Илустрација: „Нова Македонија“

Безбедносна анализа

  • Индикатори на западните контраразузнавачки служби за постоен тренд на „деконзервирање заспани терористички ќелии“ во Европа поврзани со Иран

Со висока веројатност може да се тврди дека до пред само неколку недели, името „Харакат Ашаб ал-Јамин ал-Исламија“ не постоеше во ниту една антитерористичка база на податоци. За неа немаше дигитална трага ниту во медиумите, ниту на интернет, ниту се наоѓаше некаква организациска историја, ниту, пак, кореспонденција преку јавни комуникациски канали. А потоа, некако одеднаш, групата се појави со координирани напади низ Европа и со внимателно режирана медиумска стратегија. (?!)
Првиот сигнал за нејзиното постоење дојде преку видеа на социјалната мрежа Телеграм (создадена како Месинџер, но денес стана комплетна социјална мрежа, бидејќи покрај четовите, има и канали што функционираат слично како групите на Фејсбук). Токму на Телеграм се легитимира оваа група со преземање на одговорноста за запалени амбулантни возила пред синагога во Лондон, придружени со лого и порака. А за безбедносните служби, ова не беше само уште еден обичен инцидент туку сериозен аларм и мобилизација дека е ова само еден дел од поголем структуриран образец.

Серија напади без жртви, но со содржински јасна порака

Во период од само неколку дена, медиумите, а веројатно и европските разузнавачки служби, регистрирале поврзани напади во повеќе европски држави, и тоа:
• Белгија (Лиеж, 9 март) – експлозија пред синагога во раните утрински часови;
• Грција (Атина, 11 март) – напад врз еврејски објект, документиран со видео;
• Холандија (Ротердам, 13 март) – палење синагога и еврејско училиште;
• Обединетото Кралство (Лондон) – запалени амбулантни возила на еврејска медицинска служба.
Од извештаите во јавните гласила може веднаш да се лоцира заедничкиот именител на овие акти на тероризам. Имено, сите напади биле извршени ноќе, второ, актите биле внимателно испланирани, насочени кон имот без директни човечки жртви, но со оставени симболи за идентификација на одговорноста.
Оваа тактика укажува на внимателно калибрирана стратегија, од еден генерално терористички пристап, а тоа е создавање страв, до внимателно одбрана политичка порака, засега без ескалација што би предизвикала масовна институционална и безбедносна мобилизација и, се разбира, репресија.

„Прокси-моделот“ – стар метод, ново лице?!

При разговор со универзитетски професори од областа на безбедноста, тие веднаш ја препознаа шемата. Наместо директно дејствување, се користи ново, претходно непознато име, кое, како што нагласуваат соговорниците, дејствува координирано.
– Навистина, како феномен, оваа група се појавува од нигде, изведува серија координирани акции, користи постојни комуникациски канали, а потоа брзо исчезнува или, пак, се трансформира – издвојуваат нашите соговорници.
Тие посебно издвојуваат еден значаен елемент – индиција за идентификација на групата.
– Овој модел со децении се поврзува со иранскиот модус операнди (начин на извршување). Она што следува сега, по изведувањето на терористичките акти, е планирано создавање дистанца помеѓу државниот актер (Иран) и конкретните напади – велат нашите соговорници.
Притоа тие дополнуваат дека го нема моделот на преземање на одговорност на пример од Техеран.
– Терористичкиот акт често споменуван во литературата е нападот врз еврејскиот центар во Буенос Аирес во 1994 година, кој децении подоцна беше поврзан со иранско планирање и извршување, и тогаш беше извршен преку посредници – потенцираат нашите соговорници, кои само врз основа на своето искуство градат т.н. криминалистичко-тактички верзии за можните сторители и евентуалната поврзаност со Иран, не тврдејќи децидно дека и во новите акти на тероризам станува збор за тоа дека „инспиратор и организатор на терористичките акти е токму – Техеран“.

