Токму преку примерот на Јован Костадинов може да се увиди колку е важна обуката на децата уште од најмала возраст, како во делот на давање прва помош така и при стекнувањето основни знаења за ракување со противпожарна опрема и за навремено детектирање на опасностите што со себе ги носат пожарите
Повод: херојскиот чин на Јован Костадинов од Виница, кој спаси над 20 луѓе од опожарената дискотека во Кочани
Силни емоции во целото македонско општество предизвика херојското дело на 19-годишниот Јован Костадинов од Виница, кој ризикувајќи го сопствениот живот успеа да спаси повеќе од 20 луѓе извлекувајќи ги пред налетот на чадот и пламените јазици во пожарот што на 16 март ја зафати дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој 59 лица загинаа, а 203 беа повредени.
Јован беше пуштен на домашно лекување откако лежеше на Клиниката за токсикологија, каде што ќе продолжи неговата борба за целосно заздравување. Признание за своето дело завчера доби и од своите соученици во гимназијата „Ванчо Прке“ во Виница, кои со аплаузи го дочекаа храброто момче.
– Денешниот настан покажа дека е време да почнеме со некои нови вредности, во кои ќе се почитува хуманоста, вредности во кои сите млади треба да се идентификуваат со ваквиот херојски настап на Јован. Сите сега сме Јован и велиме сите „И јас сум Јован“, бидејќи тој спаси повеќе од 20 свои врсници. Тој го направи тоа професионално. Јован намокрил маица, се намокрил себеси, влегол во диското и така еден по еден успеал да спаси повеќе од 20 млади животи. Се надевам дека младите ќе извлечат голема поука од тоа. Ќе можат да го вреднуваат она што е хумано, вредно и значајно – истакна Радмила Манчевска, психолог во гимназијата „Ванчо Прке“.
Низ разговор со своите наставници, Јован објаснил дека во моментот на пожарот останал присебен и се сетил што треба да направи благодарение на часовите за прва помош, кои неодамна ги имал при полагање за возачка дозвола.
Токму преку примерот на Јован Костадинов може да се увиди колку е важна обуката на децата уште од најмала возраст, како во делот на давање прва помош така и при стекнувањето основни знаења за ракување со противпожарна опрема и за навремено детектирање на опасностите што со себе ги носат пожарите.
Сега само се потврди дека концептот на обуки воведуван во образовниот процес уште во најраната возраст во времето на поранешна Југославија не само што бил оправдан и исправен туку на него сега повторно се навраќаат многу држави за да ги подготват граѓаните за секакви непогоди.
Безбедносните експерти ја истакнуваат важноста од обуките на младите луѓе за да можат да се стекнат со вештини што во некоја ситуација би можеле да им го спасат животот, но и да помогнат во спасувањето на другите, како што го направи тоа Јован.
– Повеќе европски држави сега го враќаат воениот рок оти се свесни дека младите немаат никакви знаења да се справат со безбедносните предизвици. Се менува климата и сѐ почесто имаме интензивни невремиња, поплави, град, силни ветришта, пожарите станаа секојдневие, имавме и закани со бомби по училиштата, така што добро е повторно младите да се обучуваат за секакви ситуации. Давањето прва помош, ракувањето со противпожарни апарати, приклучувањето противпожарни црева на хидрант, следењето на мапите за евакуација, снаоѓањето во простор, сето тоа младите треба да го научат за да можат правовремено да реагираат, наместо само да снимаат со мобилните телефони и да не ги препознаваат опасностите навреме. И не само младите, мислам дека тој концепт на цивилна заштита треба повторно да се воспостави низ целата држава и да се организира, ако ништо друго, барем на пет години по една голема вежба во која ќе се види како функционира системот, каде затајува и што треба да се исправи. Јован научил што треба да направи при пожар, го применил тоа и сега 20 деца се со своите родители – посочуваат безбедносните експерти.