Повод: Договорот за проширување на билатералната соработка меѓу Македонија и Турција, како и стратегиското партнерство со Турција, како геополитичка и нова економска шанса за Македонија
- Новите иницијативи на Владата за продлабочување на соработката со Анкара даваат одговор на прашањето зошто Договорот за стратегиско
партнерство од 2008 година со години остана недоволно операционализиран, иако Турција е еден од најконзистентните поддржувачи на македонската државност
Потпишувањето на Договорот за проширување на билатералната соработка меѓу Македонија и Турција отвора нова фаза во односите меѓу двете држави. Со овој документ се интензивираат институционалните контакти и се отвора простор за продлабочување на партнерствата во повеќе области, од економија и инвестиции до одбрана и образование. Според премиерот, договорот долго време не бил потпишан, но со доаѓањето на новата влада бил финализиран, по што значително се зголемиле контактите со турските институции и компании. Некои од турските инвеститори веќе започнале со подготовки за инвестиции во Македонија, додека други се во фаза на реализација на своите проекти. Во рамките на интензивирањето на политичкиот дијалог, во разговорите меѓу македонскиот премиер и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган било договорено оваа пролет да се одржи прва средба на високо ниво, на која турскиот претседател би требало да ја посети Македонија.
Македонија и Турција исклучително блиски партнери во поновата историја
Билатералните односи меѓу двете земји имаат длабоки историски корени и континуитет уште од самото осамостојување на Македонија. Турција беше една од првите држави што целосно ја признаа независноста на Македонија во 1991 година, со сите атрибути на сувереноста, на државата, името и македонскиот народ. Во текот на сите години на македонската независност, Анкара обезбедуваше политичка и економска поддршка, особено во чувствителни периоди за земјата. Во времето на економската блокада што Грција ѝ ја наметна на Македонија во 1990-тите години, Турција обезбедуваше помош во нафта, храна и други производи. На меѓународната сцена, турската дипломатија доследно ја поддржуваше македонската држава, често нагласувајќи дека ја признава под нејзиното уставно име. За потсетување, овој став Турција го демонстрираше и во рамките на НАТО, каде што во официјалните документи наведуваше фуснота со која ја признаваше Македонија под името – Република Македонија!
Договор за стратегиско партнерство меѓу Македонија и Турција има уште од 2008 година
Во 2008 година, по неуспешниот обид на Македонија да стане членка на НАТО на самитот во Букурешт, Македонија и Турција потпишаа договор за стратегиско партнерство. Тој документ претставуваше официјализирање на веќе постојната блиска соработка, но и политички сигнал за поддршка од страна на Анкара во момент кога Македонија се соочуваше со сериозни меѓународни предизвици. Со овој договор Турција стана една од двете држави со кои Македонија има воспоставено стратегиско партнерство, покрај САД. Договорот предвидува широк спектар на соработка – политичка, економска, безбедносна, образовна и културна. Првично било предвидено механизмите на партнерството да се обновуваат и актуализираат редовно, со годишни состаноци и заеднички иницијативи. Но, во пракса, ваквата динамика со текот на времето значително ослабела.
Безбедносната соработка – стабилен столб на партнерството
Една од областите во кои стратегиското партнерство меѓу Македонија и Турција има најконкретни резултати е безбедноста. Во рамките на договорените механизми, Турција со години обезбедуваше финансиска и техничка поддршка за модернизација на македонската армија. Според достапните информации, турската страна годишно донирала околу два милиони евра за потребите на одбраната. Покрај финансиската помош, голем број македонски армиски офицери и полициски службеници поминале обуки во турските безбедносни и воени центри. Соработката опфаќа и заеднички воени вежби, партнерство во рамките на НАТО, како и размена на искуства во управување со безбедносни ризици и кризни ситуации. Но, и покрај ваквите активности, експертите оценуваат дека постои многу поголем потенцијал за продлабочување на соработката – особено во сферата на разузнавачката размена, борбата против радикализмот и тероризмот, како и во процената на регионалните безбедносни ризици.
