Идејата за обединување меѓу Молдавија и Романија може да води кон опасни безбедносни ризици

  • Во новиот геополитички контекст и во услови на битно намалена функционалност на Обединетите нации и занемарување на меѓународното право, малите држави го гледаат спасот во припојување кон поголеми држави, што од друга страна може да води кон опасни безбедносни импликации врз пошироки подрачја, па дури и да биде вовед во нови сериозни конфликти

И додека светот се соочува со невидени геостратешки поместувања и утврдување на новите зони на интерес на големите сили, во регионот посебно внимание привлече изјавата на претседателката на Молдавија, Маја Санду, за обединување со Романија. Имено, таа истакна дека како мала земја, на Молдавија ѝ е сè потешко да преживее, особено поради надворешното мешање во политичките и општествените фактори во земјата. Нејзината изјава сè повеќе се дискутира во Романија, во самата Молдавија, како и низ целиот Балкан каде што сè уште се присутни идеите за некакво прекројување на границите, па и референдуми за припојување територии од една држава кон друга.
Како и да е, во новиот геополитички контекст и во услови на нефункционални Обединети нации и занемарување на меѓународното право, малите држави го гледаат спасот во припојување кон поголеми држави, што од друга страна може да води кон опасни безбедносни импликации врз пошироки подрачја, па дури и да биде вовед во нови сериозни конфликти.

Санду: Обединувањето е решение за малите земји да преживеат

Деновиве голем број медиуми ја анализираат изјавата на молдавската претседателка Маја Санду за припојување на нејзината земја кон Романија, идеја што опстојува подолго од три децении.
– Доколку имаме референдум, би гласала за обединување со Романија. Погледнете што се случува околу Молдавија денес, погледнете што се случува во светот, станува сè потешко за мала земја како Молдавија да преживее како демократија, како суверена земја и, секако, да ѝ се спротивстави на Русија – рече Санду во интервјуто за британскиот поткаст „Другото е политика“ (The Rest is Politics), каде што таа го формулира својот личен став за релацијата Молдавија-Романија во контекст на геополитичките предизвици.
Од друга страна, во рамките на Молдавија е Придњестровје, кое е отцепен регион со руско население и чии граѓани сакаат тој регион да се припои кон Русија.
Санду, која на претседателските избори победи со силна поддршка на бриселската либерална елита, е свесна дека во моментот меѓу Молдавците нема доволно мнозинство да ја протурка идејата за обединување со Романија, но од друга страна го користи параванот на Европската Унија за да ја реализира ваквата цел преку европска интеграција, со која де факто ќе се избришат романско-молдавските граници, но и регионот на Прињестровје ќе биде сметан како територија на ЕУ и на тој начин Русија ќе се истисне од сегашната позиција меѓу Украина и Молдавија, имајќи го предвид фактот дека во Прињестровје има стационирано руски војници.
И сето ова се случува во фонот на големите геополитички поместувања, особено најавите од страна на САД за припојување на Гренланд, руското преземање делови на источна Украина, зовриената ситуација во Иран, но и други невралгични точки низ светот што веќе се поделени меѓу големите сили и врз кои само ќе се формализираат идните сфери на влијание.

Сигнал со пошироки геополитички импликации

Меѓутоа, гледано во наш регионален контекст, несомнено изјавата на молдавската претседателка Маја Санду дека доколку има референдум би гласала за обединување со Романија не е само внатрешнополитичка порака, туку сигнал со пошироки геополитички импликации. Иако Санду јасно нагласува дека во моментов нема мнозинска поддршка за ваков чекор и дека европската интеграција останува приоритет, самото отворање на темата за државно обединување во чувствителен безбедносен контекст има потенцијал да предизвика одек и надвор од Молдавија, особено на Балканот.
Идејата за обединување на две држави, едната членка на ЕУ и на НАТО (Романија), а другата земја кандидат под силен надворешен притисок (Молдавија), доаѓа во момент кога Европа се соочува со војна, ревизија на граници и засилени безбедносни тензии. Иако случајот „Молдавија–Романија“ има своја историска, јазична и културна специфика, отворањето вакви теми создава преседан: дека државниот суверенитет може да се „редефинира“ како форма на заштита, а не како слабост.
Токму оваа логика може да биде внимателно следена и интерпретирана во други чувствителни региони, меѓу кои и Балканот, кој одамна е простор каде што прашањата за граници, етничка припадност и државен идентитет се политички експлозивни. Иако официјално сите земји се обврзани на почитување на постојните граници, ваквите изјави од источноевропски контекст можат индиректно да ги охрабрат маргиналните, но гласни политички актери што промовираат идеи за „природно обединување“, „корекција на историски неправди“ или етнички редефинирања.
Во таа смисла, дури и ако Молдавија и Романија инсистираат дека секоја одлука би била демократска и мирна, ефектот врз региони со поинаква историја и поголема меѓуетничка чувствителност може да биде дестабилизирачки. Двете држави можеби тактично ќе ја избегнат темата за обединување, за кое се тврди дека засега не е на повидок. Но всушност има назнаки дека веќе се спроведуваат подготовки за да се осигури дека во случај на ненадејна криза, бариерите за обединување би можеле да се надминат.

Се препознава ли Македонија во целата слика и како треба да реагира?

За Македонија, ваквите изјави отвораат повеќе нивоа на импликации – политички, симболички и стратешки.
Прво, не треба да се заборави дека Македонија е држава што во последните децении направи сериозни отстапки за да ги зацврсти својот меѓународен легитимитет и територијален интегритет. Секое релативизирање на принципот на неприкосновеност на државните граници во Европа, дури и во поинаков контекст, може да ја ослаби таа логика на стабилност на која се темели балканскиот мир.
Второ, во Македонија постои мултиетничко општество каде што стабилноста на државата зависи од внимателен баланс меѓу заедниците. Јавниот дискурс во кој обединувањето се претставува како „рационално решение“ за безбедносни или економски проблеми, може индиректно да создаде простор за опасни паралели и шпекулации, иако реалните околности се суштински различни.
Трето, ваквите пораки можат да влијаат и врз европската перспектива. Доколку во ЕУ се отвори дебата за алтернативни модели на интеграција преку обединување со постојни членки наместо класично проширување, тогаш земји како Македонија би можеле да се најдат во уште понеповолна позиција, заглавени меѓу статус кво и неизвесни сценарија.
Од сето ова горе наведено, случајот со изјавата на Санду ја става Европа пред старо, но сè поактуелно прашање: дали стабилноста се гради исклучиво преку почитување на постојните граници или и преку флексибилни политички решенија во исклучителни околности. Одговорот на ова прашање нема да се однесува само на Источна Европа туку и на региони како Балканот, каде што секоја промена во интерпретацијата на меѓународните принципи има директни последици. Токму затоа Македонија мора да биде многу внимателна.

Сашо Таневски


Менување на границите низ диоптријата на Вашингтон

Потсетување на принципот за неменување на границите на Балканот (во контекст на новиот закон на САД од 2026 година)

  • Исклучително е битно дека овој закон вградува и геополитички принципи и сојузнички политики, кои стануваат дел од официјалниот став на САД. Во пракса, ова значи дека САД може да го користат овој закон како основа кога ја објавуваат својата надворешна политика во Европа и особено на Балканот

Во американскиот Закон за овластување за национална одбрана за фискалната 2026 година (НДАА 2026) е вклучен јасен политички принцип дека САД нема да поддржат никакви политики, планови или иницијативи што би довеле до прекројувања граници, размена на територии, отцепувања или прецртување на меѓународно признаените граници на Западен Балкан базирано на етнички линии.
Тоа значи дека во американската национална политика поткрепена со овој закон, промената на границите на Балканот преку договори за размена на територии не е дозволена и нема да добие американска поддршка, без разлика дали идеите доаѓаат од надворешни сили, локални политички елити или групи што предлагаат „корекции“ на границите заради етнички поделби. Ова е всушност правно поддржана политичка позиција на САД од страна на Конгресот, вклучена како дел од најголемиот одбранбен закон за 2026 година.
– Исклучително е битно дека овој закон вградува и геополитички принципи и сојузнички политики што стануваат дел од официјалниот став на САД. Во пракса, ова значи дека САД може да го користат овој закон како основа кога ја објавуваат својата надворешна политика во Европа и особено на Балканот – велат нашите соговорници, универзитетски професори по меѓународно право. П.Р.


Романскиот претседател Никушор Дан ја отфрли идејата за обединување

Романскиот претседател Никушор Дан ја отфрли идејата за организирање референдум за обединување на Романија со Република Молдавија. Деновиве, зборувајќи во градот Фокшани каде што присуствуваше на настаните посветени на Денот на обединувањето на романските кнежевства, романскиот претседател Никушор Дан рече дека таквата мерка не е оправдана сè додека „нема волја од Република Молдавија да го стори тоа“.
– Нема причина за тоа сè додека нема волја во Молдавија да се стори тоа – рече Дан и потсети дека Романија има обврска кон Република Молдавија да ја поддржи на нејзиниот европски пат.
Тој нагласи дека ова е прашање за кое граѓаните на Република Молдавија мора да се изјаснат.
– Романија има обврска кон Република Молдавија да ја поддржи на нејзиниот европски пат. Ова е целта на граѓаните на Република Молдавија и владата што ја избраа. Покрај тоа, постојат и други поврзани прашања, како што се енергетиката, економската поврзаност и други. Во овој контекст, Романија ја поддржува Молдавија и ја почитува волјата на нејзините граѓани. Доколку во одреден момент нивниот став се промени, ние ќе дејствуваме соодветно – рече романскиот претседател. П.Р.