Во Република Македонија, по прогласувањето самостојност, надвор од југословенската федерација, многу правни и политички предизвици се решавале со ад-хок решенија, заради „надминување опасности на внатрешни (и надворешни) проблеми“ со некакви политички (и партиски) договори, кои излегувале надвор од воспоставеното позитивно право. Со таквите политички еквилибристики често се прекршувал и највисокиот правен акт – Уставот. Исто така, се донесувале и закони што биле спротивни на Уставот, а честопати биле регистрирани поведенија на одредени поединци, политички елити или колективитети, па дури и институции што ги игнорирале/заобиколувале Уставот и законските прописи, па дури и флагрантно кршеле позитивноправни норми, пропишани со важечките акти. Преку сето тоа се поминувало неказниво, селективно, но и со „алиби“ дадено од партиско-политички договори. Неретко, „под одредена закана за појавување на политичко-безбедносна криза“, како и под „стравотен притисок и закани од надворешни центри на моќ“, наводно заради „повисоки цели за мир и просперитет“, а очигледно, од оваа временска дистанца, „во функција на интереси спротивни на националните на Македонија“, привидно се решавале пројавените проблеми
Уставноправниот поредок втемелен врз највисокиот државен правно-политички акт е оној што делегитимира и делегализира противправности (2)
Со игнорирањето, заобиколувањето, непочитувањето, кршењето на најсилните демократски институти што се темел на нашата држава (референдуми, Уставот, законите итн.) нашата држава секојпат тонела сѐ подлабоко во спиралата на беззаконието и кон сѐ поголема нефункционалност на државните институции и државата во целост. Толерирањето на ваквиот феномен ја претвори Македонија во целосно нефункционална држава, на што конечно треба да му се стави крај со рестартирање или ресетирање на системот во сите негови пори. Наѕирањето дека „се зајакнуваат темелите и се почнува со здрава надградба“ вознемири многу поединци и групи што во нефункционалноста на државата и системот видоа лукративна шанса и шанса за тесни квазиполитички бизнис-касти…
Делегитимирање и делегализирање на сѐ што е спротивно на Уставот
На 26 јуни 2025 година Уставниот суд донесе одлука со која ги укина одредбите од методологијата за пописот од 2021 година што правеа поделба на населението на „резидентно“ и „нерезидентно“, за кои сметаат дека не се во согласност со темелната вредност на македонскиот уставен поредок – владеењето на правото.
Според Уставниот суд, директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, ги пречекорил своите овластувања, бидејќи Законот за попис не предвидувал таква категоризација да се врши со подзаконски акт.
– Уставниот суд оцени дека директорот на Државниот завод за статистика ги пречекорил своите надлежности и со подзаконски акт (методологијата) извршил категоризирање на резидентно и нерезидентно население, за што нема законско овластување, бидејќи Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија од 2021 година не предвидува категоризацијата на населението да се разработи со подзаконски акт – велат од судот.
Од Уставниот суд појаснуваат дека поради фактот што станува збор за укинувачка, а не поништувачка одлука, одлуката ќе се применува од моментот кога ќе биде објавена во „Службен весник“ (за подзаконските акти што ќе се носат во иднина), но нема да важи ретроактивно – за веќе спроведениот попис од 2021 година.
За потсетување, иницијативата пред Уставниот суд беше поднесена од Скендер Реџепи, пратеник од коалицијата „Европски фронт“, предводена од ДУИ.
Уставниот суд констатира методологија на пописот од 2021 година спротивна на законот
Констатирајќи спротивност на законот во одредбите од методологијата за пописот од 2021 година, Владата уште веднаш понуди решение за надминување на проблемот. Конкретно, премиерот Христијан Мицкоски предложи нова методологија за електронско попишување, поточно ја оживеа својата претходна идеја за спроведување целосно електронски попис во 2026 година. Премиерот на собраниската седница посветена на пратенички прашања предложи идната година да се спроведе вонреден електронски попис на населението, со прифаќање една изборна единица „веднаш“.
Тој потенцира дека Уставниот суд не може да биде законодавец и не е тој што кажува како треба да се работи, туку се изјаснува по законски решенија.
– Но не може да наметне. Тоа сте вие пратениците и, во одреден дел, Владата. Уставниот суд вели не може да има графа нерезидентно и графа резидентно население, за што ние зборувавме уште за време на пописот, дека тоа не го препознава „Евростат“. Исто како што молевме немојте да го правите ова со францускиот предлог – рече Мицкоски, обраќајќи им се на пратениците.
Тој притоа предложи во 2026 година да се спроведе вонреден електронски попис.
– Ви гарантирам дека со вкрстување на базите 90 отсто од населението ќе го попишеме преку електронскиот попис, а само приближно 10 проценти ќе треба теренски – рече Мицкоски, додавајќи дека е подготвен како претседател на Владата таквиот попис да се направи веќе идната година и за тоа да се предвидат средства во буџетот.
Мицкоски тврди дека тоа е единствениот начин да се добијат точни и реални податоци за населението, врз чија основа ќе може да се креираат долгорочни развојни стратегии. Тој исто така побара да се испита и евентуална кривична одговорност за спроведувањето на пописот од 2021 година.
Предлогот за електронски попис доби поддршка од коалициските партнери во Владата. Максим Димитриевски, претседател на движењето ЗНАМ, ја поздрави иницијативата, нагласувајќи ја важноста од прецизни податоци за државата. И од коалицијата „Влен“, која ги претставува Албанците во власта, дојде поддршка за нов попис, оценувајќи го претходниот од 2021 година како „политичка измама“ и „предавство“ на Албанците, организирано од СДСМ и ДУИ.
Од друга страна, Демократската унија за интеграција (ДУИ), сега во опозиција, жестоко реагираше на најавите за нов попис.
Сите што постапувале надвор од своите овластувања, не почитувајќи ги правните прописи, неселективно да бидат повикани на одговорност
Досега во повеќе наврати е констатирано дека поради партиски директиви, претходниот состав на Уставниот суд (и не само Уставниот суд, туку и низа институции од судската и извршната власт) чуваше во фиока многу спорни закони, не се изјаснуваше, а во меѓувреме промените се случуваа. Така, спротивно на утврдените и важечки правни норми, помина територијалната поделба, незаконски беше избран претседател на Собранието во 2017 година, по што по автоматизам сите одлуки донесени од такво собрание за Уставниот суд требаше да бидат неважечки. Спротивни на Уставот беа и промената на името и пописот, но и францускиот предлог, Законот за употреба на јазиците, така што во целиот овој период кога се случуваа крупни внатрешни интервенции со кои се менуваше карактерот на државата, неодговорните поединци и институции дејствуваа повеќе како соучесници во тие процеси на правно и политичко дезавуирање на Р Македонија.
Она што е ново е дека сегашниот состав на Уставниот суд веќе ги дијагностицирал како опасни антисистемски елементи предметите за кои констатираше дека и самиот ги игнорирал и дека биле и се надвор од законот. Сега овој состав на Уставниот суд би требало да направи правна ревизија на препознаените противуставни закони и подзаконски акти, да направи, ако треба, „враќање во поранешната состојба“ и како највисока независна институција во правниот систем да покаже дека сите тие противправни акти, спротивни на основниот највисок правен акт, токму врз основа на Уставот – ќе бидат делегитимирани, ќе бидат ставени надвор од правниот сообраќај, а некои ќе бидат прогласени за ништовни… доколку сакаме да имаме правна држава. Од исходот на еден длабок принципиелен рез ќе зависат довербата на граѓаните во институциите и целокупниот правец во кој би требало да се движи државата.