Терористичката група има јасно дефинирана идеолошка рамка, внимателен избор на цели и намера за создавање психолошки притисок врз специфична
заедница

Нашите соговорници издвојуваат дека она што ја прави оваа група особено необична е отсуството на сопствени комуникациски канали. Наместо тоа, нејзини пораки и видеа се шират преку веќе воспоставени социјални мрежи (Телеграм), но оние што ги гледаат тие поставени видеа и пораки се лица идентификувани дека се поврзани со проирански организации,.
– Ова укажува на дисперзирано користење медиумска инфраструктура, укажува на координирана дистрибуција, но индицира и постоење на повисоко ниво на организација. Со други зборови, групата можеби не постои како класична организација, туку како „бренд“ за конкретни операции – велат универзитетските професори од областа на безбедноста.
Натаму, сите досегашни напади имаат една заедничка цел, а тоа се еврејски институции и симболи. И ова укажува на јасно дефинирана идеолошка рамка, внимателен избор на цели и намера за создавање психолошки притисок врз специфична заедница. Нападите, иако без жртви, имаат силен ефект врз чувството на безбедност кај еврејските заедници низ Европа!

Ризикот од „невидливи“ ќелии

Една од најголемите грижи на безбедносните служби е начинот на регрутација и логистика. Постојат индиции дека миграциски рути можат да се користат за инфилтрација, потоа преку мрежите (човечките ресурси) за шверц на луѓе тие да имаат врски со оперативни структури, а исто така можат да бидат регрутирани и локални лица, кои имаат свои финансиски мотиви (не религиозни и не идеолошки).
Ова создава модел на „хибридни групи“ што се комбинација од надворешна координација и локално извршување. Затоа, според безбедносните експерти, она што ја прави оваа ситуација особено опасна за Европа е сложеноста на терористичката група, поврзана во „невидлив и непрепознатлив“ синџир. Групата или синџирот на поврзаност нема јасна организациска структура, нема класично членство, нема централизирано раководство што е видливо за јавноста. Наместо тоа, постои мрежа од влијание, симболи и координација, која може брзо да се активира и исто толку брзо да исчезне.

Во Европа ова не е изолиран феномен

Појавата на „Харакат Ашаб ал-Јамин ал-Исламија“ не е изолиран феномен, туку дел од поширок тренд – трансформација на тероризмот во пофлексибилен, дигитално координиран и тешко препознатлив модел. Иако досегашните напади не резултираа со жртви, нивната симболика и координација испраќаат јасна порака.
Експертите потенцираат дека треба да биде јасно дека Европа се соочува со нова генерација закани, помалку видливи, но потенцијално еднакво опасни.
Прашањето што останува отворено е дали безбедносните служби ќе успеат навреме да ги препознаат и неутрализираат овие „невидливи“ ќелии, пред тие да преминат од симболичко насилство кон нешто многу полетално. Р.С.


Симболиката како доказ – логото на терористичката група „Харакат Ашаб ал-Јамин ал-Исламија“

Во врска со оваа инсигнија (лого, грб, знак) на терористичката организација, се консултиравме и со експерти по хералдика, да прочитаат нешто повеќе од пројавениот грб (лого) на терористичката група (или ќелија). Патем, ова го направивме со цел низ правилата, принципите и методологијата на хералдиката (или наречена грбословие), да внесеме еден научен метод преку кој ќе откриеме дополнителни правила што владеат при дизајнирањето на грбовите, логоата, симболите, потоа да го откриеме и значењето при нивното правење, спојување, наследување, како и т.н. блазонирање (опишување, читање). Згора на ова, хералдиката е наука што го истражува историскиот развој на симболите, што во овој случај може да ни посочи и некаква историска поврзаност на новото лого со некои стари логоа или грбови од други терористички организации…
Затоа, логото на „Ашаб ал-Јамин“ ни предизвика особено внимание. Имено, тоа содржи крената рака со оружје и глобус во заднината. Но, она што е најважно, е дека логото (грбот) има сличен стил на други проирански групи! Единствената разлика е изборот на оружје за на грбот (логото на групата), а тоа е снајперска пушка наместо класичниот „АК-47“ (калашников). Хералдичарите веруваат и дека ова може да биде намерна варијација за да се избегне директна идентификација. Името, пак, има религиозно значење што во превод значи „Придружници на десницата“, термин од Куранот што се однесува на праведните. Со тоа, групата се претставува како божествено оправдана, а не политички мотивирана. Р.С.