Фото: Маја Јаневска-Илиева

Историски потсетник: На денешен ден

Повелбата за устројството на судовите од 31 март 1945 – акт што е дел од заокружувањето на македонската државност

Одлуката на Президиумот на АСНОМ од 31 март 1945 година, формално позната како Повелба за устројството на редовните народни судови на Федерална Македонија, претставува чин со кој се поставени темелите на современиот правосуден систем во Македонија. Истиот ден, на 31 март, е донесено и решение за формирање посебен суд за судење престапи против „македонската национална чест“, што ги одразувало тогашните повоени политички околности. Повелбата на АСНОМ за судството е од огромно историско значење не само за судството туку и за државата, бидејќи со овој документ се афирмираат основните принципи на судската власт како независна, самостојна и професионална. Со таа Повелба се востановува и се афирмира судската власт и како заштитник на поредокот и правата на граѓаните, а организацијата и принципите на работа упатуваат на елементи што судството го карактеризираат како демократско, напредно и со почитување на стандардите за законитост, јавност, за еднаквост на граѓаните, жалбена постапка, почитување на правата и позицијата на обвинетиот, на правото на одбрана.
Поради историската важност на овој датум, 31 март денес се одбележува како Ден на македонското правосудство. Значењето на оваа Повелба се огледа во неколку клучни аспекти. Ова е првиот правен акт донесен од законодавно тело со кој се дефинира судската власт како посебна и одвоена од воените структури. Со Повелбата за првпат е воспоставена тристепена судска мрежа – редовна хиерархија на судовите на целата територија на државата: 25 околиски суда (како основни судови), три обласни суда со седишта во Скопје, Штип и Битола, како и Врховен суд на Македонија со седиште во Скопје.
Оваа одлука на АСНОМ има големо институционално влијание: со неа судовите престанале да бидат импровизирани органи при народноослободителните одбори и станале професионални државни институции. Тоа овозможило правна сигурност и почеток на институционалното решавање на граѓанските и кривичните спорови во новоформираната македонска држава во рамките на тогашната југословенска федерација.
Одлуката на Президиумот на АСНОМ од 31 март 1945 година има и државотворен карактер, бидејќи овој акт е дел од заокружувањето на македонската државност, со оглед дека самостојната и организирана судска власт е еден од основните елементи на која било суверена држава, што е случајот и со тогашна Демократска Федерална Македонија и денес со Републка Македонија.
Инаку, формирањето на првите редовни цивилни судови во Македонија почнува со донесувањето на одлуката на Второто заседание на АСНОМ од 2 август 1944 година за формирање судски органи и поверенство за судство, како и судски оддели при народноослободителните одбори и нивните задачи. На 20 октомври 1944 година е донесено решение на Президиумот на АСНОМ, во кое во точка 12 се предвидува дека до целосното уредување на правосудството во Македонија судењата ќе се вршат во рамките на народноослободителните одбори.
За разлика од револуционерните судови, судовите на партизанските одреди во овој период се јавуваат како хибриден вид правосудни органи, кои, иако формирани од НОВ на Македонија, сепак, се карактеристични по две нешта: првпат станува збор за правосудни органи засновани со акт на законодавно тело и за органи што се одвоени од воената структура, доминантна во сите сфери на живеењето во тој период.

Свето Тоевски