Новогодишна честитка

Расказот „Диносаурусот“ – еден од најкратките раскази во светот, содржи една реченица: „Кога тој се разбуди, диносаурусот сè уште беше таму“ (Аугусто Монтеросо). На читателите на „Нова Македонија“, на Македонците во Македонија и низ светот, на граѓаните на Македонија и на граѓаните на светот, посакувајќи им здравје, спокој и радост, им ја честитам новата 2025 година! А кога утре ќе се разбудиш во новата година, драг читателу, ти посакувам диносаурусот да го нема до тебе, да бидеш секогаш свој на своето, Македонија во 2025 година повторно да се вика „Република Македонија“, а ние Македонците во македонскиот идентитет да најдеме и радост и моќ

Денешниов текст не е есеј, повеќе збирка на неповрзани, растурени мисли собрани на небото по повод Нова година. Ми се причини дека „денес ѕвездите се блиску, ќе застанам на прсти, веќе се тука, ги допирам“ (Зоран Предин) – го искористив тоа и собрав неколку… среќник, помислија некои!
На почетокот беше сонот. Пред неколку месеци во кошмар се разбудив од сон. Размислував: зошто ваков сон? Јас ретко сонувам такви сонови. И потоа се сетив. Неколку дена пред тоа, читав еден сон од книгата „Третиот рајх на соништата: кошмарите на една нација“ (Шарлот Бират): „Гебелс дојде во мојата фабрика. Ги построи сите вработени во две колони, лево и десно, а јас морав да застанам меѓу нив и да ги поздравам со нацистичкиот поздрав. Ми требаше половина час да ја подигнам раката, милиметар по милиметар. Гебелс го гледаше мојот напор како изведба, без знак на одобрување или незадоволство, но кога конечно ја кренав раката, тој изговори пет збора: ‘Не го сакам твојот поздрав’. Потоа се сврте и отиде до вратата. Стоев во сопствената фабрика, меѓу сопствениот народ, понижен, со крената рака. Така можев да стојам само ако го гледав неговото деформирано стапало додека одеше кон излезот. Стоев таму додека не се разбудив“.
Ако добро се сеќавам – сепак, помина денови, мојот сон одеше вака: „Висок претставник на ЕУ дојде во Македонија. Ги построи сите граѓани во две колони, лево и десно, а тој – македонскиот политичар мораше да застане меѓу нив и да ја поддржи промената на името. Му требаше само неколку месеци да ја подигне раката, милиметар по милиметар. ЕУ-претставникот го гледаше неговиот напор како изведба, без знак на одобрување или незадоволство, но кога конечно ја крена раката и го смени името, ЕУ-претставникот изговори пет збора: ‘Не го сакам твојот поздрав’. Потоа се сврте и отиде до вратата. На македонскиот политичар му беше јасно дека Македонија дури и понижена и посрамена со новото име нема никогаш да биде дел од европското семејство. Тој стоеше во сопствената држава, меѓу сопствениот народ, понижен, со крената рака во знак на одобрување за промената на името“. Додека се будев, се прашував – зар е можно? Испотен, потресен од сонот, помислив: „Сето тоа не зависи од мене“ (Милош Црњански): „Се сетив колку беше убав, / над некои длабоки води, / како бела месечина, со тенок и мек лак, / еден мост. / И гледаш, тоа ме утеши / Не зависи од мене“. Хм, си реков: не зависи од мене – зависи од големите, моќните.

