Фото: ЕПА

Русија и САД со преговорите за воспоставување мир во Украина, сепак, ги направија првите чекори кон нормализирање на односите, а рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров го опиша состанокот со американската делегација во Ријад како корисен бидејќи двете страни сакаат повторно да воспостават контакти

Пресек на клучни детали од руско-американските преговори за Украина во Ријад, Саудиска Арабија

Детант (од францускиот збор détente – релаксација) е термин што се користи за периодот на општо подобрување на односите меѓу Вашингтон и Москва во текот на 1970-тите. Периодот на детантот беше карактеризиран со низа договори како што се SALT I, SALT II и Хелсиншкиот договор. SALT I го означи прекинот на производството на нуклеарно оружје во СAД и Советскиот Сојуз. Со детантот се воспостави и брза телефонска линија, т.н. црвен телефон, во случај двете земји да можат брзо да воспостават контакт во случај на критична ситуација каде било во светот

Обновувањето на дипломатските односи, идните мировни преговори за Украина и претстојниот самит меѓу рускиот претседател Владимир Путин и неговиот американски колега Доналд Трамп беа главните теми на средбата помеѓу делегациите од Москва и од Вашингтон што во вторникот се состанаа во Ријад, Саудиска Арабија. Русија ја претставуваа министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, помошникот на претседателот Јуриј Ушаков и извршниот директор на рускиот фонд за директни инвестиции Кирил Дмитриев, додека САД ги претставуваа државниот секретар Марко Рубио, советникот за национална безбедност Мајк Волц и специјалниот пратеник амбасадорот Стив Виткоф.
Русија и САД на тој начин ги направија првите чекори кон нормализирање на односите, а рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров го опиша состанокот со американската делегација во Ријад како корисен бидејќи двете страни сакаат повторно да воспостават контакти. Како што пренесуваат светските медиуми, средбата траела речиси четири и пол часа.

Русија и САД ќе работат на обновување на дипломатските мисии

Според рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, разговорите биле корисни и двете делегации работеле „доста успешно“ на подобрување на односите. Еден од првите чекори договорени за време на средбата, како што објасни тој, е да се реши прашањето за дипломатските претставништва, со оглед на нарушувањата за време на администрацијата на претходниот американски претседател Бајден, што резултира со прекин на комуникацијата меѓу Москва и Вашингтон.
Во таа насока, Москва и Вашингтон ветија дека ќе назначат амбасадори во нивните земји што е можно поскоро и ќе ги отстранат „вештачките бариери“ подигнати од администрацијата на Бајден за „сериозно да ја комплицираат“ работата на руските дипломатски претставништва и да го попречат развојот на нормалните односи, рече Лавров.
Заменик-шефовите на дипломатските одделенија на двете земји наскоро ќе се сретнат за да стават точка на овие прашања, меѓу кои Лавров ги спомена заплената на руски недвижен имот во САД и ограничувањата на банкарските трансфери за руската страна.

САД почнаа да ја слушаат Русија

Руската и американската делегација „не само што се слушаа туку и се слушнаа“ за време на разговорите, рече Лавров. САД почнаа подобро да ја разбираат позицијата на Русија, која Москва постојано ја нагласуваше низ годините, додаде шефот на руската дипломатија.
Лавров призна дека тоа не значи оти националните интереси на двете земји повеќе нема да бидат во конфликт, но важно е двете страни да работат на воспоставување дијалог.
Лавров рече дека Русија и САД изразиле интерес за продолжување на консултациите за решавање на геополитичките прашања и отстранување на бариерите за економската соработка, истакнувајќи дека американската страна покажала „решителност“ за „придвижување напред“ во билатералните односи.

Ставот на Русија за Украина и НАТО

Руската страна го повтори својот став за украинскиот конфликт, пред сѐ, за „фактот дека приемот на Украина во НАТО ќе претставува директна закана за Москва“, рече Лавров на прес-конференција по разговорите.
Тој исто така нагласи дека распоредувањето на војници на НАТО во Украина, без разлика дали се под знамето на Европската Унија или национални знамиња, исто така би било неприфатливо за Русија.
Руската страна изрази благодарност до американскиот претседател Трамп што стана првиот голем западен лидер што призна дека амбициите на Украина за НАТО беа еден од основните катализатори на конфликтот, како што додаде Лавров.

