Како Преспанскиот договор ги легитимира соседските претензии кон Македонија
Интензитетот и динамиката на настаните во македонско-бугарските билатерални односи во изминативе три-четири години како да придонесоа Преспанскиот договор со Грција да биде тргнат од фокусот на јавната опсервација. Но никулците што изникнуваат од него се внедруваат сѐ повеќе и подлабоко во општествено-политичкиот живот на земјава, а сите појави и настани што задираат во името, идентитетот, македонската историја, јазик, наследство, всушност имаат референција во договорот од Нивици и политички интерферираат со него. Неодминлив впечаток на политичките аналитичари е дека Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство со Бугарија, всушност, се комплементарни. Наедно, тие и се дополнуваат во смисла на временско и просторно ограничување на македонскиот национален идентитет и историја.
Македонија направи отстапки на своја штета, не само за она што беше уценета и притисната туку и за елементи што ниту се бараа од неа
Политичките аналитичари често наведуваат дека бугарските агресивни претензии, барања и уцени „се разбудија и активираа токму со потпишувањето на Преспанскиот договор“, а формално се заокружија преку Договорот за добрососедство.
Токму во овој контекст, наши соговорници дипломати брифираат за една интересна констатација искажана од страна на грчки дипломати. Имено, дека „тие биле толку умешни во дипломатијата што добиле од Македонија концесии (отстапки) и за работи што воопшто не ги барале!“
Во таквиот контекст, бугарските дипломати од своите грчки колеги барале и совети „како своите барања преку Договорот за добрососедство поефектно да ги реализираат, а пред Брисел и пред јавноста тоа да биде спакувано дека тие заедно (Софија и Атина) работат на подобрување на добрососедските односи и побрза интеграција на С. Македонија во ЕУ“.
Во комплицираната трилатерала на соседски односи меѓу Македонија, Грција и Бугарија, обременето со оспорување и признавање национални идентитети (македонскиот), но и различни историски интерпретации на случувања од минатото, поранешниот грчки министер за надворешни работи Јоргос Катругалос го коментира барањето на Бугарија, Македонија да ги избрише од книгите по историја деловите каде што се спомнува бугарски фашистички окупатор.
– Кога станува збор за односот меѓу Бугарија и С. Македонија треба да има дух на отворен дијалог и почитување на историјата на другиот. Не можеме да ги негираме историјата и идентитетот на оној што е во дијалог со нас – вели Катругалос и додава дека поддршката на личности поврзани со фашистичкиот режим што се случува во последно време е против вредностите и принципите на Европа.
– Но ова не се случува само на Балканот туку и во другите делови на светот. Гледам сега почнаа да се поставуваат спомени на нацистички или пронацистички личности. Сметам дека тоа е нешто против европските вредности – порачува Катругалос.
Со Преспанскиот договор ја пресековме поврзаноста со македонскиот атрибут
– Односот на Грција спрема македонско-бугарскиот спор треба да се гледа од најмалку два аспекта. Едниот аспект е дека формалноправно, Грција со Преспанскиот договор ги реализира своите зацртани национални интереси и цели во однос на Македонија. Нам во Македонија ни го одзеде националниот атрибут – македонски, во однос на именувањето на националниот идентитет, јазикот, историјата. Со Преспанскиот договор ја пресековме поврзаноста со македонскиот атрибут. Во поглед на историјата, не ни е одземено само правото на поврзаност со античката историја туку и со нововековната историја во која е сместен процесот на македонската национална преродба. Според Преспанскиот договор, не можеме да се повикаме на оние личности од македонската преродба што биле родени и што дејствувале на територијата на Егејска Македонија, а имплицитно и од Пиринска Македонија. Со Преспанската спогодба им се даде легитимитет и на други договори, од аспект на македонската национална содржина, што Грција ги имала потпишано со Бугарија, по Првата светска војна, како Нејскиот договор и Договорот од Лозана, за размена на население. Тие договори се последица на воени времиња. Со Преспанскиот договор, она што се случувало со Македонците меѓу двете светски војни, грчката окупација на териториите со македонско население, добиваат еден вид легитимитет – вели историчарката Наташа Котлар-Трајкова од Институтот за национална историја.
Котлар: Грчката и бугарската надворешна политика се синхронизирани, пред сѐ во настојувањата да докажат дека не постои македонски народ како суверен во својата држава
Навистина, односот спрема фашизмот не е опфатен во Преспанскиот договор, веројатно поради фактот што и Македонија и Грција во Втората светска војна биле под фашистичка окупација, од исти окупатори, Германија, Италија и Бугарија. Но, според професорката Котлар-Трајкова, за периодот од Балканските војни до Втората светска војна, и грчката и бугарската надворешна политика се синхронизирани, пред сѐ во настојувањата да докажат дека не постои македонски народ како суверен на својата држава.
– Балканските држави се производ на големите сили, на нивните интереси и влијанија на овој простор. Тие балкански држави, во зависност од околностите биле спротивставени една на друга или, пак, во сојузи, но заедничкиот момент во надворешните политики на Грција и Бугарија низ историјата се заложбите да се постигне непостоење на македонскиот народ, како реалност и потенцијал да биде суверен на своја држава. Во Грција се свесни дека добија многу со Преспанскиот договор и не сакаат Бугарија да им го расипува тоа. Сепак, од друга страна на Грција ѝ одговара Бугарија да го проблематизира македонското национално постоење, со што тие, Грците ќе бидат единствени наследници на македонскиот атрибут. Грција ѝ остава простор на Бугарија за историски ревизионизам спрема Македонија. Ги премолчуваат спорните моменти во меѓусебната историја и мудро го следат развојот на настаните. Затоа, ние како Македонци не знаеме што може да дојде од грчка или од бугарска страна во наредната фаза на нашите преговори со ЕУ – вели историчарката Наташа Котлар-Трајкова и нагласува дека особено лош момент од Преспанскиот договор е тоа што со него се анулира асномскиот печат на македонската држава, кој е потврда дека само македонскиот народ се изборил самостојно, од сите балкански држави, за својата државност.