Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во својство на претседавач со Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), беше домаќин на работниот појадок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на иницијативата, што се одржа во рамки на Генерално собрание на OН, во Њујорк. Настанот беше организиран во соработка со Советот за регионална соработка (СРС).
Фокусот на дебатата беше ставен врз европскиот интегративен процес на земјите од Југоисточна Европа, гледано преку призма на континуираната руска агресија врз Украина, која има длабоко влијание врз безбедноста и стабилноста на европскиот континент.
Осврнувајќи се на мотото на претседавањето на Македонија со иницијативата – „Премостување поделби, градење доверба“, Османи направи осврт врз приоритетите на нашето претседавање. Меѓу другите, зајакнувањето на демократијата, помирувањето, регионалната соработка и забрзувањето на евро-атлантските интеграции.
Со оглед дека ПСЈИЕ е најсеопфатна регионална иницијатива во Југоисточна Европа, Османи ја потенцира неопходноста од заеднички ангажман, за сите прашања од витален интерес за регионот.
Пред присутните колеги и гости, го претстави концептот „Повеќе интеграција пред членство“ за кандидатите и потенцијалните кандидати за влез во ЕУ, кој предвидува конкретни придобивки додека трае преговарачкиот процес пред формалното членство.
– Очекуваме Европската Унија наскоро да излезе со нов план за раст кој треба да ни помогне како кандидати да го заживееме процесот, да го поттикнеме економскиот раст и да ги забрзаме реформите кои исто така се скапи за имплементација. Целта е нашите економии да имаат поголем економски раст, за што е потребна поддршка на земјите-членки на ПСЈИЕ, кои се и членки на ЕУ, како и прогресивна интеграција во eдинствениот пазар, проследено со зголемено учество во институциите на ЕУ – нагласи Османи.
Македонија е претседавач со ПСЈИЕ, во периодот 1 јули 2023 – 30 јуни 2024 г., како трето претседавање, по она од 2000-2001 и 2012-2013 година.