Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во контекст на продолжението на играта наречена „притисок за уставни измени“, деновиве во македонските медиуми е пласиран своевиден пробен балон преку информацијата за подготвен нонпејпер – документ за албанските партии во Македонија, во кој треба да се „заколнат“ дека нема да коалицираат со субјект од македонскиот (мнозински) политички блок што не ги прифаќа уставните измени. Сите овие претпоставки и гласишта, колку и да се во доменот на некоректното водење политика, наметнуваат барање принципиелен излез од притисокот, односно – како да се изведе целата операција, а Македонија да не биде заложник и жртва на уценувачките бугарски политики?

Меѓународната заедница не се откажува од идејата за спроведување на уставните измени

Иако непристојни, нереципрочни, целосна антитеза на меѓународното право и базичните вредности на ЕУ и ОН, се чини дека бараните измени од т.н. француски предлог за внесување на Бугарите во македонскиот устав ќе бидат тема за притисок од меѓународната заедница и врз новата влада, која би се формирала врз основа на резултатите од претстојните парламентарни избори, кои треба да се одржат на 8 мај годинава.
Таков впечаток и заклучок може да се создаде од раздвижувањата и гласиштата за некаква опција за широка постизборна коалиција, кои струјат во македонскиот политички амбиент откако не се успеа да бидат изгласани уставните измени, пред самитот на ЕУ во декември минатата година. Тоа, според условите наведени во францускиот предлог, секако значеше дека Македонија нема да ги отвори поглавјата во преговарачкиот процес со ЕУ, односно преговорите и понатаму ќе останат неотворени.
Но, ноторно е индикативно што на тој самит на ЕУ ниту една земја од Западен Балкан не напредуваше во евроинтегративниот процес, додека Украина и Молдавија со „итроштини во ЕУ-процедурата“ формално добија статус на земји што можат да преговараат за членство. Дури и Албанија, со која Македонија беше „заплашувана“ дека ќе се издвои во преговарачкиот процес, не ги започна преговорите.
Сепак, се чини дека меѓународната заедница не се откажува од идејата за спроведување на уставните измени за Бугарите во македонскиот устав, и понатаму сметајќи дека тоа е најкраткиот пат за Македонија до ЕУ, и покрај сите сигнали од Брисел дека проширувањето со земјите од Западен Балкан го става на стендбај, како и неприфатливоста на таквите непристојни уцени за најголемиот дел од македонската јавност.

Во контекст на продолжението на играта со притисок за уставните измени, деновиве во македонските медиуми е пласиран своевиден пробен балон преку информацијата за подготвен нонпејпер за албанските партии во Македонија, во кој треба да се „заколнат“ дека нема да коалицираат со субјект од македонскиот (мнозински) политички блок што не ги прифаќа уставните измени. Нонпејперот треба да претставува некаква гаранција дека партиите од албанскиот блок нема да коалицираат со ниту една политичка партија што нема во план да ги внесе Бугарите во преамбулата на Уставот во првите шест месеци по одржувањето на парламентарните избори. Дури со голема сигурност се претпоставува дека тоа е главната причина поради која заменик-државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања, Џејмс О’Брајан, в понеделник, на 22 јануари, ќе слета во Скопје и дека во неговата актовка ќе бидат подготвени неколку нонпејпери за усогласување и евентуално потпишување.
Уште на крајот од 2023 година, по самитот на ЕУ, кога започнаа „гласните размислувања“ за широката коалиција, лидерот на Левица, Димитар Апасиев, анализирајќи ги интересите на различните политички фактори вклучени во оваа идеја, изјави дека таа им „одговара на Западот и на партиските врхушки, но не и на членството на партиите“.
– Широката коалиција ќе ја форсира Западот. За мир во куќа, тоа ним им е најдобра опција… Да, можна е таа опција, но таа опција ја сака само Западот… – рече Апасиев.
Тој вели дека на членството на партиите не му одговара таква опција и дава пример дека „за просечен вмровец е неприфатливо да биде во коалиција со СДСМ“.
– Тоа е некој германски модел што ни го продаваат, но тука не функционира. Сепак дека е можно – можно е од лукративни причини! Да им течат бизнисите, да им биде мирна главата, да си имаат две третини, да си сменат што сакаат да си сменат… Тогаш ќе го стават и албанскиот јазик во Уставот, како што еднаш кажа Касами дека се договорил со Мицкоски… Но разградувањето на нацијата ќе продолжи, и затоа пазете за кого гласате – кажа Апасиев во интервју за македонски медиум пред Нова година.
Според познавачите на политичките текови во Македонија, нонпејперот најмногу би се однесувал на коалицирање со ВМРО-ДПМНЕ, во случај да победи на претстојните парламентарни изборите. Некои аналитичари проценуваат дека ваквиот баран „завет“ од албанските политички партии во Македонија може дури да предизвика и политичка криза, да не може да се формира влада по изборите, и државата да се втурне во бугарско сценарио на постојано повторување на изборите. Сите овие претпоставки и гласишта, колку и да се во доменот на некоректното водење политика, наметнуваат барање принципиелен излез од притисокот, односно – како да се изведе целата операција, а Македонија да не биде заложник на уценувачките бугарски политики.

– Најдобриот начин Македонија да не стане заложник на уцените е да не се прифатат странските притисоци и да се размислува со своја глава. Кога станува збор за нашите евроинтеграции и евроатлантското сојузништво, секогаш треба во преден план да се имаат националните интереси на Македонија. Ако е вистинита информацијата за некаков нонпејпер за албанските политички партии, подготвен од меѓународниот фактор (и тоа наш стратегиски партнер), тоа би било срамно и директно мешање во внатрешните работи на Македонија, во самиот изборен процес и влијание врз изборните резултати. Под таков притисок нема атмосфера за демократски, фер и кредибилни избори. Доколку кој било политички субјект во Македонија има зрел политички кредибилитет, треба да одбие такво влијание. Но изборите ќе дојдат, народот ќе си го каже своето, а никому од меѓународниот фактор нема да му7 служи на чест да го погази и изигра гласот на македонските граѓани – вели политичкиот аналитичар Сотир Костов.