
Иновативноста во приватниот сектор го придвижува развојот на кинеската економија
Лансирањето ракета прикажано во информативна видеопрезентација за посетителите на вселенскиот центар за суперкомпјутирање „Венчанг“ во најјужната кинеска покраина Хајнан симболично ја претставува и посветеноста на кинескиот приватен сектор кон иновации, што се очекува да ја вивне кинеската економија во нови височини.
Кинеските приватни компании преку развивање на домашниот пазар, но и со натпреварување на меѓународната сцена, благодарение на нивните иновативни производи и технолошки откритија, веќе станаа клучна сила што ги придвижува висококвалитетниот подем и раст на кинеската економија. А токму трансформацијата на Хајнан во едно од најголемите светски пристаништа за слободна трговија, во рамките на економското отворање на Кина, привлекува и голем број приватни компании и инвеститори на островот. „Венчанг“ всушност е единствениот центар за суперкомпјутирање изграден и управуван од приватни компании.
Приватниот сектор во Кина придонесува со повеќе од 60 отсто од бруто-домашниот производ (БДП), 70 отсто од технолошките иновации и 80 отсто од вработувањата во урбаните средини, покажуваат официјалните податоци. Вкупно 55 милиони регистрирани приватни претпријатија во земјата сочинуваа над 92 отсто од сите бизниси во Кина, според информациите од септември минатата година.
Брзото усвојување нови технологии го оптимизира функционирањето на
компаниите
Кинеските приватни претпријатија брзо ги прифаќаат новите технологии како што се вештачката интелигенција (ВИ), пронајдоците во економијата на ниски височини (се однесува на воздушниот простор до илјада метри) и употребата на обновливи извори на енергија за да ја подобрат ефикасноста, да ги намалат трошоците и да поттикнат иновации. Тие користат вештачка интелигенција за да ги оптимизираат синџирите на снабдување, да управуваат со резервите и да ги автоматизираат операциите. А исто така инвестираат во воздухопловна технологија на ниски височини, вклучувајќи го развојот на лесни авиони и беспилотни летала за индустриска и логистичка примена. Се очекува токму овој сектор да забележи значителен напредок. Кинеската управа за цивилно воздухопловство (ЦААЦ) проценува дека кинеската економија на ниски височини годинава ќе оствари пазарна вредност од над 200 милијарди долари, односно ќе надмине 480 милијарди долари до 2035 година.
– Вселенската технологија во Кина се развива брзо и имаме многу сценарија за користење на најдобрите технологии, како и голема побарувачка на кинескиот пазар чиј потенцијал е огромен. Верувам дека вселенската индустрија ќе се развие на повисоко ниво во идните 20 години – нагласи Јеши Јанг, претседателот на вселенскиот центар за суперкомпјутирање „Венчанг“.
Најновите технологии, како што посочи Јанг, се користат и за намалување на потрошувачката на енергија во центарот за суперкомпјутирање.
– Посветени сме на зелениот развој. Ги користиме најновите и најиновативни технологии за да ја намалиме потрошувачката на енергија во центарот за суперкомпјутирање. Правиме сѐ што е во наши можности за да користиме обновливи извори на енергија, како што се соларната и ветерната енергија, со цел да се намалат потрошувачката и јаглеродниот отпечаток и да се минимизира влијанието врз животната средина – истакна Јанг.
Пример за успешната примена на модерни технологии претставува и неодамнешната презентација на компанијата за дронови „ЕФИ Хајнан технолоџи“ (EFY Hainan Technology Co.). Претпријатието што се смета за ѕвезда во подем во индустријата на ниски височини, од доаѓањето во Хајнан во 2019 година, го прошири своето работење на над 200 града низ светот, вклучувајќи локации во САД, Јапонија, Обединетите Арапски Емирати, Малезија, Алжир… Во тој период изведе над две илјади перформанси, односно над 800 илјади операции со летови на комерцијални дронови. Посветеноста на „Ефи технолоџи“ кон иновации се забележува и во претставувањето нови модели на дронови од страна на компанијата речиси секоја година, со цел да одговори на потребите на пазарот.
