Ова прашање на манипулации од страна на државите што не ги извршуваат пресудите на ЕСЧП треба да е приоритет за Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) и на Советот на Европа, бидејќи се однесува на човековите права, демократијата и владеењето на правото. Прашањето е зошто се случува неспроведување на пресудите, дали поради недостиг од политичка волја или поради системски проблеми, велат нашите соговорници експерти од Стразбур
Мора да се направи повеќе за спроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права од Стразбур (2)
Како што пишувавме вчера, во првиот дел на темата, членовите на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) во Резолуцијата што беше усвоена речиси едногласно побараа „спроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) без одлагање, во согласност со Конвенцијата за човекови права и целосно почитување на владеењето на правото“.
– Тоа прашање е приоритет за ПССЕ и за Советот на Европа бидејќи се однесува на човековите права, демократијата и владеењето на правото. Прашање е зошто се случува неспроведувањето на пресудите, дали поради недостиг од политичка волја или поради системски проблеми – велат нашите соговорници од Стразбур.
Земјите што не ги спроведуваат пресудите значи дека не го почитуваат Европскиот суд за човекови права
Нашите соговорници експерти од Стразбур се согласуваат дека сѐ уште е неопходен „политички притисок врз земјите бидејќи земјите што не ги спроведуваат пресудите се потписнички на Конвенцијата“.
„Земјите што не ги спроведуваат пресудите значи дека не го почитуваат Судот, па од суштинско значење е националните парламенти да инсистираат на промени и да се воведат механизми што ќе бидат функционални на национално ниво“, се порачува од Стразбур. За некои од нив, како што кажаа, ова прашање е алармантно.
Во Стразбур меѓу сложените случаи е и неспроведувањето на пресудите од страна на Бугарија во однос на регистрацијата на здруженијата или политичките партии на лицата што се декларираат како Македонци или сакаат да ги заштитуваат правата на македонското малцинство во земјата. А она што е многу интересно и актуелно, а најново, како што истакнуваат нашите соговорници, тоа е фактот што „Бугарија во писмо до Советот на Европа ја обвинува Македонија дека всушност Македонија е виновна затоа што Скопје ги политизира неизвршените пресуди од страна на Софија, поврзани со групата пресуди за ОМО Илинден“.(!?)
Бугарија во писмо до Стразбур ја обвинува Македонија дека со инсистирањето на спроведување на одлуките на ЕСЧП ги поткопува вредностите на Европската конвенција за човекови права!?
Имено, бугарската влада во својот последен одговор до Стразбур ја искористи можноста да истакне, како што вели, „некои клучни општи аспекти на извршувањето на пресудите на ЕСЧП од групата ОМО Илинден. Во таа пригода таа смета дека за апликантите „се чини дека нивните намери не се насочени кон успешно завршување на процесот на регистрација, туку на политизирање на прашањето“, обвинувајќи ја Македонија за „поткопување на вредностите на Европската конвенција за човекови права“, бесрамно додавајќи во дописот на Софија до Стразбур дека „инструментализацијата од страна на Република С. Македонија за политички цели на извршувањето на пресудите на ЕСЧП е во спротивност со словото и духот на Европската конвенција за човекови права“, пишува Софија во дописот.
За потсетување, наскоро ќе се навршат две децении по првата конечна пресуда од Европскиот суд за човекови права во групата на пресуди „ОМО Илинден и другите против Бугарија“, односно неоправданото одбивање на бугарските судови да регистрираат здружение што бара „признавање на македонското малцинство во Бугарија“. Според секретаријатот на Комитетот на министрите на Советот на Европа, и покрај различните мерки усвоени од бугарските власти меѓу 2018 и 2024 година за подобрување на функционирањето на механизмот за регистрација, здруженијата што имаат цел „да добијат признавање на македонското малцинство“ и понатаму се редовно одбивани за регистрација од причини што се чини дека се поврзани со поширок проблем на неодобрување на нивните цели и кои предизвикуваат сериозни сомнежи во однос на капацитетот на овој механизам да обезбеди испитување на барањата на апликантите во согласност со Конвенцијата.
Некои извадоци од дописот на Софија до Стразбур со кои се прави обид за манипулација со телото на Советот на Европа (СЕ) за контрола на спроведувањето на пресудите на ЕСЧП, наречено ДЕЈ
Како што информиравме деновиве, Софија официјално испрати допис до ДЕЈ во кој безобѕирно и бескрупулозно тврди дека „од страна на Скопје за случаите од доменот на ЕСЧП постои политизација и инструментализација“.
– Инструментализирањето од страна на Република С. Македонија за политички цели на извршувањето на пресудите на ЕСЧП е во спротивност со словото и духот на Европската конвенција за човекови права. Тоа е неприфатливо и го поткопува целиот систем на Конвенцијата. Политичката злоупотреба на механизмите за заштита на човековите права ги нагризува владеењето на правото и демократијата воопшто. Бугарските власти го повикуваат ДЕЈ да ја земе предвид политизацијата на оваа група случаи од страна на Република С. Македонија и во секој случај да не ѝ помага – се наведува во дописот на Софија до ДЕЈ.
Софија понатаму во дописот тврди дека Бугарија си го завршила својот дел од работата и постапила според пресудите на ЕСЧП, што е тотална манипулација и лага, за што пошироката јавност треба да биде информирана.
– Република Бугарија ги спроведе сите неопходни поединечни и општи мерки поврзани со групата пресуди „ОМО Илинден и други против Бугарија“. Ништо повеќе не е потребно или не може да се направи за спроведување на пресудите на ЕСЧП на оваа група. ДЕЈ треба објективно да ги разгледа фактите и да го насочи надзорот над извршувањето на овие пресуди на ЕСЧП кон негово успешно затворање. Оценувањето на Комитетот на министри, како и белешките и нацрт-одлуките подготвени од дирекцијата за извршување на пресудите, за пресудите на ОМО Илинден, како и за секоја друга пресуда, треба да бидат целосно ослободени од политизација, неважни прашања и скриена агенда – тврди Софија во својот допис.
Софија во дописот до Советот на Европа шири чисти лаги и клевети
Официјална Софија клевети и импутира невистини во својот допис дека „високи функционери во Република С. Македонија, вклучувајќи и од највисоко државно и владино ниво, шират во медиумите лажни тврдења во однос на оваа група пресуди, истовремено поттикнувајќи говор на омраза и дискриминација кон Бугарите во Република С. Македонија. Имено, претседателот, премиерот, различни министри и пратеници на Република С. Македонија речиси секојдневно се осврнуваат на оваа група случаи во медиумите и меѓународните форуми на неточен и погрешен начин“, се наведува во дописот на Софија до Стразбур. Инструментализацијата од страна на Република С. Македонија за политички цели на извршувањето на пресудите на ЕСЧП е во спротивност со словото и духот на Европската конвенција за човекови права. Тоа ги поткопува кредибилитетот и ефективноста на целиот систем на Конвенцијата и треба веднаш и безусловно да се прекине“, најбезобѕирно сугерира Софија до Советот на Европа.
На крајот од дописот на Софија до Советот на Европа бугарската влада информира за „фундаменталната законска реформа што беше преземена за спроведување на општите мерки во однос на извршувањето на пресудите на ЕСЧП од групата ОМО Илинден, што резултира со воведувањето имплементација на целосно нова процедура за регистрација на граѓански здруженија (НВО), која ги исполнува највисоките европски стандарди во оваа област“, со што повторно со својот писмен одговор до Стразбур го става во заблуда Советот на Европа, со сите негови тела што го контролираат спроведувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права.
Софија најбезобразно заклучува во својот допис дека „Република Бугарија ги изврши индивидуалните и општите мерки во однос на спроведувањето на пресудите на ЕСЧП од групата ОМО Илинден, законски потребни во рамките на соодветните пресуди на ЕСЧП“ и излегува со препорака дека „на оваа основа, бугарската влада го потврдува својот став дека надзорот на извршувањето на овие пресуди од страна на Комитетот на министри треба да биде ориентиран кон негово успешно затворање“.(!?)
Тони Гламчевски, специјален известувач за „Нова Македонија“ од Стразбур