Одгласи на меѓународноправни експерти за тоа што значи ангажманот за севернокорејскиот воен контингент во Украина
- Во врска со написите што деновиве ги објави „Нова Македонија“ околу активниот ангажман на воени трупи на Северна Кореја на руска територија подготвени за воени дејства во Украина, под раководство на здружена команда на специјален мешан руско-корејски воен штаб, на адресата на редакцијата пристигнаа извонредно голем број коментари и мислења што ги изнесоа нашите читатели. За нас во редакцијата, исклучително интересно беше што став за ова прашање самоиницијативно изнесоа и повеќе професори, дипломати, политички и воени аналитичари, дури и некои што се надвор од Македонија
- Во тој контекст, сублимирани ставови и поширока елаборација на оваа состојба, од аспект на меѓународното јавно право, како и од аспект на военото право, за читателите на нашиот медиум, пренесуваме од професорот по меѓународно право на српскиот Институт за политички студии во Белград, Игор Јанев
Професорот по меѓународно право на Институтот за политички студии во Белград, Игор Јанев, изнесе свое експертско, многу интересно видување за присуството на војници на Северна Кореја на руска територија, со отворена можност (постоен план) тие директно да се вклучат на руската страна во воените дејства против украинските сили и другите сојузнички сили на Украина, во војната што одамна е квалификувана како напреден облик на прокси-судир, што се движи по работ на „тотална војна“.
Во продолжение интегрално го пренесуваме ставот на професорот Јанев за тоа какви консеквенции повлекува ваквиот потег, односно ангажманот на севернокорејските војници.
– Што значи тоа како форма и облик (во теоријата на правото);
– Како ваквата појава се чита и се толкува во учебниците по меѓународно јавно право и во военото право, од еден правно-теоретски аспект, но и од емпириски (искуствен) аспект на оваа појава, доколку во историјата имало слични примери.
И на крајот, покрај правните аспекти на овој феномен, истиот тој, за читателите на „Нова Македонија“, да биде анализиран и од политички аспект, за тоа какви сѐ геостратегиски потези се влечат на светската шаховска табла.
Игор Јанев: Северна Кореја, според меѓународното право, влезе во војна со Украина
– Мислам дека Северна Кореја, според меѓународното право, влезе во војна со Украина! Но тоа, засега, во јавноста не се толкува дека има таков карактер, бидејќи, правилно или не, во светските водечки медиуми не се придава значење на овој исклучително вознемирувачки факт (види Си-ен-ен, Би-би-си итн.).
Но како и да е, сега објективно „влоговите“ во играта се стратегиски зголемени. Северна Кореја станува легитимната цел за Украина, но не и за Западот, кој официјално не е во војна со Русија, како што не е во војна ниту со Северна Кореја. Имено, Украина не е формално членка на НАТО и западните држави членки немаат обврска да интервенираат против Северна Кореја. Учеството на Северна Кореја во руската воена интервенција наликува на белоруското ангажирање, имајќи предвид дека и Белорусија ја даде на користење својата територија, а веројатно и персонал за интервенцијата на Русија во Украина (јас не ја исклучувам и верзијата дека на територијата на Украина може да има и белоруски војници).
Ангажирањето на Северна Кореја во состав на руските сили во Украина е само длабоко смислен потег и одговор на распоредувањето на експертите од Западот (НАТО) во оваа држава против Русија и руските цели.
Северна Кореја нема директно, особено не без согласност на Русија, да поведе каква било стратегиска интервенција против Украина
Според професорот Јанев, Северна Кореја најверојатно нема да ги нападне ниту САД, а нема ниту капацитет за такво нешто (постои заштитен чадор на земјата и на сателитите во вселената, т.е. вид купола против ракетите), а од формална гледна точка, Северна Кореја може да се смета дека е во воен конфликт со САД.
Северна Кореја нема директно, особено не без согласност на Русија, ниту да поведе каква било стратегиска акција или интервенција против Украина, бидејќи со тоа нема да се согласи Русија. Само во исклучителни случаи, доколку Киев ја нападне Северна Кореја, ваквите одмазди може да се стават на маса, но засега ова е малку веројатно бидејќи Западот не ѝ дава ракети со долг дострел на Украина.
