Фото: ЕПА

Извештај за надворешните закани за САД, изработен од страна на американската разузнавачка заедница за 2025 година, беше претставен пред некој ден во американскиот Сенат. Документот го презентира директорката на националното разузнавање Тулси Габард, придружувана од директорот на ЦИА, Џон Ретклиф.
Од тој документ во голема мерка зависи идниот политички однос на Вашингтон кон Москва, при што од тој документ полесно ќе бидат направени политички процени и одговори на прашањето дали во иднина е можно да се постигне некаква заемна соработка на релацијата Вашингтон-Москва

ВО СЕНАТОТ НА САД ПРЕТСТАВЕН ИЗВЕШТАЈОТ ОД АМЕРИКАНСКИТЕ РАЗУЗНАВАЧИ ЗА НАДВОРЕШНИТЕ БЕЗБЕДНОСНИ ЗАКАНИ ЗА САД ЗА 2025 ГОДИНА

Пред некој ден во американскиот Сенат беше претставен еден исклучително интересен документ, имено Извештајот за надворешните закани за САД за 2025 година. Документот е изработен од страна на американската разузнавачка заедница и, според карактерот и тежината на извештајот, тој претставува мошне важна основа, врз која американските институции ја темелат својата безбедносно-политичка процена. Во тој контекст би било интересно да се направи краток осврт на тоа „каква е актуелната процена од страна на разузнавачко- безбедносната заедница на САД во врска со можните закани за Америка“, која како безбедносна процена ја прават специјализираните безбедносни служби на САД за 2025 година.

Најпрво презентирани внатрешните безбедносни закани за САД

Групите за нелегална трговија со дрога се рангирани над другите големи закани за првпат во историјата на безбедносните извештаи!
Во воведниот говор во Сенатот, директорката на националното разузнавање Тулси Габард рече дека „криминалните групи и терористите претставуваат многу директна и непосредна закана за Соединетите Американски Држави и благосостојбата на американскиот народ“!
Во документот беа нагласени заканите во врска со „фентанилот и други недозволени дроги дистрибуирани од транснационални криминални групи“.
Во документот е нагласено дека некои од тие криминални групи се ангажирани во „други незаконски активности што пошироко ја загрозуваат безбедноста на Соединетите Американски Држави, вклучувајќи и трговија со луѓе, сајбер-операции, перење пари и поттикнување насилство“.
Токму поради ваквиот бомбастичен вовед, каде што се издвоени како први „внатрешните закани“, претседателот на Комитетот за разузнавање на Сенатот, Том Котон, изјави дека „групите за нелегална трговија со дрога се рангирани над другите големи закани за првпат во историјата на таквите извештаи“, што е во согласност со фокусот на Трамп на граничната безбедност и борбата против илегалната имиграција.

Според Извештајот на американската безбедносна заедница за 2025 година, најголемата закана однадвор за САД доаѓа од Кина

Во извештајот се наведуваат тековните успеси на Пекинг, вклучувајќи ги и развојот на ракети со долг дострел, зајакнувањето на морнарицата и модернизацијата на копнените сили. Кина, според процените на разузнавачките служби, „останува посветена“ на проширување и ажурирање на својот нуклеарен арсенал, се наведува во извештајот.
Во извештајот се тврди дека Пекинг исто така очигледно има развиено „повеќестрана стратегија на национално ниво“ за да ги замени САД како светски лидер во вештачката интелигенција до 2030 година.
Во еден таков тек на информации, во извештајот на американските безбедносни служби се заклучува дека „најсеопфатната и најмоќна воена закана за САД доаѓа од Кина“. Разузнавачките агенции веруваат дека „Кина најверојатно ќе ги ескалира акциите кон Тајван“ и предвидува „стабилен, но нерамномерен“ напредок на Кина во развојот на воените капацитети потребни за „воен настап на островот и одвраќање на американското мешање“.

Иран како закана за САД

Извештајот му посвети посебно внимание и на Иран, како надворешна безбедносна закана.
Имено, во документот се проценува дека „Иран во моментов не развива нуклеарно оружје, но дека врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, е под одреден притисок“.
„Во текот на изминатата година, долгогодишното табу за јавна дискусија за нуклеарното оружје падна, охрабрувајќи ги нејзините поддржувачи во врвот на иранската влада“, се наведува во извештајот.
Иран ќе ги користи своите ракетни способности и нуклеарна програма за да го зајакне своето влијание на Блискиот Исток и ќе продолжи да им помага на милитантните групи во нивниот конфликт со Израел и САД, се наведува понатаму во документот. Сепак, исто така, се забележува дека падот на режимот на Башар Асад во Сирија и значителното воено слабеење на либанската проиранска милитантна група Хезболах „ги принудија лидерите во Техеран да отворат некои прашања за фундаменталниот пристап на Иран“.

