Самитот на организацијата „Македонија 2025“, којa постои веќе 18 години, кој деновиве се одржа во Скопје, вклучува активно присуство на голем број успешни бизнисмени од нашата земја, но и од целиот свет. И овој пат фокусот на „Македонија 2025“ беше ставен на можностите за економски напредок на нашата земја, но со една критичка перспектива за организацијата: Каде бевме, каде сме, каде ќе бидеме во иднина – „Македонија 2025“?
Каде бевме, каде сме, каде ќе бидеме во иднина: „Македонија 2025“
Ова е 14-та година како се организира самитот, кој е голема пригода и во кој нашите бизнисмени имаат можност да се поврзат со бизнисмени од дијаспората, бизнисмени од САД и од целиот свет што доаѓаат на самитот како излагачи или, пак, со друга цел. Ваквите настани и нивното присуство се добар момент за воспоставување нови комуникациски канали, но и голема шанса за лобирање во новата американска администрација. На самиот настан учествуваа над 700 претставници од домашни, глобални и компании од дијаспората, експерти и лидери, а токму тоа го прави привлечен.
Од стартот организацијата се претстави како „покровител/олеснувач“ на нашата земја, организација што цели кон помош на земјава во нашиот пат кон забрзан економски раст и членство во ЕУ и НАТО. Основана е од македонски иселеници, кои иако изградиле успешен бизнис далеку од Македонија, најавија срдечна поддршка за земјата, со цел поголем економски раст, но и подобар животен стандард за граѓаните.
Како што истакнаа и самите членови на одборот на „Македонија 2025“, но и извршната директорка Никица Мојсоска Блажески, организацијата патем промени дел од приоритетите и иако нивните поставени цели не се достигнати, сепак, не отстапуваат од намерата да продолжат со поддршка за економски раст на земјата.
Како што истакна Виктор Мизо, член на одборот на директори во „Македонија 2025“, сликата за организацијата низ годините се промени, и од некогашната замисла во која членови на истата таа беа само успешни бизнисмени од дијаспората, денес во неа членуваат голем број бизнисмени и од Македонија.
– Порано луѓето нѐ перципира како организација каде што наши успешни луѓе од дијаспората само даваат совет или ни солат памет што да правиме овде, иако тоа не беше реалност. Со промената, сѐ повеќе Македонци што живеат овде станаа дел од организацијата и придонесуваат да променат нешто за организацијата… Клучно прашање сега е што откако влеговме во 2025 година и дали се постигнати целите на организацијата.
На нашата последна средба во САД беше дискутирано токму на оваа тема и сметаме дека со оглед на тоа што името „Македонија 2025“ веќе е препознатлив бренд, треба да го зачуваме, но може да додадеме нешто ново – кажа Мизо.
Директорката Мојсоска-Блажески потсети дека „Македонија 2025“ започна како визија на Џон Битов Постариот уште во 2002-2003 година, а израсна во организација и лобира визионерски со цел да помогне Македонија да има посилна нација.
– Имавме визија да се мобилизира дијаспората за да се поттикне економскиот и општествениот развој во земјата. Целата е да помогнеме во општествениот развој на Македонија. Идејата била да се помогне Македонија да се развие, но и да стане член на Европската Унија и НАТО до 2025 година, а оттаму и името на организацијата.
Почетоците на организацијата беа пред сѐ во советодавниот дел, но денес оваа организација спроведува програми за Македонија, и тоа над 40 програми годишно, кои, според нас, се најзначајните области, како образованието, раст на бизнисите, подобрување на деловното опкружување и вмрежување и искористување на потенцијалот на дијаспората – истакна директорката.
Поддршка за студенти и за бизнисмени
Таа дополни дека се имплементираат четири програми што според нив се важни за развојот на Македонија, како забрзување на растот на Македонија, развој на лидерство и поддржување таленти, силни партнерства и врски низ светот…
Мојсоска се осврна и на постигнувањата на „Македонија 2025“ во земјава, истакнувајќи дека иако би сакала тоа да се изрази низ бројки, сепак е навистина тешко.
– Тешко е да се измери колкав е импактот од средбите и придонесите што ги направиле Мајк Зафировски и Џон Битов и преостанатите основачи врз општеството. Навистина е невозможно да се измери влијанието или постигнатото кога сте овозможиле некој студент без финансиски можности за студии, да ги заврши посакуваните студии и да се вработи во некоја успешна светска организација – укажа Мојсоска.
За членовите на одборот на директори на „Македонија 2025“ значајно е да се има предвид дека приватниот сектор има големо значење во развојот на една земја и дека тие треба и можат да бидат лидери во трансформација на државата и нивната визија за развојот на земјата до 2030 година.
