Фото: „Нова Македонија“

Алармантната состојба со убиства од огнено оружје забележана во изминатиот период е повод за укажување на проблемот со оруженото насилство на Стариот Континент, на што укажуваат и податоците од неколку последни истражувања

Насилството извршено со огнено оружје зема замав од југот до северот на Европа, со забележани убиства во оружени престрелки од скопската населба Чаир до нападот во центар за едукација на возрасни во шведскиот град Еребро, во изминатите две недели. Токму ваквата алармантна состојба е повод за укажување на проблемот со оруженото насилство на Стариот Континент, на што укажуваат и податоците од неколку последни истражувања.

Се потегнува по оружје за истерување улична правда

Во престрелката во скопски Чаир имаше еден загинат (на 35-годишна возраст) и двајца повредени, а наводната причина за инцидентот е недоразбирање во сообраќајот.
Со 12,25 случаи на милион жители, Македонија е трета во Европа според стапката на смртност од огнено оружје, покажува анализата на статистичкиот портал „Ландгеист“, базирана на податоци на меѓународниот Институт за мерење и процена на здравјето со седиште на Универзитетот во Сиетл, САД, објавена минатата година. Повисока стапка на смртност од огнено оружје има во Турција (18,16) и во Албанија (15,2). Од земјите во соседството, таа стапка во Србија е 10,44, во Бугарија е 7,69, а во Грција е 4,35.
Македонската јавност сведочеше на оружени пресметки среде градските улици, трговски центри, кафулиња и на други јавни места, што јасно говори дека оружјето станува средство за истерување некаква лична правда. Оружје се вадеше и при недоразбирања во сообраќајот, а практиката веселбите да се прославуваат со истрели во воздух, и покрај сите апели и кампањи, продолжува и натаму со несмален интензитет.
Ваквата состојба се должи и на eродираните и нефункционални институции, како и на лесниот пристап преку црните пазари, што доведе до тоа сѐ повеќе македонски граѓани да имаат пристап до нелегално оружје, што, од друга страна, придонесува константно да се зголемува бројот на смртни случаи предизвикани во оружени инциденти. Експертите сметаат дека институциите треба да почнат да ги фаќаат испуштените конци во оваа исклучително чувствителна област бидејќи поразително е земја што е во срцето на Европа, да биде во врвот според жртвите предизвикани од употреба на огнено оружје.

Шведска е единствената европска држава во која смртоносните престрелки
значително се зголемија од 2000 година

Најмалку 11 лица загинаа во она што шведскиот премиер Улф Кристерсон го нарече најлошиот случај на масовно пукање во историјата на земјата, кога оружен напаѓач отворил оган во центар за едукација на возрасни во градот Еребро на 5 февруари. Шведската полиција соопшти дека осомничениот за нападот, кој е меѓу загинатите, немал поврзаност со криминални банди и се смета дека дејствувал „без идеолошки мотив“. Мотивот за масовно пукање во Шведска можеби никогаш нема да биде познат, но фактот дека речиси сите жртви имале странско потекло предизвика загриженост кај имигрантите во земјата.
Шведска е единствената европска држава во која смртоносните престрелки значително се зголемија од 2000 година, со забележан скок од една од најниските стапки на оружено насилство на континентот до една од највисоките, за помалку од една деценија.
Додека земјата има строги закони за оружје, криминолозите го поврзуваат порастот на пукањата со нелегалната трговија со дрога и резервите од огнено оружје шверцувани од повоените балкански земји, Источна Европа и од Турција. Шведска е позната и по тоа што криминалните банди регрутираат деца на возраст од 11 години за да бидат платени убијци, како што информираат тамошните власти.
Рекордот за најголем број престрелки е поставен во 2022 година, со 391 случај, покажуваат полициските податоци.
Шведската влада најави дека планира да ги зајакне своите закони за оружје, вклучувајќи го и ограничување на пристапот до полуавтоматско оружје, по најлошото масовно пукање во земјата. Р.С.