Процени за Украина и за Русија

Во годишниот извештај, американските разузнавачки агенции алармираат поради брзото намалување на изгледите на Украина на бојното поле да направи некаков пресврт или прогрес. Во документот се предупредува дека Москва „добива значајна предност“ во конфликтот во текот на изминатата година и дека е „на пат да консолидира поголемо влијание“ и да обезбеди подобри услови во преговорите со Украина на Западот.
„Без оглед на тоа како и кога ќе заврши конфликтот во Украина, сегашните геополитички, економски, воени и домашни политички трендови на Русија ги нагласуваат нејзината издржливост и континуираната потенцијална закана што би била предизвик во перспектива, за американската моќ, присуство и глобалните интереси“, се наведува во извештајот на разузнавањето. Р.С.


НЕКОИ ЗАКЛУЧОЦИ НА ПОЛИТИЧКИ И БЕЗБЕДНОСНИ АНАЛИТИЧАРИ ВО ВРСКА СО ИЗВЕШТАЈОТ ОД АМЕРИКАНСКИТЕ РАЗУЗНАВАЧИ ЗА НАДВОРЕШНИТЕ БЕЗБЕДНОСНИ ЗАКАНИ ЗА САД ЗА 2025 ГОДИНА

Чувствувам дека Трамп и Путин дејствуваат доста координирано

Според мислење на аналитичарот Зоран Метер од реномираната „Геополитика“, било очекувано Кина да биде дефинирана како „најголема закана за Соединетите Американски Држави во процената на американските разузнавачки служби за годинава“, при што тој додава и дека „тоа сигурно ќе остане така уште многу години“.
Тој го издвојува фактот што „за првпат меѓународниот криминал и поврзаната трговија со дрога беа воведени како нов заканувачки елемент за САД“.
– Тероризмот постои од порано – од големиот терористички напад врз САД на 11 септември 2001 година – вели аналитичарот.
Што се однесува до Русија, очигледно е дека со „изедначување на вината“ на Москва и Киев за спротивставување на договорот за прекин на огнот, тие се обидуваат да ја изедначат вината за самите причини што доведоа до војната, како што, на крајот на краиштата, во неколку наврати изјави Доналд Трамп.
Сепак, процената на разузнавањето ја открива и американската претпазливост за идните дејства на Русија, кои „потенцијално“ би можеле да бидат закана за „американската моќ“ и „глобалните интереси“.
Ова може да се толкува на два начина: или дека Трамп нема да попушти пред Путин и ќе биде повеќе склон да соработува со сојузниците и нивниот пристап за решавање на украинската војна; или дека токму поради руската „потенцијална закана“ за американските интереси би било подобро Вашингтон да ги задоволи клучните национални и стратегиски интереси на Русија и да ги отстрани стравовите на Москва од НАТО во име на постабилни и попредвидливи идни меѓусебни односи.
Според процена на аналитичарот, тој повеќе е наклонет кон втората опција, што донекаде ср потврдува и со договорот постигнат меѓу Москва и Киев со посредство на Вашингтон за Црно Море, истиот тој што британските медиуми го критикуваат како неприфатлив за Лондон. Поточно, како оној што ја претставува „победата на Путин“.
– Секако, рано е да се извлечат какви било конечни заклучоци, но впечатокот кај сите меѓународни политички актери е несомнено дека Трамп и Путин во сето тоа дејствуваат доста координирано и дека имаат предвид многу пошироки аспекти на можна соработка од самиот украински проблем, без разлика колку е тој голем. Но јасно е и дека доколку не се најде заедничко решение за овој проблем, тоа би можело да ги запре сите други намери на американската и руската страна во однос на меѓусебната соработка. Или уште полошо – Трамп целосно да ја напушти својата посредничка улога и да ги остави Москва и Киев со нивните европски сојузници да продолжат да се борат колку што сакаат – но без американско мешање – анализира Метер.
За жал, има значителен број такви, пред сѐ во Европа, што би сакале да пропадне воспоставувањето на американско-руската соработка и кои веруваат дека таквото сценарио најмногу ќе им одговара. Сепак, ова е сосема нерационална желба, чие остварување многу брзо би донело мрачни и заканувачки облаци на целосна воена катастрофа над Стариот Континент, подвлекува аналитичарот.
– Градењето на идната стратегиска безбедност на воено слабата (и сè уште целосно зависна од Америка) Европа врз основа на предизвикување конфронтација со соседната нуклеарна суперсила е јасен знак за целосен недостиг од знаење и визија, па дури би рекол и здрав разум, од страна на нејзините клучни носители на одлуки. Нешто слично важи и за Украина – се наведува во освртот на реномираниот аналитичар кон извештајот од американските разузнавачи за надворешните безбедносни закани за САД за 2025 година. Р.С.