Фото: Маја Јаневска-Илиева

Повод: По неколку одложувања, од октомври почнува новиот систем за влез и излез во земјите од шенген-зоната

Македонските граѓани што планираат да патуваат во земјите од Европската Унија наскоро ќе се соочат со нови процедури на границите. Имено, од 12 октомври 2025 година, Европската Унија ќе започне со постепено воведување на Системот за влез/излез (ЕЕС), кој целосно ќе го замени сегашниот систем за печат во пасошите. Оваа промена има цел да ја модернизира и да ја подобри контролата на надворешните граници на ЕУ, но исто така носи и конкретни вести за сите граѓани на земјите што не се членки на ЕУ, вклучително и за Македонија.
Како што е наведено во соопштението од ЕК, ЕЕС дигитално ќе ги евидентира влезот и излезот на патниците и на тој начин досегашното рачно удирање печати во пасошите заминува во историјата, за сметка на собирањето биометриски податоци, како што се отпечатоци од прсти и фотографии на лицето.
Очекувањата на европските челници се дека новиот систем ќе овозможи поефикасно управување со надворешните граници на ЕУ, откривање на пречекорувањето на дозволениот престој, како и случаи на злоупотреба на идентитетот и документите. Како што наведуваат од ЕК, постепената имплементација на системот ќе трае шест месеци, во текот на кои граничните служби ќе почнат да ги евидентираат податоците на патниците од трети земји, пренесуваат медиумите во регионот.
Во текот на шестмесечната фаза на воведување, граничните контроли постепено ќе почнат да снимаат податоци во 29-те земји од шенген-зоната. Системот е дел од пакетот „Паметни граници“, со кој ЕУ ги модернизира безбедносните протоколи на надворешните граници.

Што е ЕЕС и што значи за македонските граѓани?

ЕЕС е дигитален систем за евиденција на влезот и излезот на сите државјани на трети земји што патуваат во земјите од шенген-зоната за краток престој – до 90 дена во кој било период од 180 дена. Ова вклучува туристички, деловни и приватни патувања, но не и подолг престој, студиски или работни визи.
За македонските граѓани, кои сега можат да патуваат без виза во повеќето земји од ЕУ, тоа значи:
– При прв влез во една од 29-те земји членки на шенген-зоната, регистрацијата на лични податоци, вклучително и биометриски податоци – отпечатоци од прсти и фотографија од лицето – ќе биде задолжителна.
– Ставањето печат на пасошите е укинато, а сите податоци електронски се чуваат и се разменуваат во рамките на системот.
– Секој следен влез или излез од шенген-зоната ќе биде автоматски евидентиран.

Како и кога се воведува EEС?

Европската комисија најави постепено воведување на системот во текот на следните шест месеци, почнувајќи од 12 октомври. Тоа значи дека EEС нема да се применува веднаш на сите гранични премини, туку земјите членки ќе го воведуваат последователно за да можат граничните служби да се приспособат на новата технологија, патниците да бидат информирани за промените и да се спречат застои и сообраќајни метежи.

Зошто се воведува EEС?

Според соопштението на Европската комисија, новиот систем има неколку цели:
– Поефикасно управување со миграцијата и престојот, автоматски открива пречекорување на дозволените престојувања.
– Зголемување на безбедноста, идентификација на фалсификувани документи и кражба на идентитет.
– Побрза и попрецизна гранична контрола, особено во периоди на зголемен сообраќај.
– Заштита на личните податоци, системот е во согласност со највисоките стандарди за приватност на ЕУ.

EТИАС доаѓа во 2026 година, уште една новина за македонските граѓани

ЕЕС е само еден сегмент од паметната контрола на европските граници, а следниот чекор е воведувањето на ЕТИАС (Европски систем за информации и авторизација за патување) што претставува еден вид дозвола за патување, сличен на американскиот ЕСТА.
Од крајот на 2026 година, сите патници од земјите од ЕУ без виза, вклучително и Македонија, ќе мора да пополнат онлајн формулар и да платат такса (20 евра) пред да патуваат. Овој систем ќе овозможи дополнителни безбедносни проверки пред патникот дури и да тргне на патување.
Македонските граѓани што планираат да патуваат во ЕУ по 12 октомври треба да бидат информирани за промените што ги носи EEС. Иако овие мерки се спроведуваат за поголема безбедност и контрола, тие ќе бараат дополнително време и внимание при преминување на границата, особено во текот на првите месеци од имплементацијата.

Уште незапочнат, ЕТИАС ги поскапе таксите

Иако сè уште не е ни започнат, европската електронска дозвола за патување ЕТИАС веќе го доживува своето прво зголемување на цената. Наместо претходно најавените седум евра, сите патници од земји на кои не им е потребна виза за влез во ЕУ, вклучувајќи ги и граѓаните на САД, ќе мора да платат 20 евра за авторизација од крајот на 2026 година.
ЕТИАС е електронски систем за претходно одобрување за влез во земјите од шенген-зоната и се однесува на 59 земји што имаат безвизен режим со ЕУ, вклучувајќи ги Соединетите Американски Држави, Канада, Австралија, Обединетото Кралство и Србија.
Иако имаше одредени забелешки дека се работи за еден вид воведување визи, сепак од ЕК појаснуваат дека системот не е класична виза бидејќи нема посета на конзулатот, а не е потребна ниту дополнителна документација или биометриски податоци. Апликацијата се поднесува онлајн, а одобрението обично се добива во рок од неколку минути до неколку дена.
– ЕТИАС не е виза и не воведува визни обврски. Нема физичка посета на амбасадата или земање отпечатоци од прсти – изјави портпаролката на Европската комисија, Анита Хипер.
Дозволата важи три години или до истекот на пасошот, а за патници помлади од 18 години или постари од 70 години – авторизацијата е бесплатна.
Според соопштението на Европската комисија, одлуката за зголемување на цената доаѓа во светлината на растечките трошоци за дигитална инфраструктура и сајбер-безбедност. Иако системот сè уште не стапил во сила, ова е веќе втора промена на условите, со оглед на тоа што првичните планови беа тој да почне уште во 2016 година, а првиот рок за почеток на имплементацијата беше 2022 година.
– Целта на ЕТИАС е да се подобри безбедноста на ЕУ, а во исто време да им се олесни на патниците влегувањето во шенген – се наведува во официјалното соопштение.

Совети за патниците:

– Следете ги информациите за воведување EEС на граничните премини што планирате да ги користите.
– Очекувајте евентуално задржување при регистрација.
– Подгответе го вашиот пасош и бидете подготвени за биометриска регистрација.
Несомнено Европската Унија влегува во нова ера на дигитална гранична контрола, а македонските граѓаните, како чести патници во ЕУ, треба да бидат подготвени за оваа значајна промена. С.Т.