Итно раскинување на договорот Заев – Борисов од 1 август 2017 и на спогодбата Димитров – Коѕијас од 17 јуни 2017 година, како и семакедонско помирување и обединување и безусловно распуштање на меѓувладината македонско-бугарска и македонско-грчка комисија за ревизија на македонската историја, побара претседателот на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров, во Трново, на 51. традиционална Семакедонска илинденска средба, на која присуствуваа голем број граѓани и иселеници од европските и прекуокеанските земји. Европската Унија и НАТО не се достојни за промена на името на државата и идентитетот на нацијата – рече во своето обраќање Тодор Петров. Тој го повтори барањето за историско помирување на македонскиот народ со сите соседни народи и потпишување договори за траен мир и добрососедство помеѓу Македонија со соседните држави врз почитување на основниот принцип на суверено право на суверена еднаквост и заемно разбирање и почитување. Петров испрати порака светот и Европа да го почитуваат универзалното, неотуѓиво и неприкосновено право на самоопределување и самоидентификација на македонскиот народ за сопствена држава Македонија, како единствено решение на македонското прашање.
На 51. традиционална Семакедонска илинденска средба се обрати и претседателот на МАНУ, академикот Љупчо Коцарев Радоста, гордоста и спокојот што ги носам во себе денеска, тука, во Трново, по овој настан произлегуваат од мојата увереност дури и сигурност дека македонската држава, идентитет, јазик, култура и уметност ќе опстојат на овие простори и во вековите што доаѓаат, затоа што тие се длабоко врежани во историјата и во срцата на секој од нас – истакна академик Љупчо Коцарев. Поздравувајќи ги во името на Матицата на иселениците присутните на Семакедонската илинденска средба, претседателот Иван Џо Петровски истакна дека Илинден е дело на македонскиот народ, а круна на Илинден е АСНОМ 1944. – Илинденското востание и антифашистичката војна се порака на мртвите и жртвите од минатото за слободата и иднината на Македонија, за иднината на македонскиот народ и Македонија. Јазикот е народот, зашто без македонски јазик нема ниту македонски народ – потенцира Иван Џо Петровски, кој ја отфрли идејата за заедничко македонско-бугарско славење на Илинден. По официјалниот дел, се одржа општонародна веселба. М.М.