Фото: „Нова Македонија“

Според наши соговорници од сферата на правосудството, „бурата што се крена во јавноста околу иницијативата за смена на јавниот обвинител Љупчо Коцевски е само пролетно ветре во однос на вистинските случувања во Јавното обвинителство“. Она што го кажуваат добро информирани извори за состојбите во Обвинителството упатува на потребата од „вистинско торнадо, заради расчистување со добро организирана ексклузивна група влијателни луѓе што контролираат или имаат сериозно влијание во општеството над (не)спроведувањето на законите или процедурите“

Ќе се најде ли јунак што ќе го отвори „затворениот круг“ во Јавното
обвинителство?! (2)

Диригираното инсталирање на специјалното јавно обвинителство како параинституција во македонскиот правосуден систем пред безмалку една деценија предизвика несогледливи последици во делот на владеењето на правото, но што е уште пострашно, според извори во правосудството, „неговото наследство и ден-денеска ја држи во заложништво правната држава“, тврдат соговорниците.

Во Обвинителството потребно вистинско торнадо?

Бурата што се крена во јавноста околу иницијативата за смена на јавниот обвинител Љупчо Коцевски е само пролетно ветре во однос на вистинските случувања во Јавното обвинителство, а она што го кажуваат добро упатени извори за состојбите во Обвинителството упатува на вистинско торнадо, односно на постоење добро организирана ексклузивна група влијателни луѓе што контролираат или имаат сериозно влијание во општеството над (не)спроведувањето на законите или процедурите.
На пример, суспендираниот шеф на скопското Вишо јавно обвинителство, Мустафа Хајрулахи, против кого се води истрага за наводен мобинг, прстот директно го впери во луѓето од поранешното СЈО, кои по згаснувањето на оваа параинституција беа префрлени во Јавното обвинителство и кои, според него „и натаму ги влечат сите конци во државата“. Тој јавно кажа, поттикнат од мотивот да потврди во јавноста постоење на т.н. „луѓе од затворениот круг“ во Обвинителството. Според неговите согледувања, треба да се влезе во костец и да се разбие тој „внатрешен затворен круг и обвинителски монопол“, кој решава за состојбите во Јавното обвинителство, за разрешувањата, суспензиите, договарањата, пазарењата и слично.
– Организмот мора да го исфрли тој имплант, тоа е туѓо тело во организмот. Десет луѓе од тоа СЈО што дојдоа направија лом, без никаков исклучок. Кога е во прашање нивниот интерес, тие се едно… Грст луѓе се зафркаваат со државата. Сега луѓето од бившото СЈО се многу појаки и имаат поголема моќ од претходно. Во овој момент тие раководат со целото ЈО, а Коцевски е само извршител на нивните наредби. Тие не се сами во случајот, зад нив има политичка партија што ги контролира. Контролата е сразмерна, колку таа нив, толку тие неа. Овие луѓе располагаат со невидени материјали од поранешното СЈО. Не случајно тие луѓе од СЈО со години не одеа на работа и после тоа под уцена се избраа во Вишото јавно обвинителство, во ЈОРМ. Ништо не е случајно. Правосудната мафија во овој момент, за жал, владее со Македонија – отворено и мошне енергично, но и разочарано, од друга страна, изјави во јавноста суспендираниот шеф на скопското Вишо јавно обвинителство, Хајрулахи.

Обвиненија со голема специфична тежина од страна на обвинителот Хајрулахи

Суспендираниот шеф на скопското Вишо јавно обвинителство во својот јавен настап порача дека „државата мора да расчисти со ова инсталирано диво месо во Обвинителството, дека иницијативата на премиерот е дури и задоцнета, но сепак, како таква отвора можност еднаш засекогаш да се разбие тој затворен круг во Обвинителството“.
– Последиците, ако сѐ уште доцнат промените во Обвинителството, ќе бидат многу големи. Владата без одлагање да испрати барање за разрешување на Коцевски до Советот на јавни обвинители, кои треба да се изјаснат: или позитивно или негативно. Кое е моето предвидување за ова? Познавајќи ги нив (Совет на јавни обвинители), тие ќе купуваат време со изјаснувањето, само за да може Коцевски да истера уште време на функцијата. Прво 15 дена, па ќе побараат дополнителни 15 дена. Во меѓувреме, тие можат сѐ да направат, да носат скандалозни одлуки и слично. Ќе поминат 30 дена во кои Советот за јавни обвинители би можел да одолжува и што потоа? Како ќе го бранат Коцевски? Откако ќе дадат мислење, тоа мислење од Советот, какво и да е, процедурално се доставува до Владата. Потоа, со мислење од Владата, заедно со мислењето на Советот на јавни обвинители, се доставува до Собранието и таму пратениците одлучуваат. Потоа, Советот на јавни обвинители става в.д. раководител од редот на обвинителите од ЈОРМ. Несомнено ќе стават некој што е дел од нивниот „внатрешен круг“. Тој ќе игра по истите ноти. Ќе објават оглас, по предлог на Владата, Собранието го избира новиот јавен обвинител. Најнадежно е до мај да имаме нов обвинител. Кој и да дојде, сигурно нема да биде ваков, односно марионета, послушник – посочува Хајрулахи. П.Р.


