Односот на Македонија како држава со своето иселеништво низ светот, во текот на овие триесетина години независност, некако останува во сенка на прашањето колку се заемно ставени во функција потенцијалите на оваа во суштина емоционална релација на иселениците со стариот крај, како за воспоставување економска соработка така и за политичко лобирање за националните и меѓународните интереси на Македонија
Потенцијалот на иселениците како клучен фактор за зближување на државите
Мудрата практика што ја применуваат многу држави при градењето на сопствените меѓународни позиции и односи со „остатокот од светот“ е одржување врски со своето иселеништво, често нарекувано и дијаспора. Постојано се покажува и докажува дека статусот на нечија дијаспора во одредена земја во голема мера ги одредува интензитетот и квалитетот на официјалните билатерални односи меѓу државите. Односот на Македонија како држава со своето иселеништво низ светот, во текот на овие триесетина години независност, некако останува во сенка на прашањето колку се искористени заемно потенцијалите на оваа во суштина емоционална релација на иселениците со стариот крај, како за воспоставување економска соработка така и за политичко лобирање за националните и меѓународните интереси на Македонија.
Улогата на дијаспората во меѓународните процеси зависи од интересот на матичната држава
Во тој контекст на градење и одржување на односите на Македонија со својата дијаспора неодамна министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски имаше работна средба со претставници на „Обединетата македонска дијаспора“ (ОМД), каде што покрај претседателот Мето Коловски, присуствуваа и заменик-претседателот Александар Митрески и одговорниот за Европа, Гордан Јорданов… Во соопштението од средбата што го издаде МНР се нагласува дека двете страни изразија заемно задоволство од средбата, за која истакнаа дека е во насока „на зајакнување на врската помеѓу нашата земја и дијаспората, која несомнено придонесува за застапување на македонските интереси, меѓународна афирмација на земјата и промовирање на македонските вредности, идентитет и култура.“
– Улогата на дијаспората во меѓународните процеси на лобирање или економска соработка на земјата во која се родени, или од која потекнуваат, со земјата чии се актуелни граѓани најмногу зависи од тоа колку е заинтересирана матичната држава за градење таков однос на динамична и двонасочна соработка. Таквиот однос на матичната држава со нејзиното иселеништво треба постојано да се негува. Притоа треба да се има предвид дека нејзините иселеници се граѓани и гласачи во државите во кои живеат и нивниот стекнат кредибилитет и релации со институциите во земјата на живеење често може да дадат побрз ефект и решение за некои работи во интерес на земјата од која потекнуваат, отколку кога сѐ би одело по официјални билатерални односи. Колку луѓето од дијаспората се поблиски со својата матична држава, толку таа ќе биде поценета и ќе добие повисок приоритет во официјалните односи на земјата во која живеат и чии граѓани се македонските иселеници. Илустративен пример е можеби каков приоритет им дава Германија на односите со Турција, голема улога секако игра бројноста на турската дијаспора во таа земја. Дијаспората треба да биде клучен фактор за зближување на народите и на државите – вели Гордан Јорданов, директор на „Обединета македонска дијаспора“ за Македонија и Европа.
Продолжува залагањето за национална стратегија за соработка со дијаспората
На средбата меѓу министерот Муцунски и претставниците на ОМД, двете страни го поздравија најавеното создавање на новата национална стратегија за соработка со дијаспората, за која во следниот период ќе се воспостави оперативна соработка за размена на податоци.
– Националната стратегија за соработка со дијаспората, која беше предвидена за периодот од 2019 до 2023 година, заедно со акцискиот план, многу малку беше спроведувана во практика. Речиси воопшто не беше имплементирана. Не сум сигурен дали е докрај спроведен проектот за вработување лица во општините за директна комуникација со иселените од тие општини. На дијаспората секако ѝ е во интерес постоењето на националната стратегија, па и понатаму ќе се залагаме да продолжи нејзиното спроведување и секако да се надгради во новата верзија што треба да се изработи. Ние, ОМД, како невладина организација, имаме повеќе проекти за поврзување и зближување на дијаспората со Македонија, но секако кога ваквите проекти би биле национална иницијатива, тоа би било нов квалитет. На пример, сѐ уште немаме едно координативно тело што ќе ги сервисира потребите на иселениците во Македонија. Многу би се олеснила комуникацијата со државните институции во Македонија со постоење на една унифицирана институција, своевиден „уан стоп шоп“, за сите административни потреби (обично за документи) на иселениците – вели Гордан Јорданов од ОМД.
Јорданов истакнува дека негувањето на односот на матичната држава со својата дијаспора е двонасочен процес од заемен интерес, кој треба да се одржува и постојано да се надградува.
– Македонија како држава за нејзиниот економски и општествен развој има потреба од консултантски и други услуги од професионални лица од висок профил, како што успеале да се изградат личности меѓу македонската дијаспора. Тие често излегуваат во пресрет со своите професионални услуги во интерес на државата, и тоа про боно – наведува Гордан Јорданов, директорот на ОМД за Македонија и Европа.