Неутрален статус на Украина, а не „блоковски статус“, односно неутрален и неврзан статус со потврда на статусот на Украина без нуклеарно оружје и враќање на изворните принципи на украинската државност содржани во Декларацијата за државниот суверенитет од 1990 година

Кремљ се огласи во јавноста дека верува во „сеопфатен, праведен и одржлив мир во Украина и Европа“

Рускиот заменик-министер за надворешни работи Михаил Галужин во интервју за руската РТВИ, зборувајќи за низа геополитички прашања, се осврна и на конкретните решенија за руско-украинскиот воен конфликт.
Министерот Галужин истакна дека Москва верува дека е можен „сеопфатен, праведен и одржлив мир во Украина и Европа“ кога ќе престанат борбите меѓу руските и украинските трупи и снабдувањето со оружје од западните земји.
Во врска со руските услови под кои ќе се согласи на мир со Украина, тој го изнесе својот став.
– Потребен ни е неутрален и неврзан статус на Украина, нејзино децидно повлекување од аспирациите да се приклучи кон НАТО и ЕУ, понатаму потврда на статусот на Украина – без нуклеарно оружје, како и признавање на новата територијална реалност од Киев и меѓународната заедница – изјави заменик-министерот.
Министерот Галужин рече дека треба јавноста да го знае фактот дека Украина одбила да размислува за дипломатско решение на војната и дека нема „значителни промени“ во позицијата на Киев бидејќи „продолжува да се потпира на воено решение на конфликтот“.
– Се чини дека многу ќе зависи од тоа колку брзо Киев и Западот ќе сфатат дека рецептот за мирна иднина на Украина лежи во враќањето на изворите на нејзината државност, содржани во Декларацијата за државен суверенитет од 1990 година, која предвидува неутрален статус на Украина, а не „блоковски статус“. Наедно, дека ги почитува ги правата на руското население во земјата и нејзините национални малцинства – рече тој.
Галужин додаде и дека Русија „нема да толерира постоење на отворено антируска држава“ на нејзините граници, додавајќи дека главната пречка за постигнување договор за воспоставување безбедна зона околу нуклеарната централа Запорожје е „тврдоглавоста на Украина.“

За ситуацијата во Приднестровје, Галужин рече дека во моментов е „навистина тешка“

– Русија и нашите мировници на Днестар (реката) ќе направат сѐ што е во нивна моќ за да спречат ескалација во регионот. Се надевам дека загреаните глави ќе имаат доволно разум за настаните да не се развиваат според негативно сценарио – рече тој, додавајќи дека Русија ќе продолжи со напорите за изнаоѓање решение за Приднестровје во форматот 5+2 како „гарант и посредник“, додавајќи дека „тврдењата за намерата на Русија да интервенира во внатрешните работи на Молдавија се лажни“.
– За разлика од Западот, Русија го почитува суверенитетот на другите земји и не се меша во нивните внатрешни работи. Заинтересирани сме за добрососедски односи со Кишињев. Ние се залагаме за конструктивен дијалог со заемно почитување – додаде тој.
Приднестровје е непризнаен отцепен регион меѓународно признаен како дел од Молдавија, но во моментов е под контрола на проруските сили.

За настаните во Грузија и Ерменија

Одговарајќи на прашање за неодамнешните протести во Грузија, Галужин рече дека Москва ја гледа „желбата на Западот да ја размрда ситуацијата“ во земјата за Тбилиси да може да се фокусира на поактивна поддршка за Украина додека ги прекинува врските со Русија. Тој рече дека и покрај недостигот од дипломатски односи меѓу двете земји, трговските и економските односи се развиваат и дека нормализацијата на односите меѓу Русија и Грузија „целосно ќе ги задоволи интересите на народот“ на двете земји. Претходно овој месец, првото читање од грузискиот парламент на нацрт-законот за „транспарентност на странското влијание“ доведе до протести во главниот град Тбилиси, а предлог-законот беше отфрлен во второ читање.
Галужин ја коментираше и темата за дијалог со Ерменија во рамките на Организацијата на Договорот за колективна безбедност (ОДКБ).
– Ние ја потврдуваме нашата подготвеност да ги спроведеме плановите за распоредување на мисијата на ОДКБ на ерменско-азербејџанската граница во интерес на обезбедување на безбедноста на Ерменија – рече тој.
Од декември, азербејџанските активисти, наводно поради еколошки причини, протестираа против илегалната експлоатација на природните ресурси од страна на Ерменија во регионот на Карабах, каде што се стационирани руски мировници од крајот на конфликтот во есента 2020 година.
Односите меѓу двете поранешни советски републики Ерменија и Азербејџан се затегнати од 1991 година, кога ерменската армија влезе во пограничниот регион Нагорно Карабах, територија меѓународно признаена како дел од Азербејџан и седум соседни региони. Во есента 2020 година, во 44 дена конфликт, Азербејџан врати неколку града, села и населби. Мировниот договор постигнат со посредство на Русија беше поздравен како триумф во Азербејџан.


Контингенти на најмодерни тенкови пристигнуваат во Украина