(Не)ефикасноста на правосудниот систем на дело

По третпат е одложено повторното судење по пожарот во тетовската модуларна болница откако на повторно судење го врати Апелацискиот суд Гостивар по јавната седница во април годинава, а по првичната пресуда од 5 јуни 2023 година. Вчерашното рочиште беше одложено поради отсуство на судијата Јордан Велковски, а судијката што го заменуваше го закажа за 15 јануари 2025 година во 10 часот. Првиот обид за повтореното судење беше на 26 јуни годинава, па се одложи за 25 септември, кога исто така не се одржи јавна расправа.
Апелацискиот суд во април годинава донесе решение со кое наложи да има повторно судење за поранешните директори на тетовската болница Флорин Бесими и Артан Етеми, како и јавната здравствена установа Клиничка болница Тетово како правен субјект. За докторот Бобан Вучевски, Апелацискиот суд во април 2024 година ја одби жалбата на Обвинителството и ја потврди првостепената ослободителна пресуда за него.
На 5 јуни 2023 година Основниот суд во Тетово одреди условна осуда за обвинетите директори Флорин Бесими и Артан Етеми за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“, додека правното лице ЈЗУ Клиничка болница беше прогласено за виновно за делото „предизвикување општа опасност“ во судскиот процес по пожарот во модуларната болница во Тетово во 2021 година, кога животите ги загубија 14 луѓе. Судот тогаш одлучи да има ослободителна пресуда за докторот Бобан Вучевски и Клиничката болница за делото „непостапување по здравствени прописи“.
Според пресудата, на обвинетите Флорин Бесими и Артан Етеми им беше утврдена казна затвор од по една година и шест месеци, условна осуда и утврдената казна затвор нема да се изврши доколку обвинетите секој за себе во време од по три години не сторат ново кривично дело. Правното лице требаше да плати парична казна во висина од еден милион денари, 30 дена по правосилност на пресудата.
Првиот судски процес се водеше откако на 8 септември 2021 година 14 луѓе ги загубија животите во пожарот во модуларната болница во рамките на Клиничката болница Тетово. П.Р.