По повод 79 години од формирањето на Здружението на новинарите на Македонија, Драган Секуловски, извршен директор на ЗНМ, вели дека во неговото основање учествуваа новинари од повеќе медиуми, меѓу кои и од „Нова Македонија“ – најстариот дневен весник во земјата. Оваа годишнина е потсетник на континуираниот развој на македонското новинарство, неговата улога во општеството и важноста на професионалното и слободно информирање, вели Драган Секуловски
Седумдесет и девет години од основањето на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) како повод
На 17 февруари 1946 година во Скопје беше основано Здружението на професионалните журналисти во Македонија, со што беа поставени темелите на современото македонско новинарство. Конкретно на овој ден во салата на Градскиот народен одбор во Скопје, по повик на акцискиот одбор за основање здружение на професионалните новинари на Народна Република Македонија, се состанаа новинарите од редакциите: „Нова Македонија“, „Трудбеник“, „Единство“, Радио Скопје и дописништвото на агенцијата „Танјуг“, со што беше основано првото здружение на новинарите во македонската историја.
Основачкото собрание било отворено од Димитар Митрев, одговорен уредник на весникот „Единство“. Во име на македонската влада присутните биле поздравени од Павел Шатев, министер за правосудство, како и од поетот Венко Марковски во име на македонските книжевници, композитори и артисти. По разговорите, за прв претседател на Здружението на новинарите на Македонија бил избран Мито Хаџивасилев-Јасмин, одговорен уредник на „Нова Македонија“. Јасмин бил еден од најзначајните македонски новинари и публицисти. Бил директор и главен уредник на весникот „Нова Македонија“ од 1945 до 1947 и 1962 година. Државната награда со која се оддава признание за остварување во областа на публицистиката и новинарството во Македонија го носи неговото име, награда што првпат беше доделена во 1969 година.
За потпретседатели бил избран Асен Тодоров, уредник на дописништвото на „Танјуг“, и д-р Пиетро Јанура, одговорен уредник на весникот „Фљака е влазримит“, за секретар Дејан Алексиќ, раководител на дописништвото „Танјуг“, и за благајник Тошо Шкартов, член на редакцијата „Нова Македонија“. Собранието избрало Пленум, Надзорен одбор и Суд на честа. За почесни членови биле избрани Димитар Влахов, д-р Павел Шатев, Бане Андреев, Алексо Мартулков, Димитар Поп Ефтимов, Киро Миљовски, Веселинка Малинска и Љиљана Чаловска.
По повод 79 години од формирањето на Здружението на новинарите на Македонија, Драган Секуловски, извршен директор на ЗНМ, вели дека оваа годишнина е потсетник на континуираниот развој на македонското новинарство, неговата улога во општеството и важноста на професионалното и слободно информирање.
– Следната година ќе го одбележиме големиот јубилеј – 80 години македонско новинарство и постоење на Здружението на новинарите на Македонија. Оваа значајна годишнина ја потврдува долгогодишната традиција на професионално новинарство и неговиот придонес во градењето демократски вредности и информирано општество. ЗНМ е една од најстарите организации во земјата основана непосредно по завршувањето на Втората светска војна, заедно со АМСМ и Црвениот крст, што сведочи за постоењето на долга традиција на новинарски иницијативи и чувство на солидарност меѓу новинарите во Македонија – нагласува Драган Секуловски.
За периодот по основањето на ЗНМ, Киро Кипроски вели дека новинарите биле вљубеници во новинарството. Во споредба со денес, новинарите се соочувале со поголем број технички проблеми, како што е земање изјава или препраќање фотографии, според Кипроски.
– Македонските новинари имаа став и многу се посветуваше на новинарството како професија. Секој новинар ги потпишуваше своите текстови и ги бранеше своите авторски текстови, со што ја освојуваше пошироката јавност. Многу се внимаваше на македонскиот литературен јазик, како од редакциите така и од самите новинари – вели Кипроски. Д.Ст.
Идеолошката матрица визави слободното новинарство
Неколку показатели потврдуваат дека европските новинари се соочуваат со ограничување на слободното изразување, особено во изборот на темите и пренесувањето други мислења и ставови, кои се во спротивност со европскиот мејнстрим новинарски простор. Според добро упатени во оваа проблематика, главните европски медиуми под влијание на одредена идеолошка матрица наметнаа одредени табу-теми, цензура и самоцензура во новинарството. Оваа состојба во европскиот мејнстрим простор ја забележа и американскиот потпретседател Џеј Ди Венс, кој вети дека ќе се залага за правото на Европејците да го искажуваат своето мислење, како и дека европскиот мејнстрим простор го пишува само она што е (нео)либерална идеологија. Тој исто така нагласи дека ЕУ далеку се отклонила од демократските изворни вредности и креирала своја „демократска“ матрица што е далеку од темелните универзални вредности и фундаментите на кои се темели ЕУ.
