Фото: ЕПА
  • Нобеловиот комитет ги награди тројцата научници Дарон Ацемоглу, Сајмон Џонсон и Џејмс Робинсон за научно фундираното објаснување за тоа „зошто општествата со слабо владеење на правото и институции што го експлоатираат населението не генерираат раст или промени на подобро“. Имено, земјите што ги поддржуваат владеењето на правото и правата на сопственост со текот на времето стануваат просперитетни, додека оние земји во кои се развиваат „екстрактивни институции“, кои, според зборовите на лауреатите, „испумпуваат ресурси од поширокото население во корист на елитите“, постојано искусуваат низок економски раст
  • Минатата година, Ацемоглу и Џонсон – британско-американски професор на МИТ – ја објавија книгата „Моќ и напредок“, поточно студија за тоа како технолошките иновации во изминатите илјада години, од напредокот во земјоделството до вештачката интелигенција, имаат тенденција да им користат на елитите наместо да создаваат просперитет за сите. Авторите предупредија дека „сегашниот пат на вештачката интелигенција не е добар ниту за економијата ниту за демократијата“!

Тројца економисти во понеделникот ја добија Нобеловата награда за нивното истражување за тоа како природата на институциите помага да се објасни зошто некои земји стануваат богати, а други остануваат сиромашни.
Дарон Ацемоглу, Сајмон Џонсон и Џејмс Робинсон ќе ја поделат наградата, која носи парична награда од 11 милиони шведски круни (еден милион долари). Нобеловиот комитет го награди триото научници за објаснувањето зошто „општествата со лошо владеење на правото и институции што го експлоатираат населението, не генерираат раст или промени на подобро“.
– Кога Европејците колонизираа големи делови од Земјината топка, институциите во тие општества се променија – рече комитетот, цитирајќи ја работата на економистите. Додека на многу места ова беше насочено кон искористување на домородното население, на други места ги постави темелите за инклузивни политички и економски системи.
– Лауреатите покажаа дека едно објаснување за разликите во просперитетот на земјите се општествените институции, кои беа воведени за време на колонизацијата – додаде комитетот. Земјите што развија „инклузивни институции“ – кои ги поддржуваат владеењето на правото и правата на сопственост – со текот на времето станаа просперитетни, додека оние што развија „екстрактивни институции“ – кои, според зборовите на лауреатите, „притиснуваат“ ресурси од поширокото население во корист на елитите – постојано доживуваат низок економски раст.
Во нивната книга од 2012 година „Зошто нациите не успеваат“, Ацемоглу, турско-американски професор на Технолошкиот институт во Масачусетс (МИТ), и Робинсон, британски професор на Универзитетот во Чикаго, тврдат дека некои нации се побогати од другите поради нивните политички и економски институции.
Книгата започнува со споредба на животниот стандард во два града наречени Ногалес – еден во Аризона и еден јужно од границата во регионот Сонора во Мексико. Додека некои економисти тврдат дека разликите во климата, земјоделството и културата имаат огромно влијание врз просперитетот на едно место, Ацемоглу и Робинсон тврдат дека оние што живеат во Ногалес, Аризона, се поздрави и побогати поради релативната сила на нивните локални институции. Минатата година, Ацемоглу и Џонсон – британско-американски професор на МИТ – ја објавија книгата „Моќ и напредок“, поточно студија за тоа како технолошките иновации во изминатите илјада години, од напредокот во земјоделството до вештачката интелигенција, имаат тенденција да им користат на елитите наместо да создаваат просперитет за сите. Авторите предупредија дека „сегашниот пат на вештачката интелигенција не е добар ниту за економијата ниту за демократијата“.

Дали демократијата означува и раст?

На прашањето дали нивното истражување едноставно тврди дека „демократијата значи економски раст“, ​​Ацемоглу одговори дека „работата што ја направивме ја фаворизира демократијата“, но додаде дека демократијата „не е лек“.
– Нашиот аргумент беше дека авторитарниот приод е понестабилен и генерално не води кон многу брзи и оригинални иновации – изјави Ацемоглу.
Во нивниот труд под наслов „Зошто нациите не успеваат“, тој и Робинсон тврдат дека Кина иако со респективен економски раст, доколку не развие инклузивни институции, на подолг рок нема да може да го одржи својот економски раст. По повеќе од една деценија од објавувањето на книгата, од таа временска дистанца, Ацемоглу сепак додава дека Кина претставува „мал предизвик“ за тој аргумент, бидејќи динамично „Пекинг внесува инвестиции во иновативните области на вештачката интелигенција и електричните возила“.


Нобеловата награда за економија е востановена од Банката на Шведска за економски науки

Наградата за економија официјално е позната како награда на Банката на Шведска за економски науки во спомен на Алфред Нобел. За разлика од наградите за физика, хемија, медицина, литература и мир, таа не беше воспоставена од шведскиот индустријалец Нобел, туку од страна на шведската централна банка во 1968 година. Минатата година, наградата ѝ припадна на Клаудија Голдин, професорка на Универзитетот „Харвард“, за нејзиното истражување кај жените на пазарот на трудот. Користејќи податоци од САД од повеќе од 200 години, Голдин покажа како природата на родовиот јаз во платите се менувала со текот на времето. Историски гледано, голем дел од јазот може да се објасни со разликите во образованието и занимањето. Но во поновата историја, открила таа, најголемиот дел од јазот е помеѓу мажите и жените во истото занимање и во голема мера се појавува кога жената ќе го добие своето прво дете. Е.Р.