
Анализа:
Како европските суверенистички лидери, со поддршка на американските трамписти, можат да го запрат европскиот неолиберален проект за ЕУ
- Aмериканските трамписти, антиглобалисти, суверенисти… можеби ќе започнат да градат нови „специјални односи“ со соодветните по идеологија европски лидери, и тоа во Унгарија, Италија, Холандија и Австрија, или со опозициските лидери во Австрија, Франција и Германија, нагласуваат проф. д-р Софија Беш и м-р Тара Варма во својата обемна анализа со наслов „Сојуз на ревизионисти: нова ера за трансатлантските односи“, која ја објави Меѓународниот институт за стратегиски студии со седиште во Лондон
- Според анализата, американските нови сили, имено трампистите, се заинтересирани за градење „нови специјални односи“ со суверенистичките десни европски лидери во Унгарија, Италија и Холандија или со опозициските лидери во Австрија, Франција и Германија…
- Европските антилиберални лидери во ЕУ, на сличен начин како и нивниот контрапункт во САД, сакаат да дивергираат од досегашниот неолиберален пат на ЕУ (и во светот), отворајќи нови перспективи за преструктурирање на Унијата, со тежиште на суверени и национални елементи и заеднички пресек во истиот тој контекст – со преостанатите членки на ЕУ. Тие сакаат да ја вратат изворната верзија на суверенитетот, која „го отфрла мешањето на мултилатералните меѓународни институции што се наметнуваат со наднационална, одлучувачка и супрематорска сила“, и тоа во низа области: енергетиката, миграцијата и одлучувањето за одбранбената политика
„Заедничкиот фокус на трансатлантските суверенисти и ревизионисти (на неолиберализмот) е во – националниот суверенитет. Со поддршка на десничарите од американското движење МАГА, суверенистичките сили во Европа би можеле да успеат да го запрат европскиот либерален концепт. Американските трамписти, антиглобалисти, суверенисти… можеби ќе започнат да градат нови ’специјални односи’ со соодветните по идеологија европски лидери, и тоа во Унгарија, Италија, Холандија и Австрија, или со опозициските лидери во Австрија, Франција и Германија“, нагласуваат проф. д-р Софија Беш и м-р Тара Варма во својата обемна анализа со наслов „Сојуз на ревизионисти: нова ера за трансатлантските односи“, која ја објави Меѓународниот институт за стратегиски студии со седиште во Лондон – истражувачки аналитички центар за глобална безбедност, политички ризик и воен конфликт.
Кои се професорките Софија Беш и Тара Варма?
Софија Беш е универзитетска професорка, истражувачка и експертка за европски прашања, меѓународна и безбедносно-одбранбена политика од Центарот за европска реформа во Брисел и фондацијата „Карнеги“ за меѓународен мир во Вашингтон.
Тара Варма е експертка за европски прашања, геополитика и одбранбено-безбедносни и европски прашања, како и истражувачка во институцијата „Брукингс“ во Вашингтон.
Професорките Беш и Варма првин пишуваат дека „клучна карактеристика на либерално-меѓународниот поредок формиран по крајот на Втората светска војна беше силната трансатлантска врска, заснована врз заеднички интереси меѓу Соединетите Американски Држави и Европа“. Според двете авторки на анализата, институционалните пројави на таа трансатлантска врска ги вклучуваат НАТО и разни форуми за дијалог САД-Европска Унија, како што е неодамна формираниот Совет за трговија и технологија.
„Но, изборот на Доналд Трамп како претседател на САД во 2024 година доведува во прашање многу принципи од оваа долгогодишна трансатлантска врска“, се тврди во анализата.
Трансатлантизам – од поинаков вид
Во вториот мандат на Трамп, во комбинација со растечкото влијание на национално ориентираните партии во Европа, може да настане поинаков вид на трансатлантизам, предводен од нова група актери, кои ќе следат различен сет на приоритети, анализираат професорките.
– Антипатијата на Трамп кон ЕУ и НАТО е добро документирана. Тој негодува поради трговскиот дефицит со Европската Унија и тврди дека е создаден со цел да ги „рашрафи“ Соединетите Американски Држави – посочуваат Сара Беш и Тара Варма.
Двете експертки анализираат дека „во САД се работи активно на концепт на реструктурирање на ЕУ, со посебен осврт на нејзината регулаторна и даночна рамка“.
„Многу од постапките на претседателот Трамп се поддржани од моќни актери од американскиот приватен сектор, кој ја поддржува програмата ’Да ја направиме Америка повторно голема’ (МАГА), вклучувајќи и технолошки извршни директори“. Овие директори, охрабрени од победата на Трамп, активно се обидуваат да ги реструктурираат ЕУ и нејзината регулаторна и даночна рамка, која тие ја сметаат како мешање во нивните (американски) деловни интереси.
Од другата страна на Атлантикот, пак, европските антилиберални лидери во ЕУ на сличен начин сакаат да дивергираат од досегашниот неолиберален пат на ЕУ, отворајќи нови перспективи за преструктурирање на Унијата, со тежиште на национални елементи и заеднички пресек во тој контекст со преостанатите членки на ЕУ. Тие сакаат да ја вратат изворната верзија на суверенитетот, која „го отфрла мешањето на мултилатералните институции и како такви се наметнуваат како наднационални, одлучувачки и супрематорски“, и тоа во низа области: енергетиката, миграцијата и одлучувањето за одбранбената политика – оценуваат професорките Беш и Варма.
Според нив, „американските нови сили, имено трампистите, може да бидат заинтересирани за градење нови „специјални односи“ со суверенистичките десни европски лидери во Унгарија, Италија и Холандија или со опозициските лидери во Австрија, Франција и Германија“.
Сѐ уште нема највисок степен на кохезија меѓу американските и европските суверенисти
Постојат неколку точки на напнатост/несовпаѓање меѓу суверенистичките движења во САД и во Европа и може да се појават недоразбирања, па и несогласувања. На пример, политичките промени во САД или пресвртот на одредени политички трендови во Европа може да го поткопа влијанието на суверенистичките движења од двете страни на Атлантикот, се напоменува во анализата на професорките.
Уште повеќе, администрацијата на Трамп беше на власт само неколку недели, а во многу европски земји суверенистите сè уште не се на власт (некои беа на власт само кратко или само што почнаа значително да го обликуваат домашниот дискурс).
Сепак, и покрај тоа, на хоризонтот се наѕира новата ера на трансатлантски односи, констатираат авторките на анализата.
– Врските меѓу трансатлантските суверенисти (кои отворено бараат ревизија на глобалните либерални политики, па затоа во анализата се нарекувани и „трансатлантски ревизионисти“) одат подалеку од слогани – тие имаат преклопувачки идеолошки определби и домашни агенди. Тие, исто така, имаат заеднички збир на интереси во Европа. Венс го потврди ова во својот говор на конференцијата за безбедност во Минхен, во која изјави дека вистинската закана за Европа не е Русија или Кина, туку „непријателот внатре“, мислејќи, веројатно, на „либералната елита“. Ова има импликации за ЕУ и НАТО – заклучуваат Сара Беш и Тара Варма во оваа интересна анализа.
Свето Тоевски