
Германскиот канцелар Мерц во посета кај кинескиот претседател Си Џинпинг
- Средбата на германскиот канцелар со кинескиот претседател Си Џинпинг и премиерот Ли Чијанг беше обвиена со формулации за „сеопфатно стратешко партнерство“ и „бранители на слободната трговија“, но суштината лежи подлабоко: Германија, моторот на европската индустрија, денес има потреба од Кина повеќе отколку што Кина има потреба од Германија
Кога германскиот канцелар Фридрих Мерц слета во Пекинг на својата прва официјална посета, придружуван од делегација составена од директори на триесет водечки германски компании, пораката беше јасна: ова не е протоколарна посета, туку економска интервенција на највисоко ниво.
Средбата на германскиот канцелар со кинескиот претседател Си Џинпинг и премиерот Ли Чијанг беше обвиена со формулации за „сеопфатно стратешко партнерство“ и „бранители на слободната трговија“, но суштината лежи подлабоко: Германија, моторот на европската индустрија, денес има потреба од Кина повеќе отколку што Кина има потреба од Германија.
Германија – од индустриски учител до зависен партнер
Германија со децении беше синоним за инженерска супериорност, техничка прецизност и индустриска доминација. Германските автомобили, машини и хемикалии беа стандард на квалитет на глобалниот пазар. Денес, меѓутоа, реалноста е значително поинаква.
Кина не е повеќе само „фабрика на светот“ за евтина стока. Таа прерасна во технолошка и индустриска сила што доминира во електричните возила и батериската технологија, води во зелената транзиција и обновливите извори, брзо напредува во вештачката интелигенција и биомедицината, а изведува мегапроекти во инфраструктурата со брзина и капацитет што Европа тешко ги следи… За последново, фактот што Германија, некогаш глобален лидер во инфраструктурното инженерство, ѝ доверува на Кина изградба на железнички проект вреден стотици милијарди долари е повеќе од економска одлука. Тоа е симболичен пресврт во глобалната распределба на технолошката моќ.
Кина како спас за германскиот економски застој
По двегодишна рецесија, германската економија сè уште се бори да закрепне. Во тој контекст, податоците на германскиот завод за статистика покажуваат дека Кина повторно станува најважниот трговски партнер на Берлин, со размена од над 250 милијарди евра. Многу германски компании остануваат профитабилни токму благодарение на продажбата во кинеските мегалополиси. Гиганти како „Фолксваген“ и БМВ се соочуваат со жестока конкуренција од кинеските производители на електрични возила – конкуренција што веќе не е технолошки инфериорна, туку често и понапредна и поефикасна.
Затоа посетата на Мерц може да се чита како обид да се осигури поголем пристап до кинескиот пазар, продлабочување на билатералните договори, поголеми кинески инвестиции во Германија, како и индустриска соработка во нови технолошки сектори.
Според многу економски аналитичари, ова не е класична трговска дипломатија, туку стратегија за економско преживување во нов глобален поредок.
Европската дилема: стратегиска автономија или економска реалност?
Посетата на Мерц следува по дипломатските иницијативи на Емануел Макрон и Кир Стармер, во период на зголемен јаз меѓу европските престолнини и администрацијата на Доналд Трамп во Вашингтон. Европа долго време зборува за „стратегиска автономија“, но економските бројки зборуваат на поинаков јазик.
– Додека европските индустрии се соочуваат со високи енергетски трошоци, регулаторен товар и демографски предизвици, Кина нуди огромен потрошувачки пазар, брза индустриска мобилизација, агресивна технолошка иновација, државна стратегија насочена кон глобално лидерство, а тоа го знае и Мерц, а и Макрон и Стармер, па затоа сите брзаат да склучат што повеќе договори. Прашањето повеќе не е дали Европа треба да соработува со Кина, туку под кои услови и од која позиција на моќ – вели нашиот соработник Доне Прентоски, бизнисмен од Германија и инвеститор.
Време за трезвена процена, не за идеолошка дистанца
Посетата на Мерц во Пекинг е индикатор дека Берлин го препознава овој тренд. Реалноста што постепено се наметнува е дека Кина во низа индустриски и технолошки сегменти веќе ги надминува традиционалните европски центри како Германија и Франција.
– За водечките држави на Европската Унија можеби дојде моментот за трезвена, прагматична и стратешка реевалуација. Наместо натпревар во кој Европа сè потешко го држи чекорот, потребна е политика на партнерство што ќе ја признае тежината на кинескиот технолошки и економски подем. Тоа не значи откажување од сопствените вредности или капацитети, туку значи признавање дека глобалниот центар на индустриската гравитација се поместува кон Исток – вели нашиот соговорник.
Посетата на Мерц не е само дипломатски гест – таа е симбол на новата ера, во која дури и најразвиените европски економии мораат да бараат раст, стабилност и иднина во соработка со азискиот гигант. Р.С.
