Предновогодишните концерти и настани, неочекувано или можеби очекувано, поттикнаа надеж: сепак зависи од мене, зависи од нас. „Меморија“ започна со сплет народни и/или обнародени песни. Трпчевски порача „Нема меморија на македонската популарна музика без групата ‘Меморија’“. По концертот, многу повеќе ми личеше дека, всушност, нема меморија за македонството без групата „Меморија“. Потоа, меѓународниот фестивал „Јаков од Камена Река“ во Македонска Каменица: срдечни домаќини, илјада насмевки, а Добрила и Дориан „смели и искрени до нота“. Во декември, проектот „Македонијо во срце те носиме“ во Македонската филхармонија. На репертоарот сите 12 песни од проектот: „Заветна“, „Налеј, налеј“, „Народе македонски“, „Едно име имаме“, „Земјо македонска“, „Ој, Вардаре“, „Оган да го гори“, „Послушајте патриоти“… Македонскиот народ ја сака македонската музика, меѓутоа, не само што ја сака туку тој копнее за македонската песна, копнее за името Македонија. Помислив: Македонците сакаат да се врати името Македонија. Зборот „северна“ треба да се избрише – за вечни времиња, едноставно – со гума за бришење. Видов, слушнав, почувствував – значи: сепак зависи од нас – обичните граѓани. Се прашав дали пораката од новогодишните концерти: името на државата е Македонија, ќе чујат тие што одлучуваат. Но и тоа зависи од нас. И гледаш, тоа ме утеши.
Се сетив на песната „Брзав“: „Вчера изгубив земја. / Брзав, / и не забележав кога испадна од мене / како скршена гранка од заборавено дрво. / Ве молам, ако некој помине / и налета на нејзе, / можеби во куфер / отворен кон небото, / или врежана на карпа / како отворена рана,… / Ако некој налета на нејзе, / врати ми ја, ве молам. / Ве молиме вратете ја, господине. / Ве молиме вратете ја, госпоѓо. / Тоа е мојата земја…“ (Дуња Микел). Брзаа. Изгубивме држава. Ја изгубивме Македонија. Заслепени од лажните ветувања, алчни за власт и грст долари, играјќи си господари, трговци и продавачи, малку притиснати, но многу повеќе слепо служејќи му на господарот – подлизурковци, неколкумина брзоплето… се занесоа и… ја изгубија мојата земја, нашата Македонија. Таа не беше нивна земја, инаку, ќе беше поинаку. Сега ние треба да ја вратиме, не со арно, не со молење, туку просто и одважно треба двете бесмислени, неправедни и нелогични договорчиња, за коишто не треба многу думање, да ги раскинеме, со гума да ги избришеме.

Во почеток беше сонот. Сонот, на многу генерации, за независна и просперитетна Македонија. Повеќе од триесетина години владетелите нам ни ја одземаа способноста да разликуваме живот од сон, вистинито од лажно, мрачно од блескаво, добро од зло. Повеќе од триесет години отсуството на владеење на правото, неспособност, бескарактерност и ароганција на владејачките елити, корупција, криминал и алчност на политичарите. Повеќе од триесет години повластено место на лагата, пропаганда во која дури и вистината станува лага, бескрупулозност и безобѕирност на постапките и средствата, што се граничат со апсурд, за остварување и одржување на владеењето. Повеќе од триесетина години живот што се претвори во повеќедецениска колективна траума, општо лудило: наизменични трогателни и хумористични моменти, безобѕирните манипулации и гротескни лаги.

Во почетокот беше сонот. Нам ни треба нов сон во пресрет на новата 2025. Нов сон за да се соочиме со повеќедецениската колективна идентитетска траума. Фројд во едно писмо ќе напише: „Мислиш ли дека на оваа куќа ќе постават мраморна плоча со натпис: Во оваа куќа на 24 јули 1895 на д-р Сигмунд Фројд му се откри тајната на сништата? Засега, можностите за тоа се мошне мали“. Неговиот сон се оствари – денес плочата навистина е таму. За индивидуалните трауми одиме на лекар, но за колективни треба многу повеќе. За нашата колективна траума, за понижена и обезличена Македонија, барем во почеток нам не треба колективен сон: сон за враќање на името. Расказот „Диносаурусот“ – еден од најкратките раскази во светот, содржи една реченица: „Кога тој се разбуди, диносаурусот сè уште беше таму“ (Аугусто Монтеросо). На читателите на „Нова Македонија“, на Македонците во Македонија и низ светот, на граѓаните на Македонија и на граѓаните на светот, посакувајќи им здравје, спокој и радост, им ја честитам новата 2025 година! А кога утре ќе се разбудиш во новата година, драг читателу, ти посакувам диносаурусот да го нема до тебе, да бидеш секогаш свој на своето, Македонија во 2025 година повторно да се вика „Република Македонија“, а ние Македонците во македонскиот идентитет да најдеме и радост и моќ.

Љупчо Коцарев, академик