Премиерот Димитар Ковачевски пред пратениците кажа дека вклучувањето на Алијанса за Албанците во мнозинството не е поради партиски интереси, туку за развојот на државата. Смета дека политиката за него е одговорност и дека одлуките ги носи за граѓаните на државата, а истовремено, потенцира дека не се грижи за својот рејтинг. Додека тој говореше, дел од пратениците од опозицијата бурно реагираа потсмевајќи се на говорот.
– Ова не се одлуки поради партиски желби и затоа сакам да прецизирам, денеска носиме одлука дали и како ќе останеме на единствениот пат на државата, дали ќе останеме на патот на развојот или како што сакаат негативните фактори, да ја втурнеме државата во неред. Не калкулирам и не се грижам за личниот рејтинг, на прво место го ставам државниот интерес. Од денот кога станав премиер, реков дека во Владата секогаш ќе има отворена врата за сите партии и личности кои ќе работат за иднината на државата. Така се справивме и се справуваме со најтешката криза, со многу труд успеавме да имаме 40 проценти домашно производство на електрична енергија, да ја стабилизираме инфлацијата, да инвестираме во капитални инвестиции… – кажа Ковачевски во дел од говорот.
Во неколку наврати во својот говор, Ковачевски додаде дека новата коалиција е за интересот на граѓаните.
– Не можеме да дозволиме да биде разговорот за фотелји и директори. Сега е време за врвните интереси на граѓаните и државата, да биде координирани и сплотени, да работиме за себе дома – кажа Ковачевски.
Министрите на Алтернатива имале успеси, но и грешки. Вака премиерот Димитар Ковачевски ја опиша работата на функционерите чиј предлагач беше Владата, а денеска се разрешуваат. Ковачевски имаше и остри критики за опозициската ВМРО-ДПМНЕ која повторно ја опиша како кочничар на важни закони. Тој ги повика членовите на партијата Алтернатива, да останат поддржувачи на Владата.
– Алијанса за Албанците ја прифати одговорноста за европскиот фронт. Место има и за Алтернатива како тие што самите знаат. Место има за сите добронамерни поддржувачи. Бројот и видот на позициите се второстепени. Прво за што трeба да сме заедно се државните интереси. Жал ми е што Алтернатива реши да излезе од Владата. Сакам да потенцирам дека сакам соработка за европскиот пат. Имам мислење за министрите – има прогрес и успеси, но има и простор за многу повеќе. Има и резултати има и место за корекции. Успехот и грешките имаат име и презиме – кажа Ковачевски.
Според него, новото мнозинство ќе даде стабилност.
– Реконструкцијата сметам дека ќе внесе нова енергија. Со ова парламентарно мнозинство ставаме точка на сите лаги и манипулации за можни предвремени избори. Да разговараме за поважни работи. Не треба да се плашиме од промени. Нас ни треба мнозинство за иднината на граѓаните. Денес зборуваме за обединување по европското прашање, каде ВМРО-ДПМНЕ останува вечно против – заклучува Ковачевски.