Општина Ѓорче Петров
Општина Ѓорче Петров направи нов значаен чекор во унапредувањето на социјалната заштита и инклузијата на локално ниво, со потпишувањето договор за грант со Министерството за социјална политика, демографија и млади и Светската банка, како дел од третиот јавен повик за развој на социјални услуги.
Партнер во реализацијата на проектот е здружението за поддршка и третман на лица со аутистичен спектар и атипичен развој „Во мојот свет“ – Скопје, давател на лиценцирана социјална услуга со долгогодишно искуство.
Во рамките на овој проект ќе се воспостави центар за дневен престој и индивидуален третман на лица со попреченост, кој ќе овозможи стручна, персонализирана и континуирана поддршка за две целни групи: деца од една до 14 години, кои ќе добиваат рана интервенција и стручна поддршка за говорен, моторен и когнитивен развој и млади лица од 14 до 26 години, за кои ќе се реализираат индивидуални и групни програми за развој на социјални и животни вештини, самозастапување, физичка активност, вклучување во заедницата и подготовка за пазарот на трудот.
Центарот ќе биде сместен во простории во сопственост на општината, кои ќе се адаптираат и опремат со современа опрема – вклучително и пристапен лифт, специјализиран мебел и технолошки помагала за пристапност и комуникација. Услугата ќе ја реализира стручен мултидисциплинарен тим составен од дефектолози, логопеди, психолози и други професионалци, под раководство на здружението.
Пензионерите ќе се дружат во нов клуб
Општина Ѓорче Петров отвори нов пензионерски клуб во просториите на урбаната заедница Мирче Ацев. Со ова, пензионерите од овој дел на општината добиваат функционален и пријатен простор за дружење, рекреација и за секојдневни активности.
Градоначалникот Александар Стојкоски истакна дека вложувањето во подобри услови за пензионерите останува приоритет.
– Нашите највозрасни сограѓани заслужуваат внимание, почит и услови за квалитетен живот. Тие се најактивната група во општината, ангажирани, посветени и секогаш подготвени да дадат придонес во заедницата. Отворањето на овој клуб е чекор кон нивната поголема вклученост и социјализација – рече Стојкоски.
Пензионерскиот клуб ќе служи како отворен простор за реализирање различни програми, културни настани, едукативни и спортски активности за пензионерите.