Економската соработка – простор за корекција на дисбалансот
Економските односи меѓу двете земји, и покрај договорот за слободна трговија, сè уште не го достигнале нивото што го предвидува стратегиското партнерство. Како што истакна премиерот Мицкоски, во моментов постои значителен дисбаланс во трговската размена. Турција извезува значително повеќе во Македонија отколку што македонските компании извезуваат на турскиот пазар. Според него, една од клучните цели на новата политика кон Турција е да се коригира токму овој дисбаланс. Македонската страна смета дека постои сериозен потенцијал македонските производи да станат поконкурентни на турскиот пазар, особено во секторите на земјоделството, фармацевтската индустрија, прехранбеното производство, индустриските производи… Ако се отстранат постојните бариери и се овозможи полесен пристап до турскиот пазар, македонските компании би можеле значително да го зголемат својот извоз.
Туризмот и образованието – дополнителни полиња за соработка
Соработката меѓу Македонија и Турција не се ограничува само на економијата и безбедноста. Туризмот претставува уште една значајна област на билатерална интеракција. Турските туристи во континуитет се меѓу најмногубројните странски посетители во Македонија. Дополнително, значајна е и соработката во високото образование. Голем број студенти од Турција студираат на македонските универзитети, што создава долгорочни културни и академски врски меѓу двете општества.
Зошто е потребна вистинска операционализација на билатералата Турција-Македонија?
Клучното прашање денес не е дали Македонија треба да развива блиски односи со Турција, туку како постојното стратегиско партнерство да се претвори во конкретни резултати. Македонија веќе има формална рамка за таква соработка преку т.н. Договор за стратегиско партнерство. Но, без активни механизми, редовни политички консултации и конкретни економски и безбедносни проекти, овој договор останува недоволно искористен. Затоа новите иницијативи на Владата за продлабочување на соработката со Турција може да претставуваат обид за вистинска операционализација на партнерството. Ако тој процес успее, Македонија би можела значително да ги зајакне своите економски перспективи, безбедносни капацитети и регионална позиција, користејќи го потенцијалот на партнерството со една од највлијателните држави во поширокиот регион. П.Р.
Советот на Ердоган: Не потпишувајте го Преспанскиот договор со кој ќе
го промените името!
Интересен момент во политичката историја на односите меѓу двете земји е и позицијата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во периодот пред потпишувањето на Преспанскиот договор. Според информации објавени во турските медиуми, во периодот 2017–2018 година Ердоган му советувал на тогашниот македонски премиер Заев да не прифаќа промена на името на државата во „Северна Македонија“. Иако ова прашање беше дел од сложените преговори со Грција и евроатлантските интеграции на земјата, ваквиот став на турскиот претседател беше уште еден показател за политичката визија и поддршка што Турција традиционално ѝ ја дава на Македонија во однос на прашањата поврзани со идентитетот и државноста. П.Р.
Турција е геополитички фактор
Во современиот меѓународен поредок Турција е една од највлијателните регионални сили. Таа е членка на НАТО од раните години на Алијансата и игра важна улога во безбедносните и политичките процеси на Балканот, Блискиот Исток и Кавказот. Иако западните партнери во последната деценија често ја критикуваат Анкара за авторитарни тенденции и отстапување од некои демократски стандарди, Турција успева да одржи силна позиција во регионалната политика и дипломатија. Со умешна политика на балансирање меѓу различни глобални центри на моќ, Анкара останува фактор без кој тешко се решаваат многу регионални прашања. Еден последен пример за кој пишувавме деновиве е дека Анкара е незаобиколен фактор на мирот и во конфликтот во Иран. И американската и руската страна ја споменуваат Турција како неопходна страна во сценариото во кое за Иран и регионот се предвидува „нов регионален безбедносен механизам“! Што би значело тоа? Имено, во оваа рамка би учествувале Иран, Израел, Саудиска Арабија, Турција, САД, Русија и Кина, како држава фактор од Европа. Турција со другите споменати држави би била еден од гаранторите за спречување директна војна меѓу Иран и Израел, потоа за контрола на вооружените групи во регионот и гаранција за безбедност на морските рути. Некои аналитичари го споредуваат овој модел со европската безбедносна структура што настана по Хелсиншките договори, за што пишувавме деновиве. П.Р.
