Хајрулахи: Јавноста да дознае како 4,5 милиони евра, пари на граѓаните, завршиле во џебовите на луѓе од поранешното СЈО

Според суспендираниот шеф на скопското Вишо јавно обвинителство Хајрулахи, единаесеттемина обвинители, за четири години зеле 950 илјади евра на име додаток на додатокот. Секој од нив земал по заслуга, има обвинител што земал по 120 илјади евра, некои помалку. Потоа, 30 истражители поделиле еден милион евра, односно по 33 илјади евра завршиле во џебовите на секој од нив. Дополнително, 100 вработени зеле два милиони евра, односно по 20 илјади евра по вработен, додека 20 волонтери си поделиле 50.000 евра или по 2.500 евра по човек…

Суспендираниот шеф на скопското Вишо јавно обвинителство, Хајрулахи, појаснува што треба тој нов обвинител да направи за да го разбие „внатрешниот круг“ од Обвинителството.
– Јас сум длабоко убеден дека тој нов јавен обвинител со самото тоа што против овие 10 обвинители од поранешното СЈО веќе има постапка, тој за нив од прв ден ќе се обиде да побара нивно оддалечување од работа сѐ до завршување на истрагата за предметот „Бонусите од СЈО“. На тој нов обвинител ова ќе му биде прва задача ако сака да го тргне злото од ЈО. Овие исти луѓе му го свртеа грбот на поранешниот јавен обвинител Зврлевски кога отидоа во СЈО, се одрекоа и од Катица Јанева кога ја ставија во притвор, така што и Коцевски ќе го предадат – истакнува Хајрулахи.
Според него, овој затворен круг на луѓе работи во насока да се забошоти случајот со бонусите за СЈО, односно да се спречи јавноста да дознае како 4,5 милиони евра, пари на граѓаните, завршиле во џебовите на луѓе од поранешното СЈО.
– Замислете, 11 обвинители за четири години зеле 950 илјади евра на име додаток на додатокот. Секој од нив земал по заслуга, има обвинител што земал по 120 илјади евра, некои помалку. Потоа, 30 истражители поделиле еден милион евра, односно по 33 илјади евра завршиле во џебовите на секој од нив. Дополнително, 100 вработени зеле два милиони евра, односно по 20 илјади евра по вработен, додека 20 волонтери си поделиле 50.000 евра или по 2.500 евра по човек. Сега одеднаш некој праша каде се парите и одеднаш се крева постапка против мене за наводен мобинг – вели Хајрулахи.
Понатаму додава дека овој предмет се чувал во фиока и никој не постапувал по него, без оглед што имало ревизорски извештај од Државниот завод за ревизија токму за овие бонуси.
– Предметот за бонусите на СЈО прекутрупа се затворил, не се ни чепнал, иако има ревизорски извештај од ДЗРС. Пред да му заврши мандатот на обвинителот Јовевски, последниот ден Ислам Абази од Обвинителството за гонење организиран криминал наводно го реферира предметот пред Јовевски, а овој му дал зелено светло на Абази да ја отфрли кривичната пријава – објаснува Хајрулахи.
Тој уште еднаш порачува дека мора решително да се расчисти со овие луѓе, кои го уништуваат владеењето на правото во Македонија и ја држат во заложништво целата држава.
– Потребни се коренити реформи во Јавното обвинителство. Ништо не е поважно од правото, ние губиме енергија со потрошувачки кошнички и слично, а сите бегаат од државата поради системот. При секаков обид да се деинсталираат овие елементи од Обвинителството, тие трчаат кај меѓународните претставници и се жалат на притисоци. Реформите се неопходни, за нашите деца ако сакаме да останат во оваа држава – заклучува Хајрулахи. П.Р.