Со имплементација на Охридскиот договор во Уставот и законите, како што е одредено во самиот документ (три анекси: анексот А за уставни амандмани, анексот Б за измени во законодавството и анексот Ц за имплементација и мерки за градење доверба), практично беше спроведена целосна реконструкција на уставниот поредок на Македонија. Беше спроведена и своевидна територијална децентрализација, со преголема доминација на етничкиот принцип, а функционалноста на административниот и државниот систем стана условена со принципи, правила и инструменти за етничка (пре)коретност, наречени „бадентер“ и „балансер“, наместо мерит-системот на професионална компетентност и квалитет, што создаде еден феномен во македонското општество – да се добива плата во државната администрација без воопшто да се оди на работа
Охридскиот рамковен договор, 23 години по потпишувањето
Денот на потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, 13 август 2001 година, се чини дека од сите политички чинители во Македонија најмногу го „паметат“ во ДУИ. Го паметат и го одбележуваат, обидувајќи се да го нагласат и наметнат неговото „национално значење“, што обично се сведува на теснопартиска прослава со средства од државниот буџет. Според вознемирените реакции од ДУИ, годинава тие средства биле скратени од новиот министер за политички систем и односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ. Одбележувањето со тенденција за прослава, ДУИ сепак ќе го спроведе денеска (13 август 2024), со свеченост во еден скопски хотел.
Парадоксот во постоењето на Охридскиот рамковен договор
Дваесет и три години по потпишувањето на Охридскиот договор, тој на интернет-енциклопедиите најкратко се дефинира како „договор за внатрешното уредување на малцинските права во Република Македонија, потпишан на 13 август 2001 година помеѓу претставниците на тогашните најголеми политички партии и специјални претставници на ЕУ и на САД“. Охридскиот договор е склучен во текот на ескалацијата на насилства помеѓу етнички албанската ОНА и македонските вооружени сили во конфликтот од 2001 година. Поради тоа, многу граѓани, особено од македонска националност, го сметале (сметаат) договорот за насилно изнуден и неприфатлив.
Со имплементација на Охридскиот договор во Уставот и законите, како што е одредено во самиот документ (три анекси: анексот А за уставни амандмани, анексот Б за измени во законодавството и анексот Ц за имплементација и мерки за градење доверба), практично беше спроведена целосна реконструкција на уставниот поредок на Македонија. Беше спроведена и своевидна територијална децентрализација, со преголема доминација на етничкиот принцип, а функционалноста на административниот и државниот систем стана условена со принципи, правила и инструменти за етничка (пре)коретност, наречени „бадентер“ и „балансер“, наместо мерит-системот на професионална компетентност и квалитет, што создаде еден феномен во македонското општество – да се добива плата во државната администрација, без воопшто да се оди на работа.
– Мораме да се потсетиме дека Охридскиот рамковен договор е документ што е потпишан од четворица партиски лидери, кој не е ратификуван во Собранието, ниту е објавен во „Службен весник“, иако е формално парафиран од претседателот на државата. Ако повторно се чита Охридскиот рамковен договор, ќе се види дека тој е само за еднократна употреба (пред сѐ за прекинување на воената агресија од Косово) и со неговата имплементација во Уставот и законите, тој веќе нема никаква важност. Меѓутоа, ние, очигледно под диктат на меѓународниот фактор, формиравме и Секретаријат за имплементација на овој договор, чија очигледна цел беше тоа да биде скриена бомба, преку која ќе се манипулира иднината на Македонија, со постојани меѓуетнички закани. Всушност, тоа ни се случува до денес. Единствено трајно придобивка во тој договор е унитарниот карактер на државата, која секојдневно, на еден или на друг начин се игнорира – вели поранешниот македонски дипломат Ристо Никовски.
Постојани тенденции и притисоци за проширување на „рамката“
Уште на самиот почеток на текстот, Рамковниот договор целосно и безусловно ја отфрла употребата на насилство за остварување политички цели.
– Само мирни политички решенија можат да ја гарантираат стабилната и демократска иднина на Македонија. Суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија и унитарниот карактер на државата се неповредливи и мора да се сочуваат. Не постојат територијални решенија за етничките прашања – се наведува во текстот на Охридскиот рамковен договор. Во тој контекст, договорот предвидува целосен прекин на непријателствата, разоружување на етничките албански вооружени групи и нивно целосно распуштање.
Иако конципиран за еднократна употреба, рамката на Охридскиот договор се чини дека низ годините се претвори во политички предизвик за проширување, односно за политичка „трговија“. Па како резултат на еден таков „процес на политичко договарање“ – Македонија доби и Закон за употреба на јазиците, неусогласен со Уставот, кој сериозно имплицира двојазичност во државата.
– Рамковниот договор, кој беше еднократен договор за мир, чии одлуки беа вградени во Уставот, имаше цел да воспостави мир по една конфликтна ситуација, да обезбеди услови за понатамошен демократски развој, односно да ги врати државата и институциите во рамките на демократските стандарди. Но во Македонија ваквите еднократни решенија стануваат институции, кои продолжуваат да имаат свој посебен живот, дури и кога се надминати состојбите поради кои се донесени и стануваат извор на неправо. Кога продолжуваат да опстојуваат овие решенија за еднократна употреба, стануваат рак-рана на општеството. По завршувањето на нивната улога, тие треба да отидат на полиците на историјата, а не да бидат извор на право. Изворот на правото се Уставот и законите! – вели универзитетската професорка Мирјана Најчевска.
Закани со радикализација на безбедносната состојба во Македонија за „воскреснување“ на Охридскиот рамковен договор
Откако не беше земена предвид за коалицирање во извршната власт, по мајските парламентарни избори, партијата ДУИ повторно се ангажираше за ново рециклирање, читање и „дополнување“ на Охридскиот договор, во кој бара „основа“ за трајно да биде дел од власта. За конструирање на таква нова законска платформа за легализирање на политичката формулација смислена во партијата – „етнички легитимитет“, ДУИ го ангажираше американскиот адвокат Пол Вилијамс, кој го претставува како автор на Охридскиот договор. Сепак, учесниците и проследувачите на настаните околу преговорите за Охридскиот договор го паметат Пол Вилијамс само како советник на тогашниот лидер на ДПА, Арбен Џафери.
Во таков контекст, портпаролот на ДУИ, Арбр Адеми, изјави дека партијата од септември излегува на терен, откако на Централното претседателство во Мала Речица бил разгледан нацрт-драфтот на американскиот експерт Пол Вилијамс, кој беше ангажиран од интегративците за да изнајде решение за почитување на легитимитетот и мнозинството. Адеми најави дека нѐ очекува бурна и турбулентна есен, по неколку претходни најави дека ДУИ дури и ќе протестира пред институциите за да си го добие „етничкиот легитимитет“. Најавата за протести, во политичко-аналитичките кругови во Македонија, предизвика претпоставки за организирање некаква албанска „шарена револуција“, со потенцијал за немири и безбедносна загрозеност.