Фото: „Нова Македонија“

Македонско-бугарската комисија за историски и образовни прашања да се изземе од политички замешателства

  • Уште од самиот почеток работата на комисијата беше политизирана бидејќи се измести нејзиното тежиште од историските факти кон политичките желби и барања…
  • Неколкупати досега повеќемина аналитичари и историчари нагласија дека најголемиот проблем произлегува од политичките ставови на некои од бугарските членови во историската комисија, бидејќи тие не ја признаваат македонската национална индивидуалност пред 1944 година и ги негираат македонските национални особености – историја, јазик, култура, обичаи…

На 18 и 19 септември во Скопје треба да се одржи четвртата средба на македонско-бугарската комисија за историски и образовни прашања за годинава, но досегашното искуство покажува дека нема да се постигне некој сериозен напредок. Веќе подолг период повеќемина експерти, но и познавачи на состојбите од Македонија и Бугарија, предупредуваат дека работата на комисијата е исполитизирана, особено од бугарска страна.

Работата на комисијата – исполитизирана од самиот почеток

Дека има влијание на политиката врз работата на историската комисија потврди и Драги Ѓоргиев, иако претходно го негираше тоа, особено по заминувањето на проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев и неговата оставка, за која рече дека ја поднесува поради политички притисоци. Во една од своите последни изјави за македонските медиуми, Ѓоргиев нагласи дека оваа комисија била исполитизирана од самиот почеток, како и дека станала алатка за инструментализација на историјата во политичките односи меѓу Македонија и Бугарија.
Нашите соговорници, кои се добро упатени во оваа проблематика, посочуваат дека проблемот произлегува од фактот дека експертската комисија за историски и образовни прашања треба да придонесе за објективно и научно толкување на историските настани и личности врз основа на автентични и на докази засновани на историски извори, во согласност со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка помеѓу Македонија и Бугарија. Но нејзината работа уште од самиот почеток беше политизирана бидејќи се измести нејзиното тежиште од историските факти кон политичките желби и барања, велат нашите соговорници.
Неколкупати досега повеќемина аналитичари и историчари нагласија дека најголемиот проблем произлегува од политичките ставови на некои од бугарските членови во комисијата, бидејќи тие не ја признаваат македонската национална индивидуалност пред 1944 година и ги негираат македонските национални особености – историја, јазик, култура, обичаи итн.

Голем дел од бугарскиот наратив за Македонија почива на ненаучни основи

Искажаното беше потврдено и од Димитар Атанасов, бугарски историчар, според кого, голем дел од бугарскиот наратив за Македонија почива на ненаучни основи. Тоа е поврзано со пропагандата од крајот на 19 и првата половина на 20 век, според која, Македонија треба да се распарчи меѓу одредени балкански земји, меѓу кои како главна се гледа Бугарија. Но сега ситуацијата е многу поинаква, многу одамна помина тоа време и ништо не најавува дека ќе се врати тоа. Во однос на бугарските историчари и нивниот пристап, Димитар Атанасов нагласи дека треба да се прави разлика помеѓу историчари и историчари.
– Некои од тие луѓе и до ден-денешен тврдат дека Македонија е бугарска, пројавуваат неуважување кон современиот македонски идентитет, кон фактот дека македонскиот народ, македонската нација, македонскиот јазик постојат и ние немаме право да кажуваме дека тоа не е така. Како што јас немам право да ви речам дека треба да се нарекувате поинаку од она како што се нарекувате, така и вие немате право да тврдите дека јас не сум Димитар, туку дека сум Петар на пример. Јас сум Димитар и точка по прашањето. Македонците се Македонци и не е убаво ние да тврдиме дека тие се нешто друго. Треба да прекинеме со тоа – нагласи Димитар Атанасов за оваа проблематика.
Комисијата за историски и образовни прашања беше создадена во согласност со Договорот за пријателство со Бугарија каде што строго определено се вели дека нејзините членови ќе работат врз принципот за објективно и научно толкување на автентични и на докази засновани историски извори. Според нашите соговорници, сите членови на комисијата, од македонска и бугарска страна, треба да работат врз овој принцип, а не да се злоупотребува работата на комисијата за остварување одредени политички цели. Дополнително на ова, добро упатените во оваа проблематика велат дека комисијата треба да работи независно и одделно од политичките и општествените текови, односно дека не може членството на Македонија во Европската Унија да се поврзува со работата на комисијата, бидејќи нејзините членови се надлежни за минатото, а не за некои современи текови.


Нова провокација од поранешен бугарски дипломат и член на комисијата

Топалов: Може да дојде до напредок само со промена на политичкото размислување на македонските лидери

Поранешниот дипломат и член на комисијата, Кирил Топалов, во изјава за бугарскиот медиум БГНЕС, нагласува дека до напредок во работата може да дојде само со промена на политичкото размислување на македонските политички лидери, како и дека доколку македонските лидери треба да дадат соодветна инструкција на нивната комисија.
– Проблемот доаѓа од тоа што Скопје нема свој став. Тие слушаат што им кажува Белград и преку Белград – Москва – вели Кирил Топалов за БГНЕС.
Овој тип изјави не се новина. Досега неколкумина членови од бугарска страна, некои од нив и со претходно искуство во политиката и дипломатијата, излегуваа надвор од опсегот на работата на комисијата и даваа политички коментари. Во овој правец се и честите изјави на Ангел Димитров, копретседател во комисијата и дипломат од кариера, дека Македонија не се однесува како кандидат за членство во Европската Унија. Д.Ст.