бекирај Бејај – Албанија.
Интересно е што во Меѓународниот управен одбор нема ни еден член од Битола и од Македонија.
Инаку, детското ликовно студио „Кирил Методиј“ – Битола покрај со Министерството за култура, веќе подолго време е во остра препирка и со Министерството за образование, кое по смртта на основачот на студиото, Коста Хаџи Антоновски, ги прекина средствата за плата на неговата ќерка, која беше вработена без согласност од Министерството за образование туку само со одлука на УО.
По одлуката за прекин на средствата, новото раководство на детското ликовно студио се обрати за финансиска помош на многу адреси во земјата и во странство, а во неколку наврати покрај протести во Скопје собираше и доброволни прилози од битолчани.
Бугарско масло за македонското „масло на платно“
Меѓу првите што по кавгата со Министерството за образование го посетија студиото и понудија помош беа бугарскиот конзулат, како и фондацијата на Милен Врабовски. Врабовски, покрај што понуди финансиска помош за студиото, го финансираше и патувањето на членови на детското ликовно студио во Брисел, во Португалија и во неколку града во Бугарија. Десетина члена на детското ликовно студио „Кирил и Методиј“ – Битола беа во Копривштица и во Софија и на петдневен камп за филантропија.
Таквите активности беа реализирани во рамките на долгогодишната програма на фондацијата „Бугарска меморија за градење на добрососедски односи“ на чие чело е Милен Врабовски, човекот што ги финансира бугарските културни центри во Битола и во Охрид.
Многумина во Битола, кои одблиску ги следат состојбите, сметаат дека фондацијата на Милен Врабовски веќе му го фрлила окото на студиото, каде што членуваат голем број ликовни таленти од Битола и дека на мала врата сака да го присвои. Студиото има голема традиција, а не е за занемарување и фактот дека од страна на државата бесплатно ја поседува во трајна сопственост зградата во Старата битолска чаршија, каде што се сместени студиото и галеријата.