Москва и Вашингтон се согласија да ги почитуваат меѓусебните интереси

Помошникот на рускиот претседател Јуриј Ушаков рече дека делегациите имале „многу сериозни дискусии за сите прашања“ што страните сакале да ги решат, но истакна дека е тешко да се каже дали двете земји се зближиле. Тој, исто така, истакна дека Русија и САД се согласиле „да ги земат предвид меѓусебните интереси“ додека ги подобруваат билатералните односи.

Русија и САД ќе разговараат за украинскиот конфликт

Ушаков истакна дека, иако САД и Русија ги истакнаа своите позиции за украинскиот конфликт, останува на „преговарачките тимови“ на двете земји да постигнат напредок по ова прашање „во скоро време“.
– Американците треба да назначат свои претставници, ние ќе назначиме наши и тогаш, веројатно, ќе почне работата – рече Ушаков.

САД се согласија да ги нормализираат односите со Русија

Американскиот Стејт департмент по разговорите објави дека Марко Рубио и неговиот тим се договориле со руската делегација за создавање „механизам за консултации“ за решавање на несогласувањата во билатералните односи и нормализирање на работата на дипломатските претставништва на двете земји.
Рубио, исто така, објави дека Русија и САД се договориле да го вратат претходниот број на дипломатски персонал во нивните амбасади во Москва и во Вашингтон по долгогодишни дипломатски намалувања. Москва и Вашингтон ќе ја разгледаат идната геополитичка и економска соработка што ќе следува по решавањето на украинскиот конфликт, рече Рубио.

Односите би можеле да се подобрат за неколку месеци

Шефот на РДИФ, Кирил Дмитриев, рече дека делегациите комуницирале „со почит“ и под еднакви услови, сугерирајќи дека двете страни би можеле да постигнат значителен напредок во преговорите за два или три месеци. Тој призна дека е премногу рано да се зборува за какви било компромиси, но оти средбата поставила „важни основи“ за дијалог.
Официјалните лица ја истакнаа потребата од соработка и економски можности што би можеле да бидат од корист за двете нации.
– Треба да продолжиме со заеднички проекти, вклучувајќи, на пример, и на Арктикот и во други области – рече Ушаков.

Специјални тимови ќе работат на решение за Украина

Вашингтон, исто така, објави дека Русија и САД се договориле да назначат тимови на високо ниво што ќе работат на наоѓање решение за украинскиот конфликт што е можно поскоро и обезбедување одржлив мир што е прифатлив за сите страни.
Портпаролката на Стејт департментот, Тами Брус, нагласи дека „еден телефонски повик проследен со една средба“ не е доволен за воспоставување траен мир, додавајќи дека иако состанокот во вторникот бил „важен чекор напред“ и има уште работи што ќе треба да се направат.

Без конкретен датум за самитот помеѓу Трамп и Путин

По разговорите во вторникот, Ушаков рече дека сè уште е тешко да се даде конкретен датум за самитот на високо ниво, велејќи дека е „неверојатно“ тој да се одржи следната недела, како што беше предложено во медиумите. Р.С.


Трамп ја нагласи потребата од претседателски избори во Украина,
го истакна нискиот рејтинг на Зеленски

Украина можеби ќе треба да одржи нови избори, рече американскиот претседател Доналд Трамп, инсистирајќи дека украинскиот лидер Владимир Зеленски е непопуларен во Украина.
– Кога сакаат место на преговарачката маса, зарем не треба народот на Украина да си каже помина долго време откако немавме избори. Лидерот на Украина, мразам што го кажувам ова, но рејтингот му е намален на четири отсто – рече Трамп.
Во исто време, американскиот претседател ги пофали разговорите во Ријад како „многу добри“, тврдејќи дека Русија сака „да направи нешто“ и „да го запре дивјачкиот варваризам“.
Рускиот претседател Владимир Путин, пак, изјави дека Москва повеќе не го смета Зеленски за легитимен претседател на Украина бидејќи неговиот петгодишен мандат на претседателската функција истече во мај минатата година, по што не беа распишани нови избори поради воената состојба. Украинските власти велат дека е невозможно да се одржат нови избори додека трае конфликтот со Русија.
Неодамнешно истражување на Меѓународниот институт за социологија во Киев од декември минатата година покажа дека 52 отсто од Украинците му веруваат на Зеленски. Минатиот месец, пак, украински медиуми наведоа дека 40 отсто од Украинците имаат доверба во Зеленски, според анкета на „Социс“. Р.С.