Иновациската виталност во приватниот сектор неразделна од државните политики
Подемот на иновациската виталност на приватните претпријатија е неразделен од државните политики. Во последниве години, од централната па до локалните власти интензивно се воведуваат низа политички мерки за промовирање на развојот и растот на приватната економија. Во однос на даночните стимулации, податоците објавени од Државната даночна управа покажуваат дека минатата година вкупните даночни намалувања – на таксите и повратот на даноци, од главните политики што ги поддржуваат научните и технолошките иновации, како и развојот на производството, достигнаа 262,93 милијарди јуани (32,8 милијарди евра – н.з.). Меѓу нив, даночните обврзници во приватната економија (вклучувајќи ги приватните претпријатија и самовработените) имаа 158,7 милијарди јуани (19,8 милијарди евра) во даночни намалувања, намалувања на такси и поврат на даноци поврзани со овие политики, што претставува повеќе од 60 отсто.
– Даночните намалувања и таксите ја олеснија работата на претпријатијата, овозможувајќи им да инвестираат повеќе средства во иновации, истражување и во развој – велат кинески новинари што известуваа од форумот „Боао“ за Азија, одржан на Хајнан од 25 до 28 март.
Фер конкуренцијата на пазарот исто така е гаранција за континуирана иновациската виталност на приватните претпријатија. Од 20 април годинава ќе стапат во сила мерките за имплементација на прописите за испитување на правичната конкуренција, издадени од Државната управа за регулирање на пазарот. Прописите за испитување на правичната конкуренција, пак, важат од август минатата година. Со нив јасно се бара вршење и проверка за фер конкуренција на пазарот при подготвување закони, административни прописи, локални регулативи, правила, регулаторни документи и конкретни мерки на политиката поврзани со економските активности на деловните оператори. Воведувањето на овие мерки има цел да ги допрецизира соодветните регулативни прописи.
Корпоративната култура ја стимулира посветеноста кон иновации
Приватните претпријатија исто така се исклучително свесни за важноста на квалитетниот кадар и активно преземаат разни мерки за привлекување и задржување високоспособни работници. Од една страна, претпријатијата привлекуваат извонредни домашни и странски талентирани кадри нудејќи конкурентни плати, добра работна средина и простор за развој. Одредени интернет-технолошки компании обезбедуваат високи плати, опции за купување акции и други стимулации за квалитетните кадри, привлекувајќи голем број врвни работници да се приклучат и промовирајќи ги иновациите и развојот на претпријатијата во области како што се вештачката интелигенција и големите податоци. Од друга страна, претпријатијата обрнуваат внимание и на внатрешно создавање квалитетен кадар. Тие ги подобруваат професионалните вештини и иновативните способности на вработените преку курсеви за обука, менторство и проектни практики. Некои традиционални производствени претпријатија соработуваат со универзитети и стручни колеџи за да спроведат добивање кадар „заснован на нарачка“, обучувајќи група квалификувани студенти чии вештини треба да послужат за остварување на целите за индустриска надградба на компанијата.
Приватните претпријатија целосно го почитуваат иновативниот и креативен дух на талентираните кадри, давајќи им доволна автономија и простор за иновации. Тие ги поттикнуваат вработените да истражуваат смело и да усвојат толерантен став кон евентуални неуспеси при потрагата по иновации. Оваа отворена и инклузивна корпоративна култура ја стимулира посветеноста на вработените кон иновации. Истовремено, приватните претпријатија активно промовираат комуникација и соработка меѓу вработените. Со формирањето тимови за иновации и спроведувањето меѓусекторска проектна соработка, компаниите поттикнуваат размена на идеи меѓу кадрите од различни сфери, создавајќи плодно тло за иновации.
Земајќи ги предвид сите применети работни практики, може да се добие претстава како кинескиот приватен сектор стана клучна движечка сила за економскиот напредок на Кина во текот на изминатите децении, како и столб на иновацискиот поттик на нацијата.
Милко Живковиќ, наш известувач од Пекинг