Укажувањата на американскиот потпретседател во минатото неколкупати беа поткрепени од истакнати интелектуалци и универзитетски професори. Според нашите соговорници, под влијание на т.н. неолиберална идеологија во западните општества се наметнаа одредени мислења и ставови, кои се пропагираат од мејнстрим новинарски простор. Секој став што е спротивен од оваа уредувачка политика индиректно се цензурира. Во западниот свет новинарите се соочија со одредени забрани и пречки, поради што побараа друг начин на искажување на своите ставови и промоција на теми.
Дека постои ограничување на мислењето и говорот потврдува и примерот со Харви Менсфилд, професор на универзитетот „Харвард“. Тој е истакнат научник, кој изнесе неколку теории за извршната власт, но има и ставови за одредени теми, поради кои е бојкотиран од страна на мејнстрим новинарскиот простор, што е спротивно од самата Декларација на Меѓународната федерација на новинари.
– Не смее да има табу-теми во новинарството, бидејќи слободата на изразување е суштината на самото новинарство – велат нашите соговорници.
Наш долгогодишен соработник, експерт за медиуми, на денот на македонското новинарство ни издвои неколку „точки за отрезнување“, наменети на оние што се сметаат за новинарски професионалци и се подготвуваат да го поминат и овој тежок период и испит за принципите и кодексот на новинарството, на кој многу западни колеги и медиуми, целосно потфрлија
Медиумската цензура на Брисел регистрирана и критикувана од новиот Вашингтон
– Под превезот на политичката коректност и спротивставувањето на екстремизмот, либералите од Брисел изградија сеопфатен систем на манипулирање со јавното мислење, ефикасно укинувајќи ја слободата на говор (осврт на потпретседателот на САД, Џ.Д. Венс), како во главните медиуми така и на социјалните мрежи што ги контролираа. Секој новинар и медиум што дури и малку ќе се спротивставеше или отстапеше од (нео)либералната агенда на европската врхушка, веднаш беше етикетиран како „екстремен десничар“, „расист“, „фашист“ и „нацист“ и беше предмет на ексклудирање и притисоци, дури и со употреба на законски инструментариум. Токму таквата цензура постепено тежнееше кон тоталитарен карактер, а сето она медиумско лиферувано преку електронските или печатени медиуми што не се совпаѓаше со политиката на Брисел или владите на европските земји составени од либералите се прогласуваше како лажна вест, дезинформација, а медиумите се жигосуваа и исклучуваа од заедницата на демократски медиуми -вели нашиот соговорник од Израел.
– За новинарските форми со кои не се согласуваа (нео)либералните европски елити (ова се однесува особено за новинарските анализи, опсервации, истражувања и заклучоци) и кои не им влегуваа во политичката (либерална) агенда, таквите различни новинарски пристапи беа сместувани во „теории на заговор“ и во „опасни екстремистички ставови“, по кои треба да следат казнени мерки од страна на државата. (!?) Тоа беше востановен модел за тоа како „цензурата на неолибералните касти стана тотално нетолерантна кон преостанатото мислење, таа цензура стравотно ги стесни слободата на говорот и пишаниот збор во медиумите, внесе страв и самоцензура во некои медиуми и премина во сферата на некаков облик на тоталитарност. Во таквата сфера, либералните медиуми беа енормно наградувани, а преостанатите стравотно игнорирани, па и блокирани и прогонувани – ни изјави нашиот соговорник, странскиот експерт за медиуми.
Меѓународната федерација на новинари (ИФЈ):
Декларација за принципи за однесувањето на новинарите
1. Почитувањето на вистината и на правото на јавноста да дојде до вистината е првата задача на новинарите
2. Во согласност со оваа обврска, новинарот во секое време треба да ги брани принципите на слободата во текот на чесниот процес на собирање и објавување вести и на правото на фер коментар и критика
3. Новинарот ќе известува само во согласност со фактите на кои тој/таа им го знае потеклото. Новинарот не смее да потисне суштински податоци и да фалсификува документи.
4. Новинарот ќе се служи само со чесни методи за да добие вести, фотографии и документи.
5. Новинарот ќе го стори сѐ за да ги поправи сите објавени информации што се неточни и може да предизвикаат штета.
6. Новинарот ќе ја почитува професионалната доверливост во однос на изворот на информации.
7. Новинарот треба да биде свесен за опасноста од дискриминација што може да се поткрепи и од медиумите и треба да направи сѐ за да избегне да ја поткрепи таквата дискриминација, меѓу другото, врз основа на раса, пол, сексуална ориентација, јазик, религија, политичко или друго мислење и национално или социјално потекло.
8. Новинарот ќе ги смета за сериозен професионален прекршок следниве работи: плагијати; малициозно лажно претставување; клевети, клеветење, неосновани обвинувања; примање поткуп во каква било форма заради објавување или потиснување информација.
9. Новинарите што се достојни да се носители на оваа професија ќе смета дека е нивна должност верно да ги почитуваат принципите наведени погоре. Во рамките на општото право на секоја земја, новинарот ќе признае дека во стручните работи се надлежни неговите колеги, исклучувајќи секаков вид мешање од страна на владите или другите.