Министерството за образование и наука (МОН) информира дека до училиштата веќе испорачало 360 илјади примероци од сите одобрени и испечатени учебници и наставни материјали
Првиот училиштен ден обележан со промени и со новитети
Новата учебна година за 245 илјади основци и средношколци почна вчера, со навремено испорачани учебници во сите основни училишта во државата, првпат по седум години. Учениците ќе ги добијат учебниците на првиот училиштен ден. Според ресорното министерство, обезбедени се десетина нови наслови во основното и над сто во средното образование, кои досега не биле отпечатени.
Испорачани 360 илјади учебници до училиштата
Министерството за образование и наука (МОН) информира дека до училиштата веќе испорачало 360 илјади примероци од сите одобрени и испечатени учебници и наставни материјали. Единствено, во основното образование ќе недостигаат петта година по ред учебници за странски јазици од прво до деветто одделение, поради тоа што претходното раководство во МОН ја поништило постапката за јавна набавка и таа одлука е во жалбена фаза, која сѐ уште трае.
Наставата почнува со физичко присуство, додека онлајн настава ќе има единствено за учениците во неколку училишта во кои реконструкцијата не е завршена навреме или, пак, не е докрај спроведена набавка на опрема, како што се клупи и столчиња. Едносменска настава, за која надлежните се залагаат да се воведе во сите училишта во државата, ќе се одвива во 140 училишта.
Претседателката Гордана Силјановска-Давкова по повод започнувањето на новата учебна година присуствуваше на првиот училишен ден во ООУ „Јан Амос Коменски“ во Скопје. На приемот на првачињата во општинското основно училиште „Стив Наумов“ во Автокоманда присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски и министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Годинава без пролетен распуст
Основците и средношколците годинава нема да имаат пролетен распуст. Ваквата одлука ја донесе МОН врз основа на спроведената анкета меѓу наставниците, родителите и учениците, кои во мнозинство се изјасниле дека таков распуст не е потребен. Зимскиот одмор ќе почне на 31 декември, а ќе заврши на 19 јануари в година. Летниот одмор, пак, почнува на 11 јуни, а завршува на 31 август.
Предвидено е учебната година да трае до 10 јуни за сите ученици, со исклучок на оние од завршните години во средно образование, кои ќе имаат настава до 16 мај.
Намален бројот на ученици
Бројот на ученици е намален за 17 илјади во последните седум години, според податоците на МОН. Во истиот период бројот на првачиња е намален за околу 3.500.
Во новата учебна година во редовните основни училишта ќе бидат ангажирани над илјада образовни асистенти што ќе помогнат во унапредување на воспитно-образовниот процес на учениците со попреченост и ќе им помагаат во секојдневното извршување на училишните обврски. Образовните асистенти се ангажираат преку основните училишта со ресурсни центри, а во согласност со барањата на родителите и старателите на учениците со попреченост.
Досега целосно се спроведени огласите за 815 образовни асистенти, а обезбедени се средства и согласности за дополнителни 200, кои по изборот преку јавни огласи, пред да бидат ангажирани, ќе поминат дополнителна обука за квалитетно извршување на предвидените работни обврски, информира МОН.
Наставниците нема да добијат зголемување на платите за 12 отсто во септември, како што бара синдикатот, поради лошата состојба со буџетот и необезбедни средства за проекти и обврски во образованието, но зголемување ќе има во март, објави ресорното министерство. Н.М.