Фото: „Нова Македонија“

Вината за оштетениот буџет лежи исклучиво кај народните избраници што го поддржале тој закон, постапувајќи по партиска директива, без да водат сметка дали тој закон е во колизија со македонскиот Устав и на штета на државата и на граѓаните на Македонија. Причината за ваквиот однос на пратениците лежи скриена во пратеничкиот имунитет, кој ги штити од какви било казнени реперкусии дури и кога гласаат за неуставни закони, закони што се во спротивност на највисокиот конститутивен акт и закони што ги оштетуваат сите граѓани на државата, вклучувајќи го и електоратот што им го дал мандатот?!

Потребни се итни измени во казнената политика за да се спречат функционерската неодговорност и неказнивост

Принципот на неказнивост на функционерите воспоставен од независноста до денес придонесе тие да се однесуваат онака како што диктира дневната политика, без да преземаат каква било одговорност за своите постапки или, пак, да трпат казнени последици за одлуките што ги носат, а кои се на штета на граѓаните и државата.
Токму неказнивоста на функционерите создаде една привилегирана каста во државата, која без ронка одговорност, постапувајќи исклучиво по партиски директиви, се дрзнува да носи закони што се спротивни на Уставот и кои предизвикуваат несогледливи штети.
Бурни реакции во јавноста деновиве предизвика одлуката на Уставниот суд за поништување на Законот за солидарен данок, кој го воведе претходната влада во 2023 година и кој сега веќе не важи. За неважечкиот закон, кој служеше еднократно, државата сега ќе треба да им врати околу 49,2 милиони евра на 156 компании, кои во еден наврат им ги наплати како на најбогати компании во државата. Враќањето на средствата ќе треба да се одвива договорно, по барање на оданочените богати компании, кои сметаат дека се оштетени и доведени во нееднаква положба пред Уставот.
– Рокот за барање поврат и за враќање на средствата е пет години од објавувањето на одлуката во „Службен весник“ – појасни претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски.
Министерството за финансии соопшти дека ќе постапи откако одлуката за поништување на солидарниот данок ќе биде објавена во „Службен весник“ и од буџетот ќе ги исплати создадените обврски.
Премиерот Христијан Мицкоски пред извесно време изјави дека ако судот донесе одлука да се вратат 50-те милиони евра од солидарниот данок, тие ќе бидат вратени. Истовремено најави и потенцијална кривична одговорност за креаторите на оваа политика.
– Ние враќаме многу работи што ги задолжиле претходните. Многупати сум рекол дека нема да ги коментирам одлуките на Уставниот суд. Ако донесат таква одлука, мора да ги вратиме тие пари, нема што да правиме, ќе скратиме од нешто друго и ќе направиме ребаланс. Наедно, ќе ја разгледаме и можноста за кривична одговорност на тие што донесоа одлука на ваков начин да се води економијата, зашто де факто буџетот е оштетен – рече Мицкоски.

Колосална системска противречност: Прекршување на Уставот со умисла од страна на народните избраници!?

Несомнено овие 50 милиони евра ќе ги платат граѓаните од свој џеб, додека оние што биле свесни дека законот е неуставен и повторно кренале рака во Собранието, ќе останат неказнети. А вината за оштетениот буџет лежи исклучиво кај народните избраници што го поддржале тој закон, постапувајќи по партиска директива, без да водат сметка дали тој закон е во колизија со македонскиот Устав. Причината за ваквиот однос на пратениците лежи скриена во пратеничкиот имунитет, кој ги штити од какви било казнени реперкусии дури и кога гласаат за неуставни закони.
Во разговор со експерти од областа на уставното право, но и на казнената политика, се отвори дилемата дали и пратениците треба да преземаат кривична одговорност за нивното гласање во Собранието од кое може да бидат предизвикани многу штетни последици.
– Со оваа одлука за поништување на Законот за солидарен данок, всушност има оштетување на државниот буџет. Кога ќе биде констатирано дека кој било друг функционер го оштетил буџетот, тој добива кривична пријава и може да биде осуден за тоа. Некои функционери завршија во затвор токму за направени штети во буџетот. Не гледам зошто и пратениците не би биле подложни на такви казнени мерки. Точно е дека тие имаат имунитет и дека се заштитени од прогон за дела чија затворска казна е до пет години, но крајно време е да почнеме да ги менуваме законите. Како што треба да се врати казнивоста за судиите и обвинителите така треба да се врати и за пратениците. Би било добро да се донесе закон со кој би се предвидувала законска казна над пет години за дела предизвикани од несовесно работење на пратениците односно гласање закони со кои му се прави штета на буџетот – порачуваат експертите.
Според нив, без казни во оваа држава нема никогаш да се средат состојбите и затоа не смее да има заштитени касти.

За некои од експертите, гласањето противуставен закон е рамно на велепредавство!

– Значи, над 60 луѓе во Собранието кренале рака за да изгласаат неуставен закон. Зошто претходно не била отворена дебата, зошто законот не бил испратен на разгледување кај експертската јавност, зошто не ги поминал како што треба сите собраниски филтри, па откако сите ќе ги изнесат своите мислења, тогаш да се гласа или да се повлече законот. Вака, сите пратеници што го дале својот глас за овој противуставен закон треба кривично да одговараат и затоа е неопходен нов закон со кој на одговорност ќе бидат повикувани и пратениците. Во тој случај повеќе нема да имаме гласања во Собрание онака како што ќе диктира владата или партискиот шеф, туку секој пратеник добро ќе се замисли дали би можел кривично да одговара за некоја одлука. Тогаш можеби пратениците конечно ќе сфатат дека за партијата тие имаат само обична употребна вредност и дека партијата ќе ги отфрли во истиот момент кога веќе нема да ѝ бидат потребни. Можеби го знаат и тоа, па затоа го користат мандатот за лични лукративни причини, да се збогатат што повеќе, па потоа лагодно да си живеат. Но, од друга страна, ако почнат да ги застапуваат интересите на оние што ги изгласале, тогаш е сосема поинаква приказната, десет пати ќе ги проверуваат законите за кои се бара нивна поддршка, па потоа ќе гласаат. Граѓаните сакаат пратеници што ги штитат нивните, а не личните интереси. Ова е рамно на велепредавство. Граѓаните се предадени и измамени од нивните народни избраници – велат познавачите.

Регулатива со која ќе се казнуваат пратениците што ќе поддржат неуставни закони

За нив едно од решенијата да се прекине со ваквата практика на гласање по автоматизам е носењето закон со кој ќе се казнуваат пратениците што ќе поддржат неуставни закони.
– Треба да се донесе закон со кој нема да има недопирливи, вклучувајќи и за сите пратеници. Ако тие изгласаат закон, а подоцна Уставниот суд како највисоко политичкоправно тело во државата оцени дека нешто е противуставно и го поништи законот, тогаш тие пратеници да бидат казнети за да внимаваат утре за што ќе гласаат. Вака, знаејќи дека правдата ништо не им може, носат противуставни закони и никому ништо, го оштетиле буџетот, а цехот ќе го плаќа народот. Ако ги набљудуваме работите низ една поширока призма, со ваквото несовесно работење дури има елементи и за велепредавство. Некој што добил мандат од граѓаните да работи во нивен интерес и во интерес на државата, практично носи закон спротивен на граѓанските интереси и работи контра државата само затоа што се договорил со својата коалиција или во полза на својата партија. Сето тоа е направено со знаење, не може пратеник да не знае за што гласа. Точно знае за што се гласа, па затоа не смее неказниво да помине пратеник што гласал за противуставен закон – посочуваат познавачите.
Тие уште додаваат дека штетите направени од гласањето за неуставни закони треба да ги надоместат оние што ги предизвикале.
– Штетните последици треба да ги надоместат оние што го изгласале законот, тие сториле кривично дело бидејќи го оштетиле буџетот. Затоа секое кривично дело треба да се санкционира и колку што може повеќе да се врати во претходната состојба за штетата да биде што помала. Тоа значи да се соберат нивните анкетни листови и да се конфискува нивниот имот до сумата за која е оштетен буџетот. Не е должен народот да плаќа за нивното несовесно работење. Кога нив ќе ги удриме по џебот, тогаш поинаку ќе почнат да размислуваат – констатираат познавачите.