По изборите во САД, без разлика кој ќе стане претседател, САД нема да ѝ ги дадат таквите ракети со долг дострел на Украина бидејќи ризикуваат Киев директно да стане бомбардиран од Русија со тактичкото нуклеарно оружје. Така што, по изборите, средствата за Украина од страна на САД ќе се намалуваат, особено и поради отворањето на новиот фронт меѓу Иран и Израел, што ќе бара дополнително ангажирање финансиски средства од САД.
Од друга страна, Северна Кореја воопшто и не помислува да ги нападне САД со своите ракети бидејќи знае дека во истиот момент, ако си го дозволи тоа, ќе предизвика одмазда од САД со нуклеарни ракети, па таквата акција нема да ѝ се исплати.
Поради далечината на Украина, Северна Кореја нема да интервенира со своите ракети ниту врз украинска територија бидејќи оваа зона е под директните дејства од Русија, па така, „ако некој треба да ја бомбардира Украина, тоа ќе биде Русија“. Во оваа фаза Русија нема да дозволи конфликтот да ескалира со севернокорејските ракети во Украина.
Јанев: Северна Кореја нема да седне на преговарачка маса наспроти Украинците
Во врска со мировните преговори меѓу Киев и Москва, професорот Јанев има спротивен став од другите аналитичари, кои сметаат дека со активното учество на Северна Кореја во украинската војна, Пјонгјанг ќе се претставува како „завојувана страна“ и во идните мировни преговори, кога и да бидат тие, С. Кореја легитимно ќе ги бара своите позиции за остварување.
Но, во овој контекст, професорот Јанев смета дека „Северна Кореја нема да седне на маса наспроти Украинците при конечната разврска“, односно за одвивање на мировните договори или договор (компромис). Крајот на војната е многу далеку, вели професорот Јанев, бидејќи Русија сега ги смета окупираните територии (Донецк и Луганск) за свои! А од друга страна, „Украина бара сите окупирани територии да ѝ се вратат! И тоа, безусловно“!
Така што, тврди професорот Јанев, „политичко решение, всушност, не постои“!?
Оттаму, војната уште долго време ќе трае и нема да има компромис, тврди тој. Ова ќе стане т.н. решение – „замрзнат конфликт“.
– Не верувам дека со новата американска администрација Украина ќе стане членка на НАТО, бидејќи зголемување на тензиите, кога веќе ниту Блискиот Исток не може да се контролира, не е во полза на САД.
Со вклучување на Украина во НАТО, само може да се реализира најмрачното сценарио во кое Киев ќе биде бомбардиран со неутронска бомба од Русија, со која би се елиминирало целото државно раководство во оваа земја. Дури ниту ваквата ескалација не би предизвикала одмазда од Западот бидејќи оттаму си ги гледаат сопствените интереси, пред сѐ да ги заштитат имотот и човечките животи, и не им оди во прилог да започнат светска војна во која целиот западен капитал ќе биде уништен. Сега, на пример, на изборите во САД за граѓаните што гласаат, дури на петтото место е надворешната политика, односно тие се грижат само за инфлацијата и другите елементи што го дефинираат личниот економски стандард. Во целата равенка, нормално, треба да се вклучи и фактот дека Иран деновиве ќе го нападне Израел, а овој како одмазда ќе ги бомбардира иранските нуклеарни постројки, па по некоја следна одмазда од страна на Иран, Израелците ќе ги нападнат и иранските нафтени постројки, по што целата нафта во заливот ќе биде блокирана. Од растот на цената на нафтата, најголема штета ќе имаат земјите од ЕУ, каде што ќе се почувствува најголемиот економски ефект.
Инаку, нагласува професорот Јанев, Русија има таен договор со Иран (бидејќи двете држави контролираат над 70 отсто од светското производство на гас), да го намалат извозот на оваа стратегиска суровина и вештачки да ја зголемат цената на нафтата, со цел да предизвикаат економска одмазда против Западот – завршува професорот Јанев.