Албанскиот премиер Еди Рама во интервју за германскиот весник „Франкфуртер рундшау“ меѓу другото се задржува и на евронтегративниот процес, при што однесувањето на Бугарија кон Македонија го нарекува срам.
– Начинот на кој Бугарија се однесуваше кон Северна Македонија беше срам. Софија повеќе не подели отколку што не обедини. Се надевам дека тоа ќе се промени сега – изјавил Рама, јави „АБЦ њуз“.
За отворањето на преговорите со ЕУ, тој, нагласува дека „ нашето трпение е неисцрпно на оваа тема, бидејќи немаме друг избор. Навикнати сме на тоа “.
Албанските медиуми посветуваат посебен простор за почетокот на преговорите и на Македонија, што е најавено за утре на првата меѓувладина конференција.
– Северна Македонија утре во Брисел ќе ја одржи и првата Меѓувладина конференција со ЕУ, на која премиерот Димитар Ковачевски ќе ја прочита воведната изјава на македонски јазик. Потоа започнува верификацијата која ќе трае година и пол и по завршувањето на тој процес се планира следната меѓувладина конференција со која ќе се заврши фазата на отворање на преговорите за членство, а нејзиното одржување е условено со измените во Уставот – наведува „Топ ченл“.
Според албанските медиуми францускиот предлог предвидува надминување на разликите меѓу Скопје и Софија во однос на македонскиот јазик, идентитетот и историското минато, додека бугарската страна „бара од македонската страна да го вклучи бугарското малцинство во Преамбулата на уставот, како рамноправно со другите народи“.