Моментална состојба на езерското крајбрежје во Охрид / Фото: „Емил Јовановиќ

Според Милутин Секулоски, носител на највисокото ниво на меѓународен нуркачки инструктор (инструктор тренер), човекот што направи подвиг обиколувајќи го целиот брег на Охридско Езеро (и на македонска и на албанска страна) и снимајќи ги на видео и регистрирајќи ги подводните промени на критичните длабочини, до 12 метри, каде што се највидливи хидробиолошките (и еколошките) промени, констатира недвосмислено дека „луѓето (човекот) и неодговорниот однос се најголемите виновници за деградација на нашиот езерски, македонски бисер“!

Охридско Езеро под тешка атака на низа силни деградирачки фактори

Според последните официјални мерења на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), нивото на водата во Охридско Езеро е забележливо намалено. Имено, водостојот е на кота од 693,13 н.м.в., што е за 16 сантиметри под просечното ниво за ноември (693,29 н.м.в.). Исто така, споменатиот водостој е 4 сантиметри под природната кота (693,17 н.м.в.) и само 3 сантиметри над минимално дозволеното ниво (693,10 н.м.в.).
Според мислењата на соговорниците со кои се консултиравме, засега оваа појава не е алармантна, иако се приближува кон таа констатација. Ваквиот водостој е последица на подолгиот сушен период, без атмосферски талози, односно дожд. Но, наедно, нашите соговорници предупредуваат дека доколку и во наредниот период не паднат врнежи од дожд или снег, ситуацијата би можела да ескалира со подолготрајни последици за биолошкиот свет во Охридско Езеро.

Намалување на водостојот и поради испуштање на водата во реката Црн Дрим, заради производство на струја

Повеќе соговорници, кои долги години ја следат оваа проблематика, тврдат дека водостојот на Охридско Езеро, освен од сушата, многу зависи и од испустот на водата во реката Црн Дрим во Струга, а заради потребите на акумулациите Глобочица и Шпиље, односно истоимените електроцентрали за производство на електрична енергија. Токму експертите тврдат дека сега и во иднина треба да се воспостават поефикасни механизми од досегашните, преку кои ќе се контролира регулирањето на нивото на водата во езерото што се испушта кај истекот на реката Црн Дрим во Струга за потребите за производство на електрична енергија.
Во разговор со месното население од повеќе села на крајбрежјето на Охридско Езеро, а и со граѓани од Струга и од Охрид, тие велат дека секоја година токму во ова време се регистрира „повлекување на езерото“, односно поголеми крајбрежни површини остануваат суви, но и дека во периодот што следува, кога има поголеми врнежи и снегови, како и поголемо внимание на испустот на водата, езерото се рехабилитира и не настануваат потешки и неповратни последици по живиот свет, а особено по ендемските видови.
Во консултациите со надлежните во АД ЕСМ, тие тврдат дека нема простор за аларм и дека што се однесува до нив, тие будно ја следат состојбата со водостојот на Охридско Езеро. Во тој контекст тие одговорно тврдат дека „со внимание менаџираат со испустот на вода, во согласност со одредбите од водостопанската дозвола“. Тие подвлекуваат дека секојдневно се во тек со нивото на водата и дека „под биолошкиот минимум во никој случај нема да се оди со испустот“.

Забележлив пад на водостојот на Охридското Езеро / Фото: „Емил Јовановиќ

Охридско Езеро во костец со глобалното затоплување, намалувањето на атмосферскиот талог и климатските промени

Според хидрометеоролошките показатели, постои генерален тренд во опаѓањето на количеството на врнежи. Истражувањата покажуваат дека до средината на овој век глобалната температура ќе надмине затоплување од 1,5 Целзиусов степен во однос на втората половина од 19 век. Во Охридскиот Регион, според нашите соговорници од Хидробиолошкиот завод, климатските промени секоја година сѐ повеќе се чувствуваат. И соговорниците од нуркачкиот центар Амфора, кој токму деновиве прославуваше 20 години од своето постоење и чии членови ревносно се грижат за езерото, регистрирајќи секакви деградирачки појави на езерското дно и на водата, во своите евиденции забележуваат дека има промени во крајбрежниот и езерскиот екосистем поради долготрајните сушни периоди во изминативе години и исклучително топлите лета. Оттаму велат дека исклучително многу недостигаат дождовите, па и снеговите во зимскиот период во Охридскиот Регион и во сливот кон езерото, истакнувајќи дека во изминатиот месец се забележани само 55 милиметри воден талог, и тоа изолиран во два дена, а преостанатите денови биле сушни.
Соговорниците од нуркачкиот центар, кои, патем споменато, се во тесна врска и соработка со охридскиот Хидробиолошки завод, велат дека се во чести консултации со експертите и климатолозите, од кои ја пренесуваат информацијата дека токму високите температури во еден подолг период доведуваат до евапорација (испарување) на езерската површина и токму тоа е еден од низата фактори што влијаат на водостојот на езерото. Натаму, во разговорот се издвојува и доскорашниот проблем со високодинамичната урбанизација на крајбрежните населени места по должината на брегот на Охридско Езеро, па се споменуваат и т.н. „топлински острови, кои уште повеќе ќе ги зголемуваат температурите, а исто така силно влијаат и на зголемено загадување на воздухот“, поради „ефектот на лавиринт“.

Човекот е главната причина за деградација на езерото!

Според Милутин Секулоски, носител на највисокото ниво на меѓународен нуркачки инструктор (инструктор тренер), човекот што направи подвиг обиколувајќи го целиот брег на Охридско Езеро (и на македонска и на албанска страна) и снимајќи ги на видео и регистрирајќи ги подводните промени на критичните длабочини, до 12 метри, каде што се највидливи хидробиолошките (и еколошките) промени, констатира недвосмислено дека „луѓето (човекот) и неодговорниот однос се најголемите виновници за деградација на нашиот езерски македонски бисер“!
Нуркајќи по должината на цела линија, по целиот подводен периметар на езерото, Секуловски констатира повеќеслојни промени, за кои секојдневно се обидува да ја запознае македонската и меѓународната јавност.
– Езерскиот екосистем е исклучително сложен, но тој станува сѐ помалку разновиден. Негрижата на човекот кон езерото во секоја смисла причинува промена на условите во него, негова активна деградација. Се забележува значително осиромашување на живата заедница во Охридско Езеро и по бројност и по должината на животниот циклус. Овој процес мора да се спречи, а во најмала рака – битно да се намали девастирачката динамика. Ние во центарот за нуркање „Амфора“, меѓу другото, работиме и на издигнување на еколошката свест кај граѓаните не само од Охрид, Струга и околните населени места туку и од целата наша држава и пошироко. Чести се и нашите подводни екоакции за собирање на фрлениот механички отпад од дното на езерото и се обидуваме резултатите од нашите акции, односно од таа неодговорна активност на човекот за фрлање секаков отпад во езерото, да ја направиме видлива преку медиумите, да допре до секој граѓанин. Неодамна направивме и обука за нуркање за деца, се разбира бесплатна, сѐ со цел да ги обучиме како безбедно да погледнат и под површината на водите и тие да бидат дел од широкиот фронт на еколози и заштитници на животната средина и од најмала возраст да увидат што значи грижа за животната средина, а особено за нашиот македонски езерски бисер – заклучува Секуловски. Н.М.