– Македонија мора да ги трансформира јавните услуги, да вложува во технолошките таленти, но и да ги подготви компаниите за современиот дигитален екосистем преку дигитална трансформација и примена на вештачката интелигенција. Како да се постигне ова ќе биде едно од клучните прашања на кои ќе се обидеме да дадеме одговор токму на самитот – изјави Кати Ицева, членка на одборот на директори на „Македонија 2025“.
За значењето на дигиталната трансформација на земјата и напорите на „Македонија 2025“ во оваа област зборуваше и Васко Кроневски, член на бордот на директори, кој напомена дека технологијата станува стратегиски ресурс за развојот и ние мора да ја гледаме така.
– Можеме да го постигнеме посакуваниот економски раст и развој на целото општество доколку ја употребиме технологијата и ги ставиме во функција огромниот број домашни таленти што сега работат за потребите на други конкурентни економии и го поддржуваат нивниот развој – истакна Кроневски.
Првенство е поддршката за Македонија да не застанува
Директорката уште претходно за „Нова Македонија“ објасни дека при основањето на „Македонија 2025“ имало силно верување дека до 2025 година Македонија може значително да го затвори развојниот јаз со развиените европски земји, што значи дека граѓаните ќе уживаат висок животен стандард и бизнисите ќе напредуваат. Но, наедно, укажа дека иако веќе сме во 2025 година, за жал, постигнувањето на целите е мошне ниско. Македонија значително заостанува зад планираната траекторија и поставените цели.
Наедно укажа дека низ годините организацијата се развиваше, се адаптираше според потребите и предизвиците со кои се соочуваше Македонија и континуирано созреваше, градејќи цврста основа за раст и влијание.
– Изминатите години беа исполнети со подеми и падови, со светли моменти кога организацијата придонесуваше многу за просперитетот на Македонија, но и моменти кога стоевме на маргините на економскиот и општествениот живот, заради различни интерни и екстерни фактори – укажува директорката.
Таа исто така напомена дека како невладина организација, работењето им зависи од многу фактори, вклучувајќи ја и соработката со Владата, додавајќи дека најголем дел од финансирањето доаѓа од членови и пријатели, од одборот на директори и другите тела во организацијата, што ги прави независни, но и ограничени во дејствувањето.
– Нашите најзначајни програми се во две категории, поддршка на таленти и лидери и директна и индиректна поддршка на бизнисите. Поддршката на таленти и лидери опфаќа различни корисници, од млади талентирани деца што доаѓаат од социјално ранливи категории до менаџери на македонски компании и претприемачи. Ова го правиме преку различни стипендии за талентирани млади ученици и студенти, менторирање, врвни обуки за извршни директори и менаџери итн.
Во втората група програми, за поддршка на бизнисите, им помагаме на компаниите да ги надминат главните предизвици поврзани со растот и извозот, користејќи експертиза од искусни професионалци од Канада и од светот. Ефективноста на нашите програми ја потврдуваат самите учесници, чија позитивна повратна информација и напредок се најголемите индикатори за успех. Досега во нашите програми учествувале околу 615 компании – потенцира Мојсоска Блажески.
Уште еден сегмент по кој е препознатлива организацијата е поддршката на студентите, а како што истакнува директорката, организацијата го препознава образованието како основа за создавање идни лидери и професионалци што ќе го поттикнат општествениот и економскиот развој на Македонија.
– Нашата посветеност кон образованието се рефлектира преку внимателно осмислени и структурирани програми, кои се дизајнирани да ги поддржат младите таленти, студентите и професионалците на различни нивоа од нивниот образовен и кариерен пат. Досега обезбедивме финансиска, менторска и практична поддршка за значителен број стипендисти, во различни категории – посочува Мојсоска Блажески. E.Р.
Нови стипендии за студенти со висок просек
Вештачката интелигенција, нејзиниот брз напредок и придобивките од неа беа меѓу темите на дискусија на овој самит. На темата посебно внимание привлече разговор со Дао Џенсен, претседателка на „Компас УОЛ“ (Compass UOL), на темата „Вештачка интелигенција, истрајност и неконвенционалниот пат“, каде што беа истакнати улогата на истрајноста и визијата во технолошкото претприемаштво. Панелот „Револуција на вештачката интелигенција“ донесе конкретни примери за тоа како ИКТ-иновациите веќе ги менуваат традиционалната индустрија и деловните модели.
– Во рамките на вториот ден од самитот се одржа и свечената церемонија за доделување на наградите за академска извонредност на стипендистите од програмата поддржана од фондацијата „Атанас Близнакоф“ од САД. Наградени беа 11 студенти од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје што оствариле успех во последните три години од студиите со просек над 9,5 – укажуваат организаторите.
На панелот „Враќање на инвестициите, движење напред: Улогата на дијаспората во националниот раст“, модериран од соосновачот на „Македонија 2025“, Џон Битов, претставници на успешни компании на нашинци од светот дадоа нови перспективи за економската интеграција на дијаспората со домашната економија. Е.Р.