Потребно е секоја институција во систематизацијата да предвиди кои работни места имаат потреба од пристап до класифицирани информации и на кое ниво, велат експертите, објаснувајќи ја потребата од намалување на бројот на лица што имаат пристап до информации со различно ниво на заштита
Заради зачленување во НАТО, но и поради преголемиот круг лица што во моментов имаат пристап до државните тајни, а чиј број, според упатените, се движи околу две илјади, во законодавниот дом, во рамките на постапката за донесување нов закон за класифицирани информации, деновиве најмногу се расправа за тоа кој сѐ може и треба да има увид во доверливи државни документи.
Експертите со кои се консултиравме во сублимиран заклучок тврдат дека една од главните поенти на целата постапка е заштита од протекување доверливи информации преку ограничувањето на бројот на лица што можат да добиваат безбедносен сертификат и за попрецизно утврдување на критериумите за негово добивање.
Благоја Марковски од Балканскиот форум за безбедност вели дека измените на законското решение во оваа област се донесени, условно кажано, под притисок на НАТО, а нивната цел е да ја подигнат професионалноста на вкупниот безбедносен сектор во државата и да го заштитат системот од протекување доверливи информации. Според него, во оваа група законски промени за подобрување на функционирањето на безбедносниот апарат, покрај предлог-законот за класифицирани информации, влегуваат и измените на Законот за одбрана и на Законот за служба во армијата.
– Битната разлика што ја нуди ова законско решение во споредба со претходното е тоа што се ограничува бројот на луѓето што можат да добијат ваков државен документ и истовремено се подигнува нивото на добивање ваков документ, со зголемување на условите за добивање на истата дозвола – вели Марковски.
Тој додава дека, според некои претпоставки, во моментов во земјава има околу 2.000 лица со безбедносен сертификат по најразлична основа, а само во Министерството за одбрана и во АРМ такви се приближно 1.000, што, според стандардите на НАТО, е преголема бројка, па токму со измените на законот и со ресертифицирање, планирано е бројката да се намали на 200-300 лица.
– Со овие измени фактички се создава и клима за подобра заштита на државната тајна и начинот на кој се располага со неа – вели тој.
Магдалена Лембовска, пак, од „Еуротинк“ вели дека безбедносен сертификат се издава за лице што има потреба од пристап до класифицирани информации во согласност со принципот „потребно е да знае“, но не е секогаш доволно јасно и како се цени тој принцип.
– Потребно е секоја институција во систематизацијата да предвиди кои работни места имаат потреба од пристап до класифицирани информации и на кое ниво. Важно е да се напомене дека имаме тенденција на преголема класификација на информации, што значи и издавање сертификати на повисоко ниво за лицата што работат со тие информации. Ова го зголемува обемот на лица со пристап до информација со висок степен на класификација – вели Лембовска.
Инаку, како што објаснуваат експертите, постојат два вида безбедносни сертификати што ги издава Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, и тоа безбедносен сертификат за физичко лице и безбедносен сертификат за правно лице. Натаму, безбедносните сертификати може да се издадат за ракување со национални, со информации класифицирани за НАТО или за ЕУ. Постои и класификација на безбедносните сертификати според степенот на доверливост, па, така, тие се делат на доверливи информации од интерно, доверливо, строго доверливо ниво и државна тајна.
Според истите извори, безбедносните сертификати имаат и рок на употреба, со важност меѓу пет и десет години.