Фото: ЕПА

Москва создава правна рамка за идни радикални воени одговори доколку бидат неопходни. Доктрините од овој тип на која било нуклеарна сила всушност ѝ дозволуваат на извршната власт слободно да презема нуклеарни напади кога таа смета дека е потребно – без потреба од дополнителни дозволи од парламент или од друг облик на власт. Иако целта на овие доктрини е примарно превентивна (да го предупреди противникот да не ги преминува границите дефинирани во доктрините), нуклеарните одговори, како такви, направија уште еден чекор поблиску до реалноста. Па така, во најновиот предлог на Кремљ следуваат дополнително засилено предупредување и промени во руската нуклеарна доктрина…

Значително намалување на прагот за употреба на нуклеарно оружје

Како што ја известувавме македонската јавност во повеќе наврати, повикувајќи се и на западни и на руски медиуми, „во текот на минатата година руските експерти направиле длабинска анализа и ја оцениле потребата од приспособување на пристапот за евентуална употреба на руските нуклеарни сили“. Врз основа на тоа, биле направени повеќе консултативни средби во Кремљ во врска со утврдувањето на условите за употреба на нуклеарно оружје. Но најнова вест е она што го објавија руските медиуми во средата, на 25 септември, во врска со главната тема на состанокот на рускиот совет за безбедност: Измени и дополнувања во руската стратегија за нуклеарно одвраќање.

Што содржат новите
предлог-услови потребни за донесување една
„одлука за руска употреба на нуклеарно оружје“?

Тежишна тема на рускиот Совет за безбедност била т.н. нова руска нуклеарна доктрина. На споменатиот состанок бил претставен и елабориран пресек на главните точки на новата предлог- стратегија на Русија за нуклеарно одвраќање. Главен осврт на елаборацијата биле новите предлог-услови потребни за донесување една „одлука за руската употреба на нуклеарно оружје“.
Во реажурираната верзија на документот, една од најважните точки на предлог-промената несомнено е инспирирана од Украина, односно од моменталната состојба на односите меѓу Русија и Западот (односно НАТО). Таа промена има еден поширок контекст, а со тоа и пошироки импликации. Имено, според измената, „доколку Русија биде нападната од која било ненуклеарна држава, но со учество или поддршка на нуклеарна држава, тоа ќе се третира како нивни заеднички напад врз Русија“, при што ќе следува „нуклеарен одговор“.
Второ, „Москва го задржува правото да користи нуклеарно оружје за време на агресија против Русија и Белорусија, вклучувајќи и ако непријателот, користејќи конвенционално оружје, претставува критична закана“. Во тој контекст, по оваа точка, на состанокот на рускиот Совет за безбедност било истакнато дека „веќе е постигнат договор со белорускиот претседател Александар Лукашенко за ова прашање!“

Проширен списокот на држави и воени сојузи против кои се спроведува руското нуклеарно одвраќање

Предлог- рамката на руската „стратегија“ за да се постигне одвраќање од странска воена агресија го ажурира и проширува списокот на држави и воени сојузи против кои се спроведува нуклеарно одвраќање. Имено, според руските медиуми, на списокот е додадена и „листа на воени закани за неутрализација чии мерки за нуклеарно одвраќање се спроведуваат“. Што значи тоа? Имено, на списокот се додаваат и други ненуклеарни држави како потенцијални територии од каде што може да се изврши напад врз Русија. Токму тие држави се додадени на списокот со нагласка дека ќе се третираат во пакет како агресори со нуклеарната држава што би ја нападнала Русија. Списокот на кој се додадени повеќе ненуклеарни држави не е обелоденет и е предмет на многу шпекулации во светската јавност.

Правна основа за идни брзи и порадикални воени одговори на Москва

Повеќето аналитичари заклучуваат дека ќе има значително и квалитативно намалување на прагот за употреба на нуклеарно оружје. Тоа се однесува и на реалната употреба на конвенционално оружје од страна на противникот, што би претставувало критична закана, тврдат тие. Според аналитичарите, со ова сега Москва создава правна основа за „идни брзи и порадикални воени одговори доколку се појави потреба“. Воени експерти сугерираат и дека „доктрините од овој тип на која било нуклеарна сила всушност ѝ дозволуваат на извршната власт слободно да презема нуклеарни напади кога ќе оцени дека е потребно – без потреба од дополнителни дозволи од парламентот или некој друг од дотогаш предвидените надлежни органи. Нивната примарна цел е да го предупредат противникот да не ги преминува границите дефинирани во доктрините како такви, бидејќи во тој случај ќе следува брз нуклеарен одговор, усвоен без долги процедури“.

„Геополитика њуз“: Ситуацијата станува речиси иста како во кубанската криза од почетокот на 60-тите години на минатиот век

Се чини дека ситуацијата станува речиси иста како во екот на познатата кубанска криза од почетокот на 60-тите години на минатиот век, кога само сознанието за речиси неизбежната нуклеарна војна меѓу САД и СССР ги ладеше загреаните глави од двете страни. Имено, оваа криза, која со денови предизвикуваше реален страв кај целото човештво, набрзо доведе до политика на детант и склучување безбедносни договори меѓу Москва и Вашингтон. Денес, за жал, таквиот епилог личи на научна фантастика, со оглед на степенот на рушење на политичките и дипломатските односи меѓу САД и Русија, кои сè уште постојат само формално, додека вистинските контакти, на нивоата што одлучуваат за нешто, одамна се прекинати. Сè уште се одржуваат само телефонски состаноци на ниво на команданти на армиите на двете земји, а се однесуваат само на спречување инциденти што би можеле да предизвикаат „притискање на црвеното копче“ за општ хаос, а не на систематско решавање на безбедносните проблеми, пишува аналитичарот Зоран Метер во реномираниот медиум „Геополитика“. Р.С.


Голема е надежта кај сите граѓани во светот, кои будно го следат претседателот на Украина, Володимир Зеленски, кој деновиве престојуваше во САД, а беше и во посета на Советот за безбедност и на Генералното собрание на ОН, при што активно го промовира својот мировен план за завршување на војната

Нуклеарен мир наместо нуклеарна војна

Според руските медиуми, вториот дел од гореспоменатиот состанок на рускиот Совет за безбедност бил означен како таен. Така, според аналитичарите, сега може само да се претпостави дека во натамошниот дел на средбата се разговарало и „за руските воени потези во случај на украински напади од западните проектили со долг дострел на руската матична територија“. Но сега тоа ќе се третира како директно вклучување на ненуклеарна земја во агресија над Русија. Таквото директно вклучување на Западот ќе ја промени суштината на конфликтот; Русија ќе биде принудена да носи одлуки врз основа на заканите што ѝ се создадени и да ги спречи. Официјална Москва повеќепати нагласи дека „во случај на доделување на споменатата дозвола на Киев, Русија ќе ги смета САД и НАТО како директни учесници во војната и соодветно ќе ги донесе своите воени одлуки“!
За ова неодамна уште еднаш зборуваше рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Вершинин, на седницата на ОН во Њујорк. Москва се надева дека САД „имаат доволно разузнавачки информации“ за да го спречат Киев да се согласи на напади со западно оружје длабоко на руска територија, изјави високиот руски дипломат. Сето ова заедно го става Западот, пред сè САД, во посериозна дилема кога станува збор за нивните понатамошни потези. Вашингтон добро знае за можна голема ескалација. Западните стратези сега ги разгледуваат сите овие елементи и мора да ги земат предвид при донесувањето на нивната конечна одлука, а и на руската одлука. Затоа е тешко, деликатно и потенцијално опасно сведувањето на ниво на непосреден воен конфликт меѓу НАТО и Русија.
За крај, голема е надежта кај сите граѓани во светот, кои будно го следат претседателот на Украина, Володимир Зеленски, кој деновиве престојуваше во САД, а беше и во посета на Советот за безбедност и на Генералното собрание на ОН, при што активно го промовира својот мировен план за завршување на